Презвитер Игор Калпаковски
Кога ја добив поканата за учество во оваа сесија на „Школата за политика”, требаше да зборувам на малку поширока тема: Религија и популизам. Мислејќи ја темата, сфатив дека две нешта не се вклопуваат. Прво, јас никако не можам да се сметам за компетентен да зборувам од името на сите религии, а, од друга страна, воопшто и не верувам дека постои општ поим за религија. Понатаму, уште повеќе „ја стеснив” областа, т.е. не сакав да не зборувам од името на некое општо христијанство, туку само од името на Православната Црква. Не само затоа што сум, така да речеме, „официјално лице” на Православната Црква, т.е. свештеник, па нужно е да зборувам само од аспект на мојата мисијска поставеност, туку затоа што како човек одамна автентично можам да сведочам само за еден, така да го наречам, црковен менталитет. Значи, намерата ми е да останам во тоа што е за мене автентично. Второ, односот во насловот беше поставен токму популистички, зашто не е дека Православната Црква има нешто со популизмот, туку популизмот, сметам, е во однос со Црквата. Како политичка реалност, иницијативата за влегување во некаков однос доаѓа секогаш од страна на овој политички став. Така, ми се виде најсоодветно темата да ја поставам како – Популизмот и Православната Црква.
Популизам.
„Популизмот стана инструмент на прогресивистите, реакционерите, демократите, автократите, левицата и десницата. Причината за неговата висока адаптибилност е во фактот дека тој е ‘без душа’: нему му недостига врска со фундаменталните вредности... Додека идеологиите се засниваат на вредности, тој идеологиите евентуално ги користи како привремено средство за доаѓање до или зачувување на власта” – Пол Тагарт
Ако теоретичарите се согласни во нешто по прашањето на популизмот, тоа е фактот дека тој е многу тешко дофатлив за анализи. Се појавува во сите области (не само во политиката), а она што е од политички аспект интересно е дека успева да ги иницира и активира „широките народни маси”. Која е таа сила што го прави ова? Популизмот секогаш „игра” со „општите места”, предрасудите на луѓето и, главно, со нивните незадоволства. Една од неговите главни карактеристики – а и негова основна слабост – е дека не може да постои сам за себе, зашто се базира на критиката на постоечкото. Тоа што Пол Тагарт го опишува како „немање душа” значи дека популизмот никогаш не е заснован на вистински вредности, па така нема ниту некоја реална политичка програма. Не нуди, туку реагира, протестира, со намера да го привлече вниманието на што поголем број луѓе. „Не е можно да се обединат сите популистички движења и пројави во еден единствен политички феномен со единствена идеологија, програма или социоекономска база.” (Маргарет Кенован) На крај, сите форми на популизам вклучуваат некој вид на егзалтација и се повикуваат на „народот” и сите, во една или друга смисла, се антиелитистички. Она што досега беше речено се однесува главно на современиот популизам.
Од друга страна, не може да се тврди дека популистичките моменти во историјата биле по дефиниција лоши. Во нашиов Европски конекст, проблемот е во тоа што тие се обично поврзани со партиите од крајната десница и се пројавуват на следниве начини: отпор кон модернизацијата; движење кое се повикува на „традиционалните вредности”; вера во доминацијата на мислењето на мнозинството и испробано антиинтелектуално и противелитистичко држење; идеологија, мислење и став дека народот е секогаш над некој пропишан стандард („сето тоа народот ќе го позлати”); идеологија која изразува политички скептицизам наспроти парламентаризмот, и сл. Меѓутоа, среде нашиот Европски контекст, се осмелувам да речам дека современата македонска држава има и малку поинакво искуство. Но, за тоа малку подолу.
Засега, ќе ги изложиме шесте карактеристични црти на популизмот како целина, предложени од Тагарт, првин, заради дополнително појаснување на овој феномен, а потоа и заради изложување на односот на православниот црковен менталитет кон истите прашања.
Тагарт ги предлага следниве карактеристични црти на популизмот:
1. Популизмот е настроен непријателски кон репрезентативната политика.
2. Популистите се идентификуваат со идеализираната концепција на заедницата која постоела во минатото, но сега е загубена.
3. Популизмот нема вистински вредности.
4. Популизмот претставува реакција на едно чувство на екстремна криза.
5. Популизмот има карактеристика самиот да се ограничува во политичкото делување.
6. Популистите имаат камелеонски карактеристики.
Менталитетот на Црквата
Во однос на првата карактеристична црта на популизмот, ќе речеме дека менаталитетот на Црквата е дека никогаш (или извонредно ретко) била непријателски настроена кон репрезентите на власта во сите историски облици, па и во денешниов. Црквата поаѓа од ставот дека секоја власт доаѓа од Бога и не само што не реагира нервозно на репрезентите на политиката, туку и постојано се моли Господ да ги просветлува во нивното делување. Имено, црковниот менталитет верува во промена одвнатре, промена преку страдање, и не е нужно насочен кон тоа самиот да ги ужива плодовите од добрата политика на репрезентите.
Понатаму, ако црковниот менталитет и има „идеализирана концепција на заедницата”, нејзиното остварување го гледа како можно во секој момент „кога двајца или тројца ќе се согласат во Христовото име”, што значи дека таа концепција е комплетно независна од институционалните политички околности.
Трето, Православната Црква има непоклтливи и фундаментални вредности, во врска со кои е ориентирана првенствено „кон горе”, кон Бога, од Кого верува и знае дека ги добива истите како дар.
Четврто, чувството на криза, па дури и екстремна криза, оној што стекнал црковен менталитет го тера да се сврти кон недостапниот за надворешните очи „внатрешен човек”, а не кон политичко делување. Со други зборови, Православната Црква не верува во квалитетни решенија и постапки додека внатрешната бура (на чувства и помисли) не биде заменета со длабокиот Христов мир.
