логоFacebookTwitterYouTubeeMail

Калистос Вер

„Најважно е“, вели св. Теофан Затворник, „да се застане пред Бога со умот во срцето и постојано да се стои пред Него, ден и ноќ, до крајот на животот.“

Во концизната, но далекусежна дефиниција на заедништвото со Бога, св. Теофан истакнува три работи:
- прво, суштината на молитвата: да се застане пред Бога;
- второ, силата со која човечката личност го нуди заедништвото со Бога: со умот во срцето;
-  трето, времето најпогодно за молитва: постојано, ден и ноќ, до крајот на животот.


Стоење пред Бога
Значи, како прво, да се моли значи да се стои пред Бога. Забележете ја веднаш сеопфатноста на дефиницијата на св. Теофан. Да се моли не значи само да се бара нешто од Бога; не е потребно, дури, ни да се искажуваат зборови зашто, често, најдлабоката и најсилна од сите молитви едноставно е чекањето на Бога во тишина. Но, без оглед дали се молиме со зборови, преку симболични и светотаинствени дејства или во тишина, нашиот основен став е ист: ние стоиме пред Бога.

Да застанеме пред Бога: ова подразбира дека молитвата е соочување, средба меѓу личности. Целта на молитвата не е само да се побудат емоциите и да се пре-дизвикаат соодветни морални ставови, туку да се влезе во директен и личен однос со Бог Света Троица. „Како што пријател зборува со пријател“, пишува св. Симеон Нов Богослов, „ние зборуваме со Бога и со самодоверба стоиме пред лицето на Оној Кој престојува во недостапна светлина.“ Тука св. Симеон накратко посочува на двата пола на христијанската молитва, двата спротивни аспекта на овој личен однос: Бог „престојува во светлина недостапна“, а ние, човечките битија, „со самодоверба“ Му се доближуваме и зборуваме со Него „како што пријател зборува со пријател“. Бог е над сите битија, бескрајно оддалечен, неспознатлив, „Целосно Друг“, мѕстериум тремендум ет фасцинанс. Но овој трансцендентален Бог во исто време е и Бог на лична љубов, особено близок, Кој е околу нас и во нас, „Кој е сеприсутен и Кој ги исполнува сите нешта“ (православна молитва кон Светиот Дух).

Во молитвата, значи, христијанинот стои пред Бога со двостран однос, свесен за „блискоста и за различноста на Вечниот“, да ја употребиме фразата на англи-канскиот писател кој чувствувал длабока љубов спрема православието, Ивлин Андерхил (Евелин Ундерхилл). Кога човек се моли, ја чувствува милоста и правичноста на Бог, Неговата добрина и строгост (Псалм 100:1; Рим. 11:22). До крајот на нашиот земен живот ние постојано се наоѓаме меѓу довербата и стравопочитта: со зборовите на св. Амвросиј, оптински старец, „меѓу надежта и стравот“. Овој двостран однос упадливо се јавува во литургиските служби на Православната Црква, и во своја најдобра форма доаѓа комбинирајќи ги двата квалитета ‡ на таинството и на природ-носта: да го цитираме уште еднаш Ивлин Андерхил: „...толку длабоко свесен за тајната на Натсуштествениот, а така детски во својот самодоверлив приод.“

Во литургиските текстови на христијанскиот Исток овие контрастни чувства на надеж и на страв, на доверба и на стравопочит, постојано се едно покрај друго.

Светите Дарови се „животодавни и страшни тајни“. Повикувајќи ги луѓето да пристапат кон путирот, свештеникот вели: „Со страв од Бога, со вера и со љубов пријдете“ -  стравот и саканата вера одат рака под рака. Во молитвата пред причеста, што му се припишува на св. Симеон Нов Богослов, ги користиме следниве зборови:
Радувајќи се и треперејќи,
Јас, кој сум слама, го примам Огнот
И -  чудо неверојатно!
Неискажливо сум возобновен,
Како некогаш грмушката
Што гореше, но не согоруваше.

„Радувајќи се и треперејќи“: токму такво треба да биде нашето држење кога стоиме пред Бога. Нашата молитва треба да биде проткаена со јасно чувство на почит и со грижа на совеста, зашто „страшно е да се падне во рацете на живиот Бог“ (Евр. 10:31); и, исто така, со чувство на простота и срдечна едноставност, зашто живиот Бог е наш брат и наш пријател. Кога се молиме, ние истовремено сме робови пред престолот на небесниот Цар, и деца што се среќни што се во домот на својот Татко. Солзите што ги пролеваме пристапувајќи кон причеста се солзи на покајание, зашто ја спознаваме сопствената недостојност-  „Јас, кој сум слама“- и солзи на радост, додека го созерцаваме Божјото благонаклонето милосрдие. „Оние што го вкусиле дарот на Духот“, се вели во Омилиите на Макариј, „се свесни истовремено за две нешта: од една страна, за радоста и за утехата; од друга, за трепетот, стравот и за жалењето“. Двете чувства истовремено треба да ја карактеризираат нашата молитва ако стоиме правилно во божественото присуство.


Со умот во срцето

На второ место, да се моли значи да се стои пред Бога со умот во срцето. Тука, меѓутоа, е потребна претпазливост; зашто, кога св. Теофан -  и православното предание воопшто -  ги користат овие два збора, „ум“ и „срце“, тие ги користат на начин кој значително се разликува од значењето што вообичаено им се припишува во современиот Запад. Под „ум“ или „интелект“ (грчки -  νους) не се подразбира само- или примарно-  расудувачкиот ум, со својата моќ за дискурзивна аргументација, туку, исто така, и тоа многу повеќе, моќта за сфаќањето на религиозната вера преку директно проникнување и контемплативно набљудување. Разумот не треба да се потиснува или да се елиминира, зашто тоа е моќ што ни е доделена од Бога; но, тоа не е главната или најголемата моќ што ја поседуваме, и има многу случаи во нашата молитва кога се надминува умот.
Подеднаква грижа е потребна и кога се интерпретира зборот „срце“ (καρδια). Кога св. Теофан-  и православното духовно предание воопшто -  зборуваат за срцето, тие го разбираат овој збор во неговата семитска и библиска смисла, која означува не само емоции и чувства, туку -  главно - центар на нашата човечка личност. Срцето ја означува самата личност; тоа е седиште на мудроста и на разбирањето, место каде се донесуваат моралните одлуки, внатрешно светилиште во кое ја доживуваме Божјата благодат и место на присуството на Света Троица. Тоа ја означува човечката личност како „духовен субјект“, создаден според Божјиот образ и подобие.

Според тоа, да се зборува како св. Теофан, за стоењето пред Бога „со умот во срцето“, значи дека ние сме во заедништво со Него со севкупноста на нашата човечка личност. Способностите на разумот не се отфрлаат, зашто сме разумни битија-  како што се изразил св. Климент Александриски, „разумска овца“ ‡ и затоа нашето заедништво треба да биде λογικη λατρεια, „разумска служба“ (Рим. 12:1). Исто така, нашите емоции и чувства не треба да се исклучуваат од нашето заедништво, зашто тие, исто така, се дел од нашата личност. Нашата молитва треба да биде вдахновена со ерос, интензивен и страстен копнеж за божественото, за нашето заедништво да стане вистински израз на „еротска екстаза“, да ја употребиме фразата на св. Максим Исповедник. Но, λογος и ερως, разум, емоции и чувства, треба да се комбинираат со другите нивоа на нашата личност и сите треба да се обединат во живо единство, на нивото на внатрешното јас, или срцето. Нашето доживување на Бога, да го цитираме повторно Ивлин Андерхил, „се протега над полето на свесноста за да ги трансформира и да ги внесе во целосен чин на молитва најдлабоките инстинктивни нивоа на умот“. Нашето заедништво треба да биде сеопфатно.

