Со векови на денот на Воздвижението, односно Воздигнувањето на Чесниот Крст, архијереите, стоејќи среде црквата, окружени од мноштвото свештеници, го издигале Крстот високо над главите на соборот на верни, додека хорот во тоа време громогласно пеел „Господи, помилуј!” Тоа бил празникот на христијанското царство, кое се родило под закрилата на Крстот, во денот кога царот Константин го видел Крстот над кој пишувало:: „Со ова ќе победиш…” Тоа е благден на победата на христијанството над царствата, културите и цивилизациите, светден на оној христијански свет кој се распаднал, се распаѓа пред нашите очи.
Да, и оваа година, како и секоја, ќе се изврши овој торжествен древен обред. И хорот радосно ќе пее: „Крстот е сила на царевите, крстот – е убавина на вселената”. Но околу храмот во кој служиме ќе трешти огромниот град, кој е рамнодушен кон денот кој се празнува, градот кој нема апсолутно никаква врска со славата што се слави. Милионите луѓе ќе продолжат да си го живеат својот секојдневен живот, со неговите грижи, интереси, радости, таги, немајќи никаков однос со она што се извршува во храмовите. Зошто се осмелуваме да ги повторуваме овие зборови на победата, повторувајќи ги пак и пак за Крстот, дека тој е – неуништлива победа?
За жал, треба да се признае дека многу Христијани не би знаеле да одговорат на овие прашања. Повеќето Христијани како да се навикнале на тоа, Црквата да биде изгонета на маргините на животот, да биде протерана од културата, од животот, од училиштата – од секаде. Многу Христијани се задоволни со тоа што со презир им е дозволено да ги „исполнат своите обреди”, под услов да се однесуваат тивко и послушно, да не му пречат на светот да го гради својот живот – обезбожен, обесхристовен, обезверен, обезмолитвен. Ваквите изморени Христијани, веќе и не се сеќаваат што рекол Христос ноќта пред Распетието: „Во светот ќе имате жалости, но не плашете се, зашто Јас го победив светот”.
Воздвижение
Но, ми се чини, нашето славење на Воздвижението на Крстот, повторувањето на древните зборови на победата и торжеството, сето тоа не е за само да си спомнеме за победата во минатото, да си спомнеме за тоа што било и што повеќе не е. А за тоа, би требало подлабоко да се водлабочиме околу смисолот кој овој збор – зборот „победа” го има во христијанската вера.
Можеби, само денес, кога сме лишени од надворешната сила, надворешната победа, подршка од власта, небројни богатства, лишени од сѐ она што се чинело символ, знак на победа, – ние сме способни да сфатиме дека, можеби, се тоа и не била вистинска победа.
Да, со злато, сребро и скапоцени камења бил украсен оној Крст кој преку рацете на свештениците се издигал над човечката толпа, но ниту златото, ниту среброто, а ниту скапоцените камења не се способни да го затемнат вистинскиот и првичен смисол на Крстот: орудие за страшна и мачна казна, на кое со клинци бил закован осуденикот, кој умирал задишан од бол и жед, бивајќи отфрлен од сите.
Да собереме храброст, и да се запрашаме: „Зар не згаснале поради тоа сите тие христијански царства и култури, зар не се превртела во пораз победата, токму поради тоа што ние, Христијаните, сме станале глуви и слепи за крајниот смисол, крајната содржина на Крстот како главен символ на Христијанството, што помисливме дека со злато и сребро може да го потиснеме суштинскиот смисол на Крстот, што помисливме дека она што Бог го бара од нас е – просто славење на минатото?
Но да се почитува Крстот, да се подигне, да се пее за Христовата победа на благденот на Воздвижувањето на Чесниот Крст, значи, пред сѐ, да се верува во Распнатиот Христос, да се верува во тоа дека крсниот знак е знак на еден сепотресен, и истовремено, сеединствен пораз, кој – само во силата на овој пораз, само во мерата во која го примаме како пораз – станува победа и торжество.
Не, Христос не дојде во светот за да донесе некаква надворешна победа: Нему при рака Му беше сета сила на Царството Божјо, но Тој се одрече од неа. Во моментот на Неговото предавање на смрт, Тој рече: „Зар мислите дека Јас не можам да измолам од Мојот Отец да ми испрати легиони на ангели, кои би ме заштитиле?” (Мт. 26,53). Но никогаш Христос не беше повеќе Цар отколку тогаш, кога – бивајќи окружен со злобната и занишана толпа која Го хулеше – се искачуваше кон Голгота, носејќи го на грбот Крстот Свој. Никогаш не беше толку очигледна Неговата царственост и царска сила, како во оној час, кога Пилат Го изведе пред толпата, облечен во багреница, осуден на срамна смрт како престапник, со трнов венец на главата, кога Пилат рекол на збеснатата толпа и’ рече: „Еве ви Го Царот ваш!”
Бидејќи, каде се наоѓа сецелата тајна на Христијанството, а со тоа и неговата победа, ако не во радосната вера дека преку отфрлениот, распнатиот и осудениот Христос, во светот засветли љубовта, се откри Царството Божјо над кое никој и ништо од светот нема власт? Сѐ што треба да направиме, е да Го прифатиме Христа – со сето наше срце, со сета наша вера, и со сета наша надеж. Ако го нема ова, секоја наша надворешна победа останува сосем бессмислена.
И можеби тој надворешен пораз на христијанскиот свет, тоа осиромашување и отфрлање, на некој начин ни биле и неопходни, за да се очисти нашата вера од секоја земна надменост, од надежта на надворешната сила, на надворешната победа. За да се очисти нашето видување на Крстот Христов, кој се вознесува над нас и над светот, дури и кога ние и светот не го гледаме.
Се крева и победува Крстот Христов, без разлика на сѐ. „Крстот е убавина на вселената”. И во каква и темнина да се наоѓа човекот, колку и навидум во светот да торжествува злото надворешно, срцето на христијанинот го познава и слуша гласот Христов кој говори: „Не бојте се, оти го победив светот!”.
Отец Александар Шмеман
Извор: http://pravoslavie.mk.