❈ ✣ ❈
„Словото за крстот е безумство за оние, што гинат, а за нас, кои се спасуваме, сила Божја“ (1. Кор. 1, 18).
Кога незнабожечкиот свет немилосрдно се стремел, со оган и со меч да го избрише христијанството од земјата, меѓу самите цареви – гонители, промислата Божја подготвувала цар – избран сад на благодатта Божја, кој бил неприкосновен покровител на Црквата Христова и кој смело и непоколебливо се оттргнал од незнабожечките суеверија приближувајќи се кон Христа, Вистинскиот Бог. Пред царевите очи, се прикажувало јунаштвото на христијаните и нивното непобедливо трпение, заради љубовта Христова. Токму ова христијанско јунаштво, ја разгорело љубовта кон Бога во Константиновото срце. Така, како непобедлив сојузник во битките со незнабожечките цареви, нему му послужил Крстот Христов, кој со својата сила го поткрепувал во тешките походи против демоните, против тешкиот јарем поставен од непријателите на христијанството. „Со ова ќе победиш!“ – пишувало на посјајниот од сонцето, крст, кој во видение, му се појавил на царот Константин и со чијашто сила, тој ја објавил слободата на христијанството. Народот можел слободно да Го слави Бога и Творецот на сѐ, сиромашните и бедните биле примани под царско покровителство, по сите градови настанало востановување и обновување на празниците, а епископите без пречки се собирале и решавале за прашањата околу верата и верскиот живот. Никој не смеел да хули на името Христово, ниту да ги мачи христијаните, а секој кој сакал да се вброи во редот на светиите, можел слободно да прими крштение. И не настанала радост само во Римската империја, туку и во целиот свет, бидејќи престанале прогонствата. Царот не само што им ги вратил на Црквата сите имоти, кои им биле одземени од страна на гонителите, туку уште и ги подарил најголемите зданија, наречени базилики, кои како велелепни царски дворови, биле претворени во христијански храмови. Самиот Константин бил длабоко посветен на Бога и горел од љубов кон Него, така што сметал дека на христијаните им доликува да Го слават Спасителот во најрепрезентативните згради од тоа време.
Самиот велел: „Јас цврсто верував, дека сум должен да Му ја принесам на Бога сета душа своја, сѐ со што дишам, сѐ што постои во длабочината на мојот ум“.
Тој во христијанството гледал најважна поткрепа за своето царство, суштинска сила за напредок на својата држава, која според неговите зборови, е должна да оди по патот на слободно, непринудно, придобивање на Царството Божјо, уште овде на земјата и во тој поглед да укажува и обезбедува услови за воспитување и усовршување на човечкиот род, во духот Христов.
Царицата Елена, пак, мајката на царот Константин, со младешка брзина се упатила кон Истокот, во Светата Земја, за да се поклони на местата, каде што оделе нозете на Спасителот. Таму таа затекнала голем пустош, бидејќи незнабошците, од омраза кон христијаните, разрушиле многу светилишта, и многу светињи закопале и уништиле. Самиот гроб Христов бил прекриеб со ѓубре, а до него бил подигнат идолопоклонички храм на сладострасниот демон на љубовта - Венера, кој ревносната царица го разрушила. Под урнатините на ова развратно место по Божја промисла, бил пронајден Животворниот Крст Христов, на кого Елена со неопислива радост му се поклонила.