„Со умот во срцето.“ Во тој „тотален чин на предавање на Бога“, значи, ние стоиме пред Бога како целосна личност: со свесниот ум, се разбира, но, исто така, со аспектите на нашето внатрешно јас кои досегаат до несвесното; со нашите инстинктивни чувства, со нашата смисла за естетика и, исто така, со способноста за интуитивното разбирање, како и со директното духовно разбирање, како што напомнавме, далеку го надминуваме дискурзивниот разум. Сите тие аспекти имаат свој удел во нашата молитва; удел, исто така, има и нашата физичка и материјална конституција, нашето тело. „Телото, исто така, се трансформира“, пишува св. Григориј Палама, „тоа се издига со душата, учествувајќи заедно со душата во Божеството, и самото станува Божје престојувалиште и сопствеништво.“

Како да се постигне овој „тотален чин“? Во нашето предавање на Бога користиме, на прво место, зборови, и тие зборови имаат свое буквално значење, раз-бирливо за разумот. Но, освен буквалното, зборовите што се користат во чинот на предавање имаат и многу поголемо значење. Особено слоговите и фразите, покрај своето буквално значење, се богати со асоцијации и инсинуации и содржат скриена енергија и поезија. Така, во нашата молитва користиме зборови кои не се само буквални, туку и прекрасни; преку поетското сликовито изразување-  макар и текстовите да се во ритмична проза, наместо во римувани стихови -  ние им даваме на зборовите нова димензија на значење. Но предавањето не го вршиме само преку зборови, туку и на многу други начини: преку музика, преку сјајот на свештеничката облека, преку боите и линиите на светите икони, преку артикулацијата на светиот простор со дизајнот на црковниот објект, преку симболичните гестови, каков што е крсниот знак, преку палењето темјан или палењето свеќи, и преку користењето на сите големи „архетипови“, на сите основни конституенти на човековиот живот, какви што се водата, виното и лебот, огнот и маслото.

Со употребата на зборовите во нивната буквална смисла, го досегаме разумот; преку поезијата и музиката, уметноста, симболичниот и ритуалниот чин, ние досегаме до другите слоеви на нашата човечка личност. Првиот аспект на молитвата е исто толку суштински колку и вториот. Ако нашите зборови немаат буквално значење ‡ или ако ги рецитираме или ги пееме на начин кој го прави нивното значење неразбирливо-  тогаш нашето предавање кон Бога ќе се изроди во магија и фетиш и веќе нема да биде достојно на разумска овца. Ако, од друга страна, нашата молитва се изразува исклучиво преку зборови, интерпретирани буквално и разумски, тоа може да биде вистинско предавање на Бога со умот, но тоа сè уште нема да биде предавање со умот во срцето. Предавањето може да биде извонредно јасно, логично и систематско, но тоа нема да стане молитва на целосната личност. Ова е гледиште што литургиските реформатори на Запад во текот на 1960-тите и 1970-тите години често го пренебрегнувале. Тие го потценувале чувството за таин-ство; зашто, без чувство за таинство ние не сме вистински луѓе. Молитвата е повеќе од форма на прокламација преку искажан збор, а литургискиот собир е повеќе одошто јавна средба со говори и со соопштенија.

Често се тврди дека симболите и објектите што се користат во традиционалното православно богослужење, и стилот на убавината што притоа се изразува, се застарени и небитни во современиот свет. Аргументот за ваквото тврдење е дека овие симболи се изведени од земјоделскиот начин на живеење и, во многу случаи, не се веќе применливи за урбаната и индустриската средина. Зошто да се молиме на Бога со свеќа или со кадилница во раката, а не со стетоскоп или со пневматска дупчалка? Зар не ја ограничуваме нашата молитва на особен вид личност, исклучувајќи ги другите? На ова, православен христијанин би одговорил де-ка дејствата и симболите што ги користиме во богослужењето имаат универзално значење. Макар што Божествената Литургија била под надворешно влијание на општествените и уметнички обичаи на одредена епоха -  на пример, церемониите на византискиот царски Двор ‡ сепак, во својата внатрешна суштина таа ги надминува овие ограничувања и се свртува кон фундаменталната состојба на човештвото, било античко или современо, било источно или западно. Православната Црква во својата молитва ги користи основните реалности на човековото постоење, како што се ле-бот и водата, светлината и огнот. Ако луѓето од урбаната и технолошка средина сметаат дека овие примарни реалности веќе немаат значење, нели е тоа возне-мирувачко обвинување за извештаченоста и нереалноста на современата „цивилизација“? Веројатно дека тоа што е потребно не е промена на симболите, туку промена во нас, чистење на влезовите на нашата перцепција.

Во врска со ова, православието може да се чувствува донекаде охрабрено со сегашниот западен ентузијазам спрема иконите. Православните икони привлекуваат изненадувачки голем број „современи“ луѓе, макар што последниве се надвор од секоја Црква и макар што воопшто не се заинтересирани за современите литургиски реформи. Да не избрзуваме со отфрлањето на тоа привлекување, квалификувајќи го како сентиментално и површно. Зар не е чуден парадокс што, во времето на технологијата и на секуларизмот, луѓето ги привлекува форма на уметност која е пар еџцелланце духовна и теолошка? Дали тие би биле идентично привлекувани доколку сликањето на иконите за првпат се појавеше денес, во современата епоха?

За православниот христијанин од огромна важност е фактот дека чинот на заедништво треба да ја изразува радоста и убавината на небесното Царство. Без димензијата на убавината, нашето обожавање никогаш нема да успее да стане молитва во целосна смисла, молитва на срцето и молитва на разумот. Оваа радост и убавина на Царството не можат точно да се искажат преку апстрактни аргументи и логички објаснувања; за нив не треба да се дискутира, тие треба да се доживеат. А тоа живо искуство е можно, пред сè, преку симболични и ритуални дејства -  преку кадењето со темјан, преку палењето ламби или кандила пред иконите. Овие симболични гестови го искажуваат, далеку подобро од кој било збор, нашиот севкупен однос спрема Бога, сета наша љубов и молитва; без овие дејства, нашето заедништво со Него ќе биде жално осакатено.

Зошто да се кади со темјан или да се палат свеќи? Зошто да се клечи на колена или да се прави крсниот знак? Совршено ни е јасно дека ако се обидеме да дадеме вербално толкување, ќе искажеме само еден дел од вистината. И тоа, сигурно, е основната причина за симболичното изразување. Ако поетот може да го искаже со обична проза тоа што го изразил со својата поезија, ако уметникот или музичарот можат да го изразат со зборови тоа што го изразиле преку сликата или мелодијата, тогаш ќе нема потреба од поеми, слики или симфонии. Сите тие постојат затоа што изразуваат нешто што не може да се изрази на друг начин. Така е и со богослужењето. Ако можеме со зборови да искажеме зошто палиме свеќи или темјан, тогаш ќе можеме вербално да го објасниме и остатокот од содржината и претходните симболични дејства. Сета вредност на симболот во молитвата е што тој изразува нешто што не може да се искаже само со зборови, и што допира до оној дел од нашето битие што не може да се досегне со аргументите на разумот. Симболот, од една страна, е поедноставен и веднаш достапен и, од друга страна, тој проникнува подлабоко во суштината на реалноста.

Од чисто практична гледна точка, сета убавина и сиот симболизам во нашата молитва се непотребни и бесполезни. Ние можеме, наместо темјан, да употребиме спреј за дезодорирање на воздухот и, наместо свеќи, да запалиме неонски светилки. Но, човечкото битие не е прагматично и утилитарно животно и оние што гледаат подлабоко во човековата природа бргу ќе разберат колку многу ни е потребна оваа „бесполезна“ убавина. Протојерејот Александар Шмеман е во право кога вели:

Литургијата, пред сè, е радосен собир на оние коишто ќе се сретнат со воскреснатиот Господ, и ќе влезат со него во „брачните одаи“. И токму таа радост на исчекувањето и исчекување на радоста искажани се во пеењето, во службите, во одеждите и во кадењето, во таа севкупна „убавина“ на Литургијата, која толку често била прогласувана за непотребна, па дури и за погрешна.

