логоFacebookTwitterYouTubeeMail

 

Старец Георгиј Капсанис

ЗНАЧЕЊЕТО НА БОЛКАТА ВО НАШИОТ ЖИВОТ


Покрај страдањето што го причинува физичката, душевната или духовната болка, која што влегла во животот на човекот со божествено страдање, таа има и позитивно влијание врз овоземниот живот на човекот и неговиот развој.
Лесно е да се философира или богослови за болката, но тешко е да се има правилен став кон болката кога самиот човек чувствува голема болка. Сметам дека е многу дрско да се зборува за болката кога некој не ја почувствувал на своја кожа. Помислувам на сите браќа низ светот што чувствуваат физичка, душевна или духовна болка.
Луѓето чувствуваат физичка болка како резултат на некоја болест, тешкотија или глад. Психолошка болка чувствуваат луѓе што се гонети или понижувани, луѓе што не се сакани или се запоставени од оние што им се драги, и меѓу другото, луѓе што страдаат од неисполнети желби или, пак, преживуваат болест или смрт на саканите. Духовна болка чувствуваат тие што Го љубат Бог, и човекот, но гледаат дека преку своите гревови Го нажалуваат Бог и го рануваат Божјиот образ – човекот.

Како болката влегла во нашите животи?

Секако, болката не влегла во нашите животи бидејќи Бог така промислил, туку Он ја допуштил откако човекот, преку своето себично непослушание, Го загубил Изворот на Животот, својот Создател. Напуштајќи ја безболната состојба што постоела во Царството Божјо, човекот се нашол во друга состојба во која владеел живот на пропадливост, поврзан со смртта, страстите и гревот, бидејќи вистинскиот Живот повеќе не царувал.

Благотворните ефекти на болката

Во оваа нова состојба се чини дека смртта и болката имаат позитивно значење, како другата кожна облека со која Бог ги облекол Адам и Ева кога го напуштиле рајот за да ги утеши во нивното прогонство. Смртта му става крај на злото, инаку тоа засекогаш би постоело на земјата.
Физичката болка нѐ предупредува на болест, за да се пронајде точниот лек. Лекарите знаат колку е благотворна болката. На сличен начин сите видови болка ни помагаат да станеме свесни за нашата пропадливост и да осознаеме до каде одат нашите човечки граници, на тој начин спасувајќи нѐ од каква било форма на себе-обожение.
Болката ни помага да се преиспитаме кон што целиме во нашите животи и нѐ враќа кон нашето вистинско тежиште – Троичниот Бог.
Болката ни помага да ја восовршиме нашата љубов кон Бог, за да не Го љубиме заради даровите што ни ги дава (како што се здравјето и семејната среќа), туку заради тоа што Он е.
На тој начин горкоискушаниот Јов, преку начинот на кој се соочил со болеста и останатите неподносливи искушенија покажал дека Го љуби Бог заради тоа што Он е, а не заради Неговите дарови. Кога лежел на ѓубриштето, покриен со рани, по губењето на своите десет деца, Го љубел Бог исто толку колку што Го љубел и додека бил богат.
Исто така, болката ни помага да имаме правилен став кон нашите ближни, кои честопати – кога самите ние не чувствуваме болка – ги презираме, им нанесуваме неправда и ги повредуваме со нашето себично однесување. Кога задоволството со кое ги искористуваме нашите ближни ќе се претвори во страдање, тогаш сфаќаме колку е погубно нашето недопустливо задоволство.
Во многу случаи луѓе што искусиле голема болка успеале, преку својата болка, зад маските да го пронајдат своето вистинско „јас“, и Му благодареле на Бог за дарот на болката, дури и кога тоа било во вид на неизлечива и тешка болест.
Во други случаи болката може да им помогне на духовно зрели личности да достигнат повисоки форми на совршенство, и да поткрепат и утешат многу сироти души.
Еден пример за ова е блажениот Старец Паисиј, кој го прифатил фактот дека ја има „проколнатата“ болест (рак) со радост, верувајќи дека болните луѓе во светот ќе бидат утешени од сознанието дека и монасите страдаат. На тој начин „проколнатата“ болест за Старец Паисиј станала благослов.

