Тропар на споменот
на Христовиот возљубен Апостол
Јован
8 мај / 21 мај
Благочестива усто на откровението,
на дар сѐ доби, дарум Христос преку тебе сѐ ни предаде,
да знаеме и да веруваме, да поимаме и да љубиме
по твоето сведоштво смрт да не видиме
и Него да Го дочекаме со мир во душите.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на преподобниот