Таа, навистина, не е нужна, бидејќи сме ја надминале категоријата на нужноста. Убавината никогаш не е „неопходна“, „функционална“ или „полезна“. И кога, оче-кувајќи некого кого го сакаме, ставаме прекрасна прекривка на масата и ја украсуваме со свеќи и со цвеќе, го правиме сето тоа не поради неопходност, туку поради љубов. А Црквата е љубов, исчекување и радост. Таа, според нашето православно предание, е Небо на Земјата, радост на повратеното детство, онаа слободна радост, безусловна и без интерес, единствена која е во состојба да го преобрази светот. Во нашата возрасна, „сериозна“ побожност, бараме дефиниции и оправдувања, а тие го имаат својот корен во стравот -  стравот од изопаченост, скршнување, од „пагански влијанија“ и што ли уште не! Меѓутоа, „кој се бои, не е совршен во љубовта“ (1 Јов. 4:18). Сè додека христијаните го сакаат Божјото Царство, но не само преку дискусијата за него, тие ќе го „претставуваат“ и ќе го означуваат со уметност и со убавина. И свештеникот, кој ја врши тајната на радоста, ќе се јавува во прекрасна одежда, зашто е облечен со славата на небесното Царство, зашто, дури и во форма на човек, Бог се појави во слава. Во Евхаристијата ние стоиме во присуство на Христос и, како Мојсеј пред Бога, ние треба да бидеме покриени со Неговата слава.

„Убавината ќе го спаси светот“, рекол Достоевски. Примарна функција на молитвата претставува јасно искажување на спасителната моќ на таа божествена убавина. Кога пратениците на киевскиот принц Владимир ја стекнале наклонетоста спрема православната вера, тоа што ги преобратило не биле зборовите, ниту логичките аргументи, туку убавината на Светата Литургија на која присуствувале во Константинопол: „Не можеме да ја заборавиме таа убавина“, изјавиле кога се вратиле дома. „Во што се состои вашата вера?“ ја прашал св. Јован од Крстот едната од своите покајнички; таа му одговорила: „Во размислувањето за Божјата убавина, и во радоста што Тој ја поседува таа убавина.“ Таква е природата на заедништвото со Бога. Да се моли значи да се набљудува убавината на небесното Царство; да се искаже таа убавина преку зборови, преку поезија и музика, преку уметност и сим-болични дејства и преку сиот наш живот; и на тој начин да се прошири божествената убавина во нашиот свет, околу нас, трансформирајќи го и преобразувајќи го паднатото создание.


Постојано, ден и ноќ
Ни преостана уште третиот аспект од дефиницијата на св. Теофан: да се моли значи да се стои пред Бога постојано, ден и ноќ, до крајот на животот. „Молете се постојано“, нагласува св. Павле (1. Сол. 5:17). Молењето и предавањето на Бога не треба да бидат само обични дејства, слични на многуте други, туку дејства на сето наше постоење. Бог го гледа сето она што го правиме: затоа и стоењето пред Бога не треба да биде однос ограничен на некое одредено време и место, на пример кога дома „ја кажуваме нашата молитва“, или кога „одиме во црква“, туку треба да биде однос кој вклучува сè и кој го опфаќа секој објект и секој миг. Треба да настојуваме сето наше битие да го претвориме во постојан чин на предавање, во непрестајно славословие.

Ништо не треба да се отфрли како непоправливо световно, како нешто што не може да се преточи во чин на предавање. „Христијанин“, забележува правилно отецот Александар Шмеман, „е оној кој, каде и да гледа, го наоѓа Христа и се радува во Него.“ Според античкиот текст Изреките на Исус, „Подигни го каменот, и ќе Ме најдеш таму; расцепи го дрвото, и Јас сум таму.“ „Можете ли да ја почувствувате Радоста во Делата на вашиот Татко?“ прашува Томас Трахерн (Тхомас Трахерне). „Тој Самиот е во секое Нешто. некои Нешта се мали однадвор, и Груби и Прости. но се сеќавам на Времето кога Правот од Улиците беше скапоцен како Злато за моите Детски Очи, а сега се поскапоцени за Окото на Разумот.“ Да се биде во заедништво со Бога значи да се види Бог во сè, да се опфати сиот свет и сето тоа да Му се понуди повторно на Бога со радост.
Молитвата и споменот за Бог, затоа, продолжуваат „без прекин ден и ноќ“ во смисла дека се дел од нашето битие, не нешто што ние го правиме, или го велиме, или го мислиме, туку нешто што сме самите ние. „Спомнувај го Бога почесто одошто дишеш“, вели св. Григориј Назијанзин. Молитвата за нас е посуштествен, поинтегрален дел од нас самите одошто е ритамот на нашето дишење или отчукувањето на нашето срце. Ние бевме создадени за да се молиме. Молитвата е нашата вистинска природа и сè може да се преточи во молитва. „Во неизмерниот храм, во Универзумот на Бога“, пишува Павле Евдокимов, „секоја личност, било да е учен човек или физички работник, е повикана да игра улога на свештеник во сиот негов или нејзин живот-  да земе сè што е човечко и да го преточи во дар и во славопојна песна.“ А на друго место истиот автор забележува: „Во катакомбите најчеста слика е фигура на жена што се моли, орантка; таа ја претставува единствената вистинска состојба на човековата душа. Не е доволно да се изговараат молитви: ние мораме да станеме, да бидеме молитва, отелотворена молитва. Не се доволни моменти на пофалби. Сиот наш живот, секоја постапка, секој гест, дури и насмевката на лицето мора да стане песна на славословие, дар, молитва. Човек треба да го дава не она што го има, туку она што е тој самиот.“


(Калистос Вер, „Во нас е царството“, Табернакул. Скопје, 2003)

Подготви: д-р Драгам Михајловиќ

 


Архимандрит Василиј Гондикакис

(извадок)