Потоа, Црквата ретко делува директно во политиката. За Црквата не постои друга политика во која би делувала директно како цела Црква, освен политиката на царството Божјо. Нејзиното делување е индиректно, токму репрезентативно, преку чинителите во политиката кои веќе го стекнале (повеќе или помалку) црковниот менталитет. Овде е исто така важно да се спомене дека во поглед на сите културни вредности Црквата има еклектички став, т. е. се раководи од созерцанието и искуството за тоа што е добро пред Бога (не пред народот), па така невозможно е да и недостасаат идеи во политичкото делување (како што рековме, главно преку, да ги наречеме таа, нејзините „неформални” репрезенти).
Најпосле, немањето став за црковниот менталитет не значи само промена на тези, туку претставува една сериозна душевна болест.
Според кажаното досега, гледаме дека мала е можната врска помеѓу менталитетот на Црквата и популизмот. Ќе го продлабочиме малку ова.
Сепак, мора да се признае дека постои формална врска меѓу Црквата и популизмот. Во класичниот грчки јазик постои разлика меѓу термините демос и лаос. Демос се однесувал на учесниците во политичкиот живот – оттаму и терминот демократија – додека лаос се однесувал на народот општо, оној народ кој создавал „народна” книжевност, „народни” поговорки, „народна” музика. Црквата себе си, во грчкиот јазик, се идентификувала не со демосот, туку со лаосот, па така таа се нарекува лаос Божји, односно народ Божји. Формално, поистоветувањето е очигледно. Но не заборавила Црквата да додаде дека тоа е не просто народ, туку народ Божји. И понатаму, до денес, постојано зборува за нов народ, нов човек, итн. Еве ја и смислата. На едно место Христос им вели на апостолите дека свадбената прослава е подготвена, но повиканите се покажале недостојни, па им наложува да излезат по раскрсниците и да го повикаат секого когошто ќе го сретнат. За да се наполни местото и прославата да биде свечена. Имено оттаму е сличноста на повикот со повикот на популизмот, зашто „мнозина се повикани”, се вели, „но малкумина се избрани”. Што значи дека е потребна „свадбена облека”, една елитна висина на духот и мноштво доблести, за да се остане на свадбената прослава. И овде е суштинската разлика помеѓу популизмот и Православната Црква. Популизмот е емотивен и смета на запалувањето на „масите”, додека црковниот повик, поточно, повикот на Бога, е срдечноумствен и се однесува на секого лично. Не постои „маса” луѓе, не постои повик за „река луѓе”, повикот е личен, сериозен, егзистенцијален. Најпосле, што друго значат Христовите зборови со кои не еднаш го запечатува своето обраќање до луѓето, до „широките народни маси”: „Кој има уши да слуша, нека чуе!”
Од друга страна, сведоци сме дека Црквата не ретко е вклучена во политиката и тоа, како што се чини, на страната на популистите.
Од популизмот кон Црквата
Погоре рековме дека движењето е од популизмот кон Црквата. Имено, Црквата не би можела – имајќи ја предвид нејзината просторна, временска, а особено вонпросторната и вонвременска самосвест – да се поистовети дури ниту со една империја, а камо ли со една недефинирана политичка појава внатре во еден политички систем. Факт е дека популизмот често се храни со вредностите на Црквата, на христијанството, и на религијата воопшто, токму поради тоа што свои вредности и нема. Исто така, чест е случајот онаа идеализирана популистичка заедница како своја функција да ја има религијата, или христијанството, или Црквата. Најпосле, и самото искуство на Црквата, христијанството или религијата, доаѓа како нешто доста полезно.
Популизмот во Македонија
Во Македонија, како што рековме, популизмот не се движи по истите патеки како во останатиот дел од Европа. Современата македонска држава популизмот го доживеа најприн како етнички популизам, а потоа и како социјален (во времето на социјализмот). Современиот популизам во Македонија, пак, ги следи глобалните текови и ги има сличните форми како и во цела Европа (да се ограничиме на овој ентитет). Оттаму, кај нас е слабо изразен оној суштински судир меѓу „народот”, од една страна, и елитата, од проста причина што нашата домородна елита е недооформена и доста слаба. Популизмот во Македонија и во овој поглед е ориентиран главно анти меѓународниот фактор, анти глобализмот (со што е во тренд), и сл. Овде сме на познато тло – тоа е популизмот на Итар Пејо во однос на Настрадин Оџа, т. е. странскиот завојувач што треба да се надмудри.
* * *
На крајот, ќе кажеме дека од аспект на Православната Црква популизмот е исклучително плиток и неприфатлив. Свесна за неговата податност за манипулација, таа е секогаш претпазлива во однос на неговите пројави, особено во едно општество во кое таа има навистина висок авторитет и значење. Понекогаш популизмот наоѓа начин да го искористи авторитетот и угледот на Црквата, што за него, како паразит, доаѓа како нешто сосема природно, но, согласно на неговата природа, самиот популизам не може долго да остане во тој сооднос. Немањето вистинска содржина прави тој постојано да се повлекува како осека после плима. А во однос на Црквата, не треба да се заборави дека таа не е апстракција, дека е составена од личности кои имаат свои подеми и падови, но исто така и тоа дека Црквата не ја држат луѓето, не ја држи недефинираниот „народ”, туку Бог, Кој е единствен гарант на нејзината цврстина, стабилност и, слободно можеме да речеме, неповторливост. Не треба да се заборави дека „народот” во Црквата е дефиниран како народ Божји, а таа дефиниција е „тврда храна” за секоја популистичка манифестација.
Крај и слава Му на Бога.
БЕСЕДА на денот на св.Јован Милостив
Посети:{moshits}