Богословско сфаќање на болката

Луѓето што се во болка честопати изговараат едно мачно прашање: „Зошто, Господи, зошто?“ Мислам дека не постои човечки одговор на ова прашање. Има само еден одговор: Бог зеде учество во нашата болка на Крстот Христов. Ние веруваме во распнат Бог, што значи Бог Кој беше понижен, навредуван и мачен. На џамијата на Омар, во Ерусалим, го има следниов натпис: „Никој да не изрече хула дека Бог има син“. Не многу далеку оттаму се издига ридот на Голгота, каде што Божјиот Син страдаше за сите нас. Не се срамиме да кажеме дека веруваме во Бог Кој стана Човек, Кој беше распнат и повторно воскресна, во Бог Кој, од безмерна љубов, зеде учество во нашата болест и ја зеде на Себе нашата смртна и страдална плот за да нѐ направи бесмртни. Би било невозможно да се верува, да се сочувствува и да се прифати еден недостапен, затворен и саможив Бог. Еднаш, една студентка ми рече: „Му се восхитувам на Сократ што прифатил смрт со философска безропотност, но Го љубам Христос зашто умрел со човечка смрт“. Да не го заборавиме Христовиот крик: „Боже мој, Боже мој, зошто Ме остави?“

Божјите луѓе земаат учество во чувствителноста што Бог ја има кон болката што ја чувствува секое Негово создание, и самите тие страдаат кога нешто лошо или тажно ќе им се случи на Божјите созданија. Ава Исак Сирин вели: „Милостиво срце е срце што гори за целото создание – за луѓето, птиците, животните, демоните и за секое создадено суштество, и со самото видување или присетување на нив, од очите на милостивиот човек се леат реки солзи. Од силната и пламена милост што му го опфатило целото срце, и од неговата голема сострадалност, срцето му се смирува и тој не може да поднесе да чуе или да види какво било ранување или најмала жал кај созданието. Поради ова, со солзи постојано принесува молитва дури и за бесловесните ѕверови, за непријателите на вистината и за оние што го повредуваат, како и за влекачите, за и тие да бидат згрижени и помилувани; неговото срце е преисполнето со таква милост каква што го исполнува срцето на Бог“ . Всушност, сострадалноста што светиите ја чувствуваат за Божјите созданија не е пасивно сочувство како кај будистите, туку е активно земање учество во болката на нивните ближни. Ава Агатон, на пример, сакал да најде лепрозен човек за да може да му го даде своето здраво тело, а тој да го земе болното тело на лепрозниот.

На крај, болката секогаш ќе остане тајна, тесно поврзана со човековата безгранична слобода. Сега оваа тајна е само делумно откриена и „во наше име“ од други. Кога очите конечно ќе ни се отворат, ќе видиме многу појасно.
Да застанеме со благоговение и внимание до секој еден од нашите браќа што страдаат, со братска љубов и разбирање, и да побараме од нашиот распнат Господ да ни даде благодат, просветлување и сила да се соочиме со секоја болка што Неговата љубов ќе ја допушти во нашите животи, на нашиот пат кон Небесата.
извор: www.pemptousia.gr

 

Преземено од: ПРЕМИН бр.105/106

 

 

 



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Јуни 30, 2021
3.to.Naoganje.glava.sv.Jovan.Krstitel

СКОК ПРЕКУ ЈАЖЕТО НА НЕСОГЛАСУВАЊЕТО

Затоа, секогаш кога можеш прескокни го јажето на несогласувањето и фати се за оној дел од приказната кој ветува радост, насмевки и љубов. Горчината плисни ја со бран од морето, измиј го отровот на искажаните зборови и погледни кон залезот на сонцето. Тоа ќе…
Ноември 10, 2020

Се упокои во Господ Митрополитот Црногорско-приморски Амфилохиј (30.10.2020)

Митрополитот Амфилохиј е роден на Божик, 7 јануари 1938 година, во Бари Радовиќ, во Долна Морача. Завршил Богословија во Белград, а на Богословскиот факултет на СПЦ, во Белград, дипломирал во 1962 година. Покрај теолошките науки, студирал и класична…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 2506
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Живот во служба на Бога и на луѓето

Јан 29, 2020 Беседи 1692
3.angeli.so.truba
Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

Дек 09, 2019 Полезно и Потребно 2171
7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…