svetitelot.arhetip1.jpgКои се, значи, одликите на Светителот? Најпрво би рекол дека Светителот постои и може да постои исклучиво во Православната Црква. Надвор од Православната Црква, навистина, може да има многу добри луѓе, но не и Светители, онака како што ние ги сфаќаме. Бидејќи Светител не е човек кој просто поседува добродетели или кој, низ аскетско восовршување, научил да се контролира себеси и својата психосоматска моќ. Светител е, како што веќе рековме, оној кој има органска врска со Христос, кој е крстен во името на Отецот и Синот и Светиот Дух; кој живее подвижнички живот со истрајно долготрпение; кој напредува од покајанието кон чистотата, и од чистотата кон совршеното смирение. Овој низ - покајание, чистота, совршенство, го преземавме од свети Исаак Сирин. Како што вели тој, покајанието е: да се престане со својот претходен грешен начин на живеење и, притоа, да не се жали за тоа. Чистотата е: срце исполнето со сострадална љубов према сето создание. Постои нешто што овде би требало да се нагласи: чистотата не е само свест за тоа дека сме се ослободиле од оваа или онаа страст, чистотата е плод на покајанието. Ако после покајанието ја стекнеме чистотата, таа чистота е вистинска во Исус Христос единствено ако имаме срце кое има љубов за сите луѓе. И, на крајот, доаѓа совршенството кое е - смирението, а тоа значи - одрекување од сите видливи работи, но и од сите мислени работи, и пребивање (во Бога) над сите тие работи, без никаково помислување на нив.
Светителите се, според тоа, оние кои ги поминале сите овие три фази и стекнале обожение по благодат или, како што се вели на грчки „Θεωσις“. Но, што е точно тоа обожение? Рековме дека во западната традиција нема место за Божествената благодат. Да бидеме искрени, на извесен начин, опитот на Божествената благодат денес готово веќе и да го нема ниту меѓу нас православните. Подобро кажано, тој опит како да е некако заборавен во нашата факултетска теологија, во нашите проповеди и нашите школи за вероучение. Но, иако тој опит сме го заборавиле, тој, сепак, некаде длабоко во нас сѐуште дејствува. Ние сме, на извесен начин, и „новопросветлени“, но сепак и оние кои грешат. И, знаете ли, што заради тоа тогаш се случува? Се збунуваме, некогаш, заради некои силни изрази со кои се служеле некои од Светителите; и ние тогаш ги „преземаме“ тие изрази и почнуваме да се користиме со нив за да правиме некои свои („теолошки“) конструкции, кои се, во помала или поголема мера, незрели или неурамнотежени.
Дали тоа значи дека не би требало воопшто да зборуваме за обожението? Мислам дека секако треба да зборуваме за обожението, бидејќи зборуваме за Светителите. Но, некој би можел да каже: „Каква корист од тоа на едно вакво бедно создание како што сум јас да му се зборува за една таква возвишена работа? Но, сите ние сме бедни: суштината на сѐ и чудото се состои во тоа што Светителот е заправо „богочовек“ по благодатта Божја. Да видиме што се случува. Светителите често изгледаат многу погрешни од нас. Тие самите себеси се изобличија во својата беспоштедна искреност и смирение. Тие не претендираа да бидат големи луѓе, но навистина беа големи. Од друга страна, ние кои не сме свети претендираме тоа да бидеме и заради тоа ги понижуваме другите. Вистинскиот Светител е навистина голем и знакот на неговата големина е во тоа што во негово друштво ние, кои сме безначајни, се чувствуваме значајни. Според тоа, тоа што светоста и обожението ги нема денес меѓу нас не е заради тоа што не постојат вистински Светители, туку затоа што ние се однесуваме како лажни светители, лажни теолози, лажни монаси и лажни проповедници.
Што е тогаш обожение? Обожението е цел и смисла на човековиот живот. Човекот нема друга причина за постоење освен светоста. Денеска има многу дискусии за различни филозофии и за она што луѓето сакаат да станат: економски човек, модерен човек, пост-модерен човек, пре-модерен човек... Но, која е целта на тоа што е човекот модерен или пост-модерен ако сите нас нѐ чека смртта која ќе нѐ проголта? Работата е во тоа смртта да биде совладана, а поточно тоа е она што е обожението. Токму заради тоа Бог го создаде човекот според Својот образ и подобие. Токму заради тоа Бог, после човековиот пад во грев, се грижеше за човекот и го чекаше неговото враќање. И ние треба да Ѝ бидеме благодарни на Мајката Божја која ја воздигна човечката природа на тој степен на кој таа природа можеше не само да Го прими Бога и да Го понесе во Себе, туку и да Го зачне Бога и да Го роди на овој свет. Синот Божји дојде во светот и стана Син Човечки. Он нѐ смета за достојни да ни ги врати сите потенцијали кои сме ги изгубиле, но само под услов ние да сакаме да Му се вратиме на Бога.
Ние живееме и ги работиме своите секојдневни работи, ние се каеме. Како што вели Светото Писмо, никој не е без грев, дури и кога би поживееле само еден единствен ден. Да го погледнеме примерот на цариникот: цариникот имаше многу гревови, но само кога би го имале цариниковото покајание!
Ние, значи, го живееме нашиот духовен живот: се бориме, се каеме, ја бараме Божјата милост, се вежбаме во долготрпението. И додека така се вежбаме во долготпение во подвижничкиот живот, смирение и љубов, во еден момент нешто почнува да се случува. Како што би кажал свети Исаак Сирин, нешто почнува да се случува во нас одненадеж, без наше знаење, без надворешна причина, неочекувано... Почнуваме да зрачиме со радост, ликување и веселие. Збунети, ние изговараме: „Но, тоа не е нешто што дојде од нас!“. Меѓутоа, тоа ни е, сепак, дадено! Зошто? Затоа што Бог е бескрајно добар. Но, некој ќе рече: „Но, ние тоа не го заслуживме! Ние заслуживме казна!“ И тогаш ќе разбереме зошто свети Исаак Сирин кажал дека Бог не е праведен, туку неправеден. Како? Еве како: Он да е праведен, Он би нѐ претворил во пепел. И да се потсетиме дека Аваа Исаак уште кажа дека Бог е страшен не заради Својата моќ, туку заради Својата љубов.

„ПРЕМИН“

{moshits}

ruska.crkva1.jpgМонах Мојсеј Светогорец
 
Православната духовна традиција го има наследството на светоста и кога таа автентично се следи, претставува опасен начин на живот. Таа не ги промовира бескрајните дискусии на сколастиците, дефинициите на рационалистите и поучувањата на моралистите. Нашата духовна традиција нè снабдува со студена освежителна вода за полето на нашите срца , гасејќи ја нашата вистинска жед. Аскетизмот и длабокото смирение нè водат во огнениот круг, на стартната подлога. Православието не е верно согледување на задолжителни правила и прописи, ниту се објаснува преку совесно паметење на литугиското упатство. Поскоро, ние сме советувани да ја запазиме тишината и да останеме неподвижни. Не треба да зборуваме заради корист од зборувањето, дури ниту заради Бога. Подобро, ние треба да бараме да го стекнеме различниот начин на живот и тој наш нов живот нека зборува лично. Прифаќањето и разбирањето на другите е еден од начините на востановување на Божјиот образ во нашата природа и надминување на осаменоста. Никој што војува нема време за уживање. Слично, духовниот живот - животот во Христа - е постојана борба, агониски напор. Тоа е борба “еден на еден” и во неа можеш да бидеш ранет или дури и убиен, за повторно да воскреснеш. И ова може да се случи бавно или бргу, според љубењето на Божјата волја. Бог постојано го предизвикува човекот да му даде време да се сталожи, да размислува, да престане да живее во метеж. За Бога ќе биде доволно ако некој го спознае и прифати сопствениот тежок карактер, ако сопругот се посвети на својата болна сопруга, ако учителот ги сака и се труди да им помогне на своите ученици кои изгледаат неспообни за напредок, ако синот ја разбира својата специфична мајка која многу бара од него.
Тешко е да бидеме задоволни со малку. Многу луѓе мислат дека само големите и необични настани ни даваат углед и признание. Тие мислат дека Бог бара многу (а греат деал) од нас. Всушност, Тој го бара само она што можеме да го правиме, но не го правиме. Тој не ќе бара да се жнее таму каде што не сеел. Тој нема да го го испитува оној што пелтечи зошто не станал говорник, куциот - зошто не станал маратонец. Од нас ќе се бара одговорност токму за она што сме можеле да го направиме, а заради некакви/никакви причини, сме пропуштиле да го направиме.
Во нашите сегашни напори ние ќе згрешиме, ќе се препнеме, ќе паднеме – но, ние мораме повторно да станеме. Нашата света Православна Црква има таква одаја, таква пространост. Во топлината на нејзината прегратка има место за секого. Да згрешиш и да паднеш е човечки, но да не станеш е ѓаволски. Нема непростлив грев, нема неизлечива рана. Сè што е потребно е - копнежот, вистински да бараш тоа да се случи.