Но, ние денес, живееме во еден свет, во кој доминира духот на непријателство спрема крстот. Во овој свет, кој за свој идеал го има самољубието, кој е без морал, во кој најважно е да се задоволат страстите и да се живее развратно, за жртвата и љубовта нема место. Денешниот свет не сака да слушне ништо за воздржание, за господарење над страстите, за пожртвуваност, за пост и молитва. Живее во трулеж и смрт, во здодевност и празнина, се забавува но, не се радува. Во суштина го одбива крстот и токму затоа не се среќава со Христа. Навистина, добро забележал о. Александар Шмеман – дека дури „ хорот радосно ќе пее: “Крстот на царевите им е држава, крстот - е убавина на вселената”... околу храмот ќе бучи огромниот град, без учество во ова скриено торжество, и милиони луѓе, рамнодушни кон крстот, ќе продолжат да си го живеат својот секојдневен живот, со неговите немири, интереси, радости, таги, не имајќи никаков однос со она што се извршува во храмовите“. Денеска светот не сака да го земе крстот свој и да Тргне по Бога. Зошто? Затоа што крстот ги плаши, и им го одзема страсното задоволство и угодувањата. Затоа што од оној, кој ќе го земе крстот свој, се бара да го носи постојано, бидејќи секој што тргнал по Христа без крстот свој, не е достоен за Него, и неговата љубов спрема Богочовекот не е изворна и не вреди ништо. Таквиот човек приличи на човекот од евангелската парабола, кај кого семето било посеано на каменито место, така што тој, откако го слушнал словото Божјо, со радост го прифатил но, бидејќи непостојан и тврд во срцето свое, штом настапиле првите искушенија, веднаш се соблазнал, Го напуштил Христа Бога и слегол од крстот свој. Зар на сите нам не ни се случуваат разни испитувања во верата, зар на сите нам не ни се случило да страдаме заради загубата на ближните, имотите, неостварените планови и разни други несреќи? Но, додека едните во плач Му пеат на Бога со приклонети глави, просејќи од Него богата милост и сила за избавување од непријатностите, оние надвор од Црковната ограда роптаат и хулат извикувајќи: „Зошто мене ова ми се случи“, „Бог не постои, бидејќи не помисли на мене во тешкотиите“, како и слични други изрази, кои секојдневно ги слушаме. Никој од нив не погледнал во себеси за да види дека внатре во него нема ништо, што би го приближило до Бога, па можеби и затоа Бог му испраќа искушенија, како би го приклонил кон себеси, зашто „Господ е блиску до оние со скрушено срце“ (Пс. 33, 19). Самиот Спасител рекол: „Со него ќе бидам во неволјите“ (Пс. 90, 15).
Ако само малку повнимателно погледнеме, ќе забележиме дека сите современи страдања имаат извор во развратниот живот. Овој свет, кој што го одбива Крстот Христов, постојано се среќава со оние појави, кои се последица од неговата борба против крстот, а тие последици се: наркоманија, депресија, блудство и разни други пороци, кои се обележје на нашето време. Светот во својата битка мисли дека Го победил Бога, со тоа што Го одбил но, дали е тоа така? Зарем Бог може да биде победен? Зарем може да се победи Оној, со чија што помош светиите ги победуваат демонските напади?
Царот Константин со крстниот знак ја обележал целата територија, а од клинците Христови, со кои Он беше прикован на Крстот, си направил шлем за главата своја, кој го штител од непријателските напади. Со својата вера во крстниот знак, во Христа Спасителот, тој ја сотрел сета војска на поробителите на христијаните. Денес, повеќето луѓе не се ни осенуваат со крсниот знак, поминуваат покрај храмот Божји и не застануваат, зашто сметаат дека влегувањето во него е нешто застарено. Тие не сакаат ни да се запрашаат што свештеникот говори внатре. Родителот - атеист му зборува на своето дете дека не е убаво често таму да влегува. Се плаши дека неговото дете ќе стане „син на светлината“, а ропта кога последицата од таквото негово однесување го претвора неговото дете во „син на темнината“. Многумина не знаат што означува крштението и на каква одговорност тоа нас нѐ повикува. Сите денес зборуваат за економската криза, а никој не се запрашал од каде таа доаѓа. Никој не сака ниту да чуе дека истата е последица на моралната криза на човештвото. Ѓаволот успеал да ги убеди луѓето дека ако го земат сопствениот крст, ќе бидат „заостанати“, дека нема да напредуваат и опстанат и дека ќе бидат злоупотребени, па како лек против тоа им предлага тие да бидат оние што ќе ги злоупотребуваат ближните. Неретко се слуша онаа добро позната реченица „со крстот на челото никаде не се оди“, но отфрлајќи го крстот на својот живот, ние го отфрламе животот, моќта и заштитата Божја.
Дали оние кои се борат против Христа Бога и крстот Негов, знаат дека слободата на христијаните е постигната, благодарение на пламениот христијански дух на царот Константин, а светињите, моштите и иконите кои беа запленети од непријателите на светиите, биле вратени во Црквите и манастирите, во служба на нашето спасение, благодарение на царицата Елена? Каков труд и каква добродетелна вера, какво достигнување за нас и за идните генерации!
Сите ние треба да се вооружиме со силна вера во Христа Бога, па така Он ќе ја излее Својата огромна милост кон нашиот благочестив народ. А крстот во нашите раце, по молитвите на свв. цареви Константин и Елена, ќе ја благослови нашата татковина, која отсекогаш верно Го љубела Бога. Само така поткрепени со благодатните сили и љубовта Божја, ќе можеме да го подигнеме крстот и радостотворно да извикаме: „Со ова ќе победиме“.
Извор: Бигорски мнастир