Извор: ТРОИЧНИК

[moshits}

 

 "И така, вие веќе не сте туѓи и придојдени, туку сте им сожители на светиите и свои на Бога, оти се утврдивте на темелите, поставени од апостолите и прориците, имајќи Го како аголен камен на темелот Самиот Исус Христос, врз Кого целата зграда, стројно зглобена, прераснува во свет храм на Господа; врз Кого и вие ќе се соѕидате во живеалиште Божјо преку Духот.( Еф. 2, 19-22)"

 sv.spas.dek6.jpgСлегувањето на Светиот Дух беше најголемо Божјо откровение меѓу луѓето. Духот-Утешител во "страшната и непоимлива тајна" на денот Педесетница, еднаш засекогаш влезе во свет, во кој никогаш пред тоа не присуствувал на начин на кој тогаш започна да обитува и пребива. На тој ден преобилниот извор со Жива Вода започна да врие на земјата, во светот кој беше искупен и измирен со Бога преку распнатиот и воскреснат Господ. "Доаѓањето" на Духот зависеше од "заминувањето" на Синот:
 "Но Јас вистината би ја кажувам: подобро е за вас Јас да си отидам, оти, ако не си отидам, Утешителот нема да дојде при вас; ако, пак, заминам, ќе ви Го пратам". (Јн. 16,7)
 Педесетница беше мистично осветување и огнено крштевање на целата Црква, извршено од Господа, зашто Он крштева со Дух Свети и со оган. (Мт. 3, 11)
 Христијаните преку Светиот Дух се соединија со Христа и преку тоа се слеаа во Него во едно тело: Тело Христово. Оваа аналогија ја користи Св. ап. Павле во разни контексти, кога ја опишува тајната на христијанскиот бит и сведоштвото за Едната Света Соборна и Апостолска Црква. Таа е една во Евхаристијата, зашто Евхаристијата е самиот Христос, кој светотаински обитува во Црквата, бидејќи таа е Негово Тело.
 Освен Тело Христово, Светата Црква е и Негова полнота: "...која е Негово Тело, полнота на Оној кој исполнува сé во сé". (Еф. 1, 23) Црквата е Тело Христово, зашто е Негово надополнување. Свети Јован Златоуст пренесувајќи ја мислата на ап. Павле вели:
 "Црквата е Христово надополнување, исто како што главата го надополнува телото, а тоа се надополнува со главата. Христос не е сам. Тој Го подготви целиот човечки род да Го следи, да Го возљуби и да се припои кон Него. Тоа значи дека Главата (Христос), ќе биде во потполност со Телото (човечкиот род), дури тогаш кога тоа ќе биде потполно (усовршено), односно кога ќе бидеме сите заедно соединети и взаемно поврзани во Христа".
 Со други зборови, Црквата е продолжение и надополнување на Светото Христово воплотување, распнување, воскреснување и вознесување на небесата. На тој начин Христијанската Црква го изгради своето Богоспасително место во целокупниот план на Божествениот ветоспасителен домострој.                                                                  
 м-р И.О

Посети:{moshits}

Изборот: од свештенството на  храмот Св.Спас, Драчево( Скопје)

 


Митрополит Навпактски Јеротеј Влахос

zima.svnikola1.jpg

Постои тесна врска помеѓу свештеното тихување (исихија) и мисијата. Не може да постои вистинска мисија, доколку не е вдахната од свештеното тихување, со православното значење на терминот, а тихувањето на природен начин се влева во течението на мисијата. Кога ќе се одврзе мисијата од свештеното тихување, тогаш се создава сериозен црковен проблем.

Мисијата е свештено пратеништво, односно кога Бог испраќа одредени луѓе за да го проповедаат Евангелието на Неговото Царство, Евангелието на вистината, на правдата, на спасението на луѓето. Мисионерот не се испраќа самиот и не му е работата само да проповеда, односно не е теоретски учител, туку е татко кој го предава познанието на Бога, што тој претходно го стекнал, и раѓа духовни деца Божји. Секако, знаеме од Православното Предание дека познанието на Бога е воглавно и пред сé опитно - егзистенцијално. Пренесувањето на тоа познание за резултат го има повторното раѓање на луѓето.

Тихувањето (исихија) со православното значење на терминот е начинот и методот кој Христос им го предал на Апостолите, а тие на нивните наследници, преку кој метод човекот го стекнува егзистенцијалното познание на Бога. Овој метод е поврзан со живеењето на Христовите блаженства. Ако го видиме редоследот по кој Христос ги изговорил блаженствата, ќе го  констатираме православното тихување, односно методот на исцелување на човекот. Завршеток на тој метод, односно на тој живот е мисијата и мачеништвото. Претходи себепознанието и преку него смирението според Христа, а следи покајанието, кротоста, гладот и жедта за Божјата Правда, за исполнување на Христовите заповеди, доживувањето на Божјата милост, чистотата на срцето преку кое човекот го вкусува созерцанието на Бога, предавањето на другите на тој мир што самиот го вкусил, гонењето и мачеништвото заради славата Божја, радоста заради доживувањето на Царството Божјо, стекнувањето на дарот на пророштвото (Мат. 5, 3 - 12).
Исто така, методот на православното тихување ни го предале Отците на Црквата. Овде треба да се потсети на учењето на светиот Григориј Палама, какво што е зачувано во неговата беседа за Воведение на Богородица, во неговото писмо кон монахињата Ксенија и во неговото дело за оние кои свештено тихуваат.

Светите Апостоли го живееле свештеното тихување, откако се одрекле од сé и тргнале по Христа, живееле со Него цели три години, во текот на кои се посветиле во тајните на Царството Небесно, достигнале до доживување на созерцанието на несоздадената Светлина, на различни начини и степени учествувале во Страдањето, Крстот и Смртта Христови, Го виделе Воскреснатиот Христос, Го примиле Светиот Дух на денот на Педесетницата и со тие претпоставки Самиот Христос ги испратил да го проповедаат тоа што го виделе, го слушнале и го спознале егзистенцијално. Затоа беседите и посланијата на светите Апостоли се полни со личен опит и познание на Бога. Не развиле свои теории, не поучувале со посветовњачени слова, не вршеле посветовњачена и моралистичка мисија, туку го изразувале опитот на Бога, што лично го стекнале.

Таа поврзаност помеѓу тихувањето и мисијата ја живееле сите големи Отци на Црквата, кога биле повикани да го раководат народот Божји и да вршат мисија, со православно значење на зборот. Тоа го гледаме кај светиот Василиј Велики, светиот Григориј Богослов, светиот Јован Златоуст, светиот Григориј Палама, за да се ограничам само на овие познати и големи.

Тоа го среќаваме и подоцна кај многу монаси, кои се подвизувале во животот според Христа и кога созреале духовно, примиле информација од Бога и станале учители на луѓето на многу и различни начини. Секако, таа информација се дава во Црквата и се реализира со благослов на Црквата. Тоа е така затоа што ниту еден духовен дар не се автономизира, односно не се врши независно од Црквата и од благословот на Епископите. Бидејќи Истиот Свет Дух ги дава духовните дарови и Истиот Свет Дух го дава дарот на свештенството и ја устројува структурата на Црквата.
Еден пример на мисија е случајот на светиот Симеон Столпник, кој ги поучувал илјадниците што доаѓале кај него од сите делови на Ромејската Империја. Според личното сведоштво на Теодорит Кирски, кај светиот Симеон, кој се наоѓал на еден столп, притекнувале многу луѓе, не само Христијани, туку и Исмаилци, Персијанци, Ерменци, Грузијци, како и многу од Запад, односно Шпанци, Британци и Галати. Дури и многу идоолопоклоници се одрекувале од древната заблуда и се крштевале, станувале Христијани.

Еден друг современ пример на мисија, на излегување од манастир со благослов на духовните отци, е светиот Козма Етолски. Духовно се подвизувал на Света Гора, како што самиот вели, многу години, следејќи го целиот исихастички метод и потоа, кога почувствувал во себе информација од Бога да прави обиколки по поробениот народ, ги прашал своите духовни отци, зел благослов од Патријархот, но земал благослов и од помесните црковни начелници. И бидејќи се движел во овие рамки, неговото дело имало духовни плодови и се врши дијахронично (низ сите времиња). Треба да се нагласи дека мисијата не се исцрпува само во проповедта или во некоја друга пастирска дејност, туку таа е и молитва, лична комуникација со секој Христијанин, и само благодатното присуство на еден светител, стекнувањето "догматска свест", како и формулирањето и зачувувањето на догмите. Конечно, мисијата се врши и по прославеното упокојување на светителот, со неговите чуда, со неговите молитви, со неговите мошти, дури и со неговиот гроб. Обожувањето по благодат на еден човек минува невидливо и тајно, а понекогаш и јавно, во животот и во функционирањето на духовниот организам на Телото Христово, односно на Црквата.

Во мојата книга Личноста во Православното Предание, во поглавјето со наслов Јуродството заради Христа како живеење на слободата, опишувајќи го животот и дејноста на светиот Симеон јуродив заради Христа проанализирав дека тој го вршел тоа дело, се дружел со жени блудници, откако најпрво живеејќи во пустината стекнал целосно бестрастие, со тихување и молитва, и откако зел благослов од духовните отци. Неговиот биограф пишува: Преку вселената во него сила на Светиот Дух, ниту од страст се плашел, ниту од студ, ниту од глад, ниту од жега, туку станал речиси над мерата на природата. Кога влегол во една женска бања, како што пишува самиот, како дрво со дрва, така и јас бев тогаш. Чувствувам дека ниту јас носам тело, ниту дека влегов кај тела. Но целиот мој ум беше во Божјото дело и од таму не отстапи.

Некои светители достигнале до овие крајни нивоа на мисија, откако самите достигнале до просветлување и обожување. Светителите од оваа категорија, бидејќи во себе ја имале Божјата светлина не само што не се помрачувале од темнината на опкружувањето, туку ја осветлувале и самата темнина на опкружувањето.

Пастирската дејност на ваквите светители ја покажува суштинската врска помеѓу свештеното тихување и мисијата. Не може да се врши спасителна мисија доколку мисионерот не ги поседува сите гаранции што ги има определено нашето Православно Предание и доколку не се движи во рамките на трезвеноумниот живот на нашата Црква.

Токму поради таа причина не може некој лесно да се повикува на примерите на светителите кои вршеле една ваква мисија, кога самиот не само што не го доживеал просветлувањето на умот и обожувањето, туку сеуште не е воведен во степените на очистувањето на срцето од страстите.
Во овие рамки православно и црковно се поврзува тихувањето со мисијата. Мисија која во себе го нема елементот на тихувањето, кое се изразува со сите духовни дарови (смирение, покајание, мир, почитување на канонското црковно уредување), не е автентична. Во тој случај ќе важат Христовите зборови за лошите работници.

Некој Го запрашал Христа дали тие што ќе се спасат се малкумина. А Христос одговорил:
Потрудете се да влезете низ тесната врата; затоа што ви велам: мнозина ќе сакаат да влезат и не ќе можат. Кога ќе стане домаќинот и ќе ја затвори вратата на куќата, а вие, стоејќи однадвор, ќе почнете да чукате и да викате: Господи, Господи, отвори ни! Он ќе ви одговори и рече: Не ве знам од каде сте. Тогаш ќе почнете да зборувате: Ние јадевме пред Тебе и пиевме, и по нашите улици Ти поучуваше. А Он ќе рече: Ви велам, не ве познавам од каде сте; отстапете од Мене сите што вршите неправда! Таму ќе биде плач и крцкање со заби, кога ќе ги видите Авраам, Исаак и Јаков, и сите пророци во Царството Божјо, а себе истерани надвор. И ќе дојдат од исток и запад, и север и југ, и ќе седнат на трпезата во царството Божјо. И ете, има последни што ќе бидат први, а има и први што ќе бидат последни (Лука. 13, 24 - 30).

Светиот Василиј Велики, обраќајќи им се на монаси и толкувајќи ги овие Христови зборови, вели дека лоши работници на кои Христос овде  мисли се оние кои немаат вистинска љубов. Во продолжение тврди дека сé што се прави не од љубов кон Бога, туку заради привлекување пофалба од луѓето, кое и да е тоа дело, не ја наоѓа пофалбата на Богопочитувањето, туку го има осудувањето на човекоугодништвото или на себеугодувањето или на зависта или на славољубието или на нешто такво слично.

Според тоа, мисијата се врши на многу и различни начини, со молитвата, со поучувањето, со пастирската дејност, со збор и со молчење, со движење и со неподвижност, со крсниот живот и со прославеното упокојување. Меѓутоа мисијата се врши во атмосферата на православното тихување, кое се контролира од тоа во колкава мера го почитуваме црковното уредување и структура.

Кога некоја "мисија" се врши без благословот на Црквата, кој го даваат Епископите, кои се наследници на светите Апостоли, тогаш не е благословена од Бога и еден таков "мисионер" е лош работник. Секако и некој Епископ кога не ги остава автентичните пастири да работат, ќе одговара пред Бога. Но постоењето на некој Епископ кој не му дава дозвола на некого да врши пастирска служба во Црквата, не може да допушти бунтови и црковни расколи.
Во секој случај кога некој ја прима благодатта на Светиот Дух, тогаш тој станува привлечна точка за многу луѓе каде било и да се наоѓа и да врши мисија. Затоа незаборавниот о. Јустин Поповиќ пишува:

zima.svnikola6.jpgАскетите се единствените мисионери на Православието. Акетизмот е единствената мисионерска школа на Православието. Православието е аскеза и живот, и затоа само со аскезата и со животот ја проповеда и ја остварува својата мисија. Да се развие аскетизмот, личен и црковен - тоа треба да биде внатрешната мисија на нашата Црква во нашиот народ. Парохијата треба да стане аскетски центар. Но тоа може да го направи само парох - аскет. Молитвата и постот, црковниот живот на парохијата, литургискиот живот - тоа се главните средства на Православието, со кои влијае преродбенички врз луѓето. Парохијата, парохиската заедница треба да се прероди, и преку христољубивата и братољубивата љубов смирено да Му служи на Христа во сите луѓе со кротост и смирение, со жртва и себеодрекување. А ова служење е должно да се напојува и да се храни од молитвата и од литургискиот живот. Тоа е основното, неопходното. Но сето ова како претпоставка бара: самите наши архиереи, свештеници и монаси да станат аскети, и затоа: На Господа да се помолиме.

 

Превод: С.С.

Посети:{moshits}


Георгиј Флоровски

Марија “најде милост во Бога” (Лука 1:30). Таа беше избрана и поставена да служи во Светата Тајна на Воплотувањето. И преку овој вечен избор или предодредување Таа на некој начин беше изделена и и беше дадена единствена привилегија и положба не во целото човештво, туку во целото создание. На неа, би можело да се каже, и беше даден ненадминат ранг. Таа истовремено беше и претставник на човечката раса и одделена од неа. Тука постои една противречност која се подразбира под божествениот избор. Таа беше одделена и поставена во единствен и неспоредлив однос кон Бога, кон Светата Троица, дури и пред Воплотувањето, како идната мајка на Воплотениот Господ, бидејќи тоа не беше еден обичен историски настан, туку значајна беспрекорност на вечното решение на Бога. Таа има единствена положба дури и во божествениот план на спасение. Преку Воплотувањето човековата природа требаше да биде повторно воспоставена во заедница со Бога, која што беше уништена и отповикана од Падот. Светата Човечност Исусова требаше да претставува мост преку амбисот на гревот. Така, оваа човечност беше земена од Дева Марија. Самото Воплотување беше нов почеток во судбината на човекот, почеток на новото човештво.

Од Воплотувањето се изроди “новиот човек”, “Последниот Адам”; тој беше навистина човек, но беше и повеќе од човек: “Вториот човек е Господ од Небесата” (1 Кор. 15:47). Како Мајка на овој “Втор Човек”, Марија самата учествуваше во Светата Тајна на искупителното повторно создавање на светот. Секако, таа треба да се вброи меѓу избавените. Таа навистина имаше потреба од спасение. Нејзиниот син е Искупителот и Спасителот, како што е Тој и Искупител на светот. Сепак, таа е единственото човечко суштество за кое Искупителот е едновремено и син, нејзино сопствено чедо кое верно Го носеше. Исус навистина се роди “не од крв, ниту од волјата на плотта, ниту пак од волјата на човекот, туку од Бога” (Јован 1:13), а сепак Тој е “плод на утробата” на Марија. Неговото натприродно раѓање е образец и источник на новото постоење, на новото, духовно раѓање на сите верници, што не е ништо повеќе од учество во Неговата света човечност, прифаќање на восиновувањето во Бога—во “вториот човек”, во “последниот Адам”.

Мајката на “вториот човек” неопходно имаше свој сопствен и карактеристичен влез во новиот живот. Не е премногу да се каже дека за неа Искупувањето беше, на некој начин, предосетено во самото Воплотување—и притоа предосетено на необичен и личносен начин. “Светиот Дух ќе се спушти врз тебе, и моќта на Севишниот ќе те осени” (Лука 1:35). Ова беше вистинско “теофанско присуство”—во полнотата на благодатта и на Духот. “Сенката” е токму теофански симбол. И Марија навистина беше “блажена”, гратиа плена, кехаритомени. Благовеста за неа беше, би можело да се каже, претчуствувана Педесетница.

Принудени сме да го изложиме овој смел паралелизам преку несфатливата логика на божествениот избор. Зашто навистина не можеме да гледаме на Воплотувањето само како не метафизичко чудо кое би било неповрзано со личната судбина и постоење на опфатените лица. Бог никогаш не се однесувал спрема човекот како спрема алатка во рацете на господарот. Бидејќи човекот е живо битие. Тоа никако не би можело да биде преку “инструментална благодат”, кога Приснодевата беше “осенета” од моќта на Севишниот. Единствената положба на Дева Марија очигледно не е нејзина заслуга, ниту пак “награда” за нејзините “заслуги”—ниту дури полнотата на нејзината благодат и била дадена како “аванс” за нејзините заслуги и добродетели. Беше тоа извонредно бесплатен подарок од Бога, во најстрогата смисла—гратиа гратис дата. Беше тоа апсолутен и вечен избор, иако не безусловен—бидејќи беше условен од и доведен во врска со Светата Тајна на Воплотувањето. Марија ја чува нејзината единствена позиција и има “своја сопствена категорија” не само како Дева, туку како Дева—Мајка, партхеномитир, како предодредена Мајка Божја. Нејзината функција во Воплотувањето е двострана. Од една страна, таа го обезбедува континуитетот на човечката раса. Нејзиниот Син е, поради неговото “ второ потекло”, Син Давидов, Син Авраамов и на сите “претци” (ова е нагласено од родословите на Исус, во двете верзии).

Според зборовите на Св. Иринеј Лионски, тој “го возглавил во себеси долгиот список на човештвото” (Адв. Хаерес., 3, 18, 1: лонгам хоминум еџпоситионем ин се ипсо рецапитулавит), “ги собрал во себе сите народи, распространети уште од Адама” (3, 22, 3)  и “го примил врз себе древното создание” (4, 23, 4). Но, од друга страна, тој “покажал ново раѓање”. Тој станал Новиот Адам. Ова беше најдрастичниот премин во континуитетот, вистински преврат на претходниот процес. И овој “преврат” почнува токму со Воплотувањето, со Рождеството на “Вториот Човек”. Св. Иринеј пишува за обраќање наназад—од Марија до Ева (3, 22, 4). Како Мајка на Новиот Човек, Марија го има нејзиниот предвиден дел во оваа новост.

Се разбира, Исус Христос е единствениот Господ и Спасител. Но Марија е Неговата мајка. Таа е ѕвезда деница која го навестува изгрејсонцето, појавувањето на вистинскиот Сол салутис: астир емфенон тон Илион. Таа е “зора на таинствениот ден” (и двата израза се од Акатистот на Пресвета Богородица). И на извесен начин дури и Рождеството на самата Богородица и припаѓа на тајната на спасението. “Рождество Твое, Богородице Дево, радост и објави на целата вселена—од тебе засвети   Сонцето на Правдата, Христос Бог наш; рушејќи ја клетвата, ни даде благослов; уништувајќи ја смрта, ни дарува живот вечен.“ (Тропар на празникот на Рождество на Богородица). Христијанската мисла секогаш се движи во пространството на личноста, не во царството на обопштените идеи. Таа ја сфаќа тајната на Воплотувањето како тајна на Мајката и Синот. Мајчинството на Богородица е заштита  против евангелска конкретност, од која бега секаков докетизам. Традиционалната икона на Богородица е токму икона на Вопплотувањето: секаде се гледа Приснодевата со Младенецот.  И се разбира, никаква икона, никаков образ на Воплотувањето, не е возможен без Богомајката.

 

Посети:{moshits}


angel.tri.jpg

Тешкотијата да соработуваме со ближниот секогаш произлегува од недостигот на молитва и на љубов!

Како што вели Свети Силуан, може да се случи и покрај огнените молитви, напредокот да биде тежок. Покрај тоа, откако успееме во повикот на Името Исусово да заживееме цврсто со некоја личност, стануваме способни да живееме со милиони други личност што и се слични.

 

Старец Софрониј (Сахаров)

Извор МПЦ „Поуки на денот“

 

Секое нешто што го здобивате преку вашиот внатрешен подвиг, се одразува врз вашиот живот во Бога. Борете се против секоја страст која предизвикува во вас помисли на осудување против ближниот. Не го примајте она што непријателот ви го подметнува против оној што е неправеден со вас. Било да сте сами во вашата келија, било со други, секоја помисла на осудување, секој негативен внатрешен двиг, создава пукнатина во вашата духовна тврдина и во тврдината на братството. Ниедна помисла не се раѓа и не поминува без последици! Со добри помисли за секого што ќе го сретнете, ќе можете да откриете возљубена личност. Наспроти ова, со лоши помисли, вашето лице, вашите душевни сили, ќе ги потресат вашите односи со другите и ќе влијаат врз вашата околина. Кога благодатта е во вас, тогаш не ги гледате маните на другите, туку само страданијата и љубовта на браќата.

 

Униние, етимолошки означува, отсуство на грижа за спасение. Освен некои, безмалку ретки исклучоци, сето човештво живее во состојба на униние. Луѓето станаа небрежни за своето спасение. Не го бараат божествениот живот. Се ограничуваат во рамките на телесниот, во потребите на секојдневието, во страстите на светот и во компромисните дела. Сепак, Бог нè создаде ни од што, според Неговиот образ и подобие. Ако ова откровение е вистинско, отсуството на грижа за спасение не е ништо друго, освен смрт на личноста.

Безнадежноста е губење на свеста дека Бог сака да ни даде вечен живот. Светот живее во безнадежност. Луѓето самите себе се имаат осудено на смрт. Треба да се бориме гради во гради со унинието.

 

Природно, нечистиот дух не ги изнесува на видело добродетелите на луѓето, туку нивните слабости. Оние пак, што се ослободени од своите страсти, бидејќи немаат злоба, злото со добрина го поправаат. Ако видат некаде малку нечистотија која не се чисти, ја покриваат со плоча, за да не се згрози некој друг, ако ја види. А пак, оние што чепкаат по ѓубрето, личат на кокошки…

Не е искрен и доблесен оној што ја кажува вистината в лице, ниту оној што ја обзнанува, туку оној што има љубов и вистински живот, што зборува со расудување кога има потреба, и го кажува потребното во соодветен час.

 

(Старец Паисиј Светогорец)

 

 Сbogorodica.k.dol.jpgветите Отци во старо време најпрвин бегаа во пустината и во подвиг ги опустошуваа своите страсти. Без свои планови и програми преку послушанието се предаваа во рацете Божји. И покрај тоа што достигнуваа успех во мерата на светоста, ги одбегнуваа чиновите и власта, освен ако Мајката Црква имаше потреба од нив. Тогаш, тие и' се покоруваа на волјата Божја преку нивниот свет живот да се прослави Името Божјо. Значи, откако ќе постигнеа една добра состојба на духовно здравје, преку добра духовна храна во пустината и преку будното следење на Отците, тие стануваа духовни крводарители.

Во наше време за жал, многумина од нас под влијание на световната љубов која нема духовно покритие, сакаат наводно да сторат добро, да даруваат крв, а таа е полна со духовни микроби, со што причинуваат поголема штета.

 

(Старец Паисиј Светогорец)

 

 

 

vinjeta.5.jpg

Крстот е најсветол знак и симбол на нашата света православна вера. Сите Свети тајни завршуваат со призивот на Св. Дух и со крсниот знак, како што е во чинот а на крштевањето, мирипомазанието, Божествената Литургија и сл.
Сите свештенички благослови се во знакот на крстот, додека светите храмови, предмети, садови и одежди се осветуваат со чесниот крст. Крстот е единствена карактеристика со која се препознава секој христијанин од денот на раѓањето до денот на смртта, односно крајот на неговиот овоземен живот.
Ние, христијаните, не можеме да живееме без крсниот знак. Постојано се крстиме, крстот го носиме на своите гради, го чуваме во домовите, автомобилите, работните места и т.н.
Без крстот, како незаменлив христијански симбол, незамислива е и самата христијанска црква. Неговата благодат и сила не се наоѓа во неговиот облик, но во неговата суштина со тоа што Господ Исус Христос преку крстот и распнувањето, кое беше најстрашна римска смртна казна, го спаси светот со својата смрт. Крстот беше жртвеник на кој Христот се принесе самиот Себе како последна крвна жртва. После овој чин, незамисливо е и надвор од човековиот разум, ние, христијаните и понатаму да практикуваме принесување на крвни жртви преку чинот на крвопролевање на разни "курбани", кои патем се турски и муслимански верски обичаи, а не христијански, но преку христијански обичаи како што беа првите вечери на љубовта, преку кои Христовите апостоли ги згрижуваа и хранеа сите тогашни христијани.
На крстрот Христос го доживеа своето најголемо понижување и болка, за да нé ослободи нас христијаните од проклетството на гревот и смртта. Тој со својата смрт ја уништи смртта, за да ни подари вечен живот и нераспадливост преку своето воскресение.
Господ Исус Христос на крстот на најубедлив начин го покажа своето човекољубие со својата безгранична љубов, молејќи се за оние што го распнуваа:
"Оче прости им оти не знаат што прават!"( Лк. 23,24)
Со крстот Христос го очисти и освети небото, воздухот и земјата, бидејќи беше раснат под отворено небо, подигнат на крст во воздух и Неговата пресвета крв се проли врз земјата. На крстот Тој се принесе Себеси како општа жртва за целата земја и општо очистување на целокупната чобечка природа. На крстот ни покажа дека овој свет не е последна реалност, но само пат кон последната вистина.
 Конечно на крстот Господ Исус Христос се претстави како единствен доброчинител, спасител и избавител на целата вселена и единствен кој го отфрли секое дело на нечестивиот, кој преку своите методи и заблуди имаше моќ и власт над луѓето.
 Значи преку крстот Исус Христос  го обнови прекршениот завет на Адам со Бог, а на останатите христијани измирување со Бог отец за опростување на гревовите и живот вечен. АМИН!!!

                                                                                                                             И.О.

 

Повеќе артикли...


Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Ноември 10, 2020

Се упокои во Господ Митрополитот Црногорско-приморски Амфилохиј (30.10.2020)

Митрополитот Амфилохиј е роден на Божик, 7 јануари 1938 година, во Бари Радовиќ, во Долна Морача. Завршил Богословија во Белград, а на Богословскиот факултет на СПЦ, во Белград, дипломирал во 1962 година. Покрај теолошките науки, студирал и класична…
Февруари 23, 2020
ih3387

Свети свештеномаченик Харалампиј

Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот живот. Името е наша сопствена карактеристика, но малкумина го знаат вистинското потекло на своето име и неговото вистинско значење. Секое православно име има своја суштина…

Живот во служба на Бога и на луѓето

Јан 29, 2020 Беседи 1481
3.angeli.so.truba
Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

Дек 09, 2019 Полезно и Потребно 1844
7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…

Митрополит Струмички Наум: ВОВЕДЕНСКИ РАЗМИСЛУВАЊА

Дек 05, 2019 Беседи 1649
7.Vselenski.sobor
Премногу размислуваме во категоријата Бог – човек, наместо во категоријата личносни…

Беседи

Митрополит Струмички Наум: Недела на света Марија Египетска (17.04.2021)

Митрополит Струмички Наум: Недела на света Марија Египетска (17.04.2021)

Христос нѐ потсетува сите дека нашето Царство не е од овој свет и дека во овој живот нѐ очекуваат и страдања. Со оваа вистина треба да сме начисто и да...

Жарко Ѓоргиевски: Недела на свети Јован Лествичник

Жарко Ѓоргиевски: Недела на свети Јован Лествичник

Потикнат од голема љубов кон Бога и Христовата наука, уште на 17 годишна возраст Јован го прифатил благиот јарем Христов и се упатил по тесниот пат, по кој одат праведниците...

ЗА ПОКАЈАНИЕТО - АРХИМАНДРИТ ГЕОРГИЈ КАПСАНИС

ЗА ПОКАЈАНИЕТО - АРХИМАНДРИТ ГЕОРГИЈ КАПСАНИС

И колку повеќе некој ја чувствува грешноста си, толку и се кае подобро и повеќе. И затоа го гледаме овој голем знак – тајна може да каже некој – во...

Митрополит Струмички Наум: Недела на свети Јован Лествичник (10.04.2021)

Митрополит Струмички Наум: Недела на свети Јован Лествичник (10.04.2021)

Срцето на овој степен сè уште е заробено од страстите, така што демонот релативно лесно, преку помислите и сетилата, однатре, го наведува човекот на грев. Колку што човекот слободно му...

На свети Григориј Палама - Старец Георгиј Капсанис II дел

На свети Григориј Палама - Старец Георгиј Капсанис II дел

Црквата го прославува споменот на еден нов светител, светиот Николај Планас, еден прост отец, неписмен но свет, оженет свештеник од некогашна Атина. Свети Николај – по потекло од Наксос –...

О.Николај Киранџиќ: НЕДЕЛА НА СВЕТИ ЈОВАН ЛЕСТВИЧНИК

О.Николај Киранџиќ: НЕДЕЛА НА СВЕТИ ЈОВАН ЛЕСТВИЧНИК

 Болестите, пак, честопати се плод на нашата гревовеност, безаконие и неуреден живот, но честопати тие се и Божја казна за нашите гревови. Затоа, ако сакаме да се ослободиме од болеста,...

Митрополит Струмички Наум:  ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦЕ, спаси нѐ!

Митрополит Струмички Наум: ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦЕ, спаси нѐ!

Севкупниот Домострој на нашето спасение е дело на нашиот Бог – Света Троица, од Отецот, низ Синот, во Светиот Дух. Овој Домострој е Христоцентричен (исто како и нашиот живот во...

Викарен Епископ Јаков Стобиски: Тајната на Крстот

Викарен Епископ Јаков Стобиски: Тајната на Крстот

Во животот неизбежно ќе страдаме и ќе носиме крст, сакале или не, и ќе бидеме распнати, сакале или не, и ќе умреме на него, сакале или не, но на крстот...

Митрополит Струмички Наум: КРСТОПОКЛОНА НЕДЕЛА (03.04.2021)

Митрополит Струмички Наум: КРСТОПОКЛОНА НЕДЕЛА (03.04.2021)

 Во секое наше лично страдање Го препознаваме првенствено Христос и го надградуваме нашиот личносен однос со Него. Самото страдање е реално, но тоа останува во втор план, затоа што преку...

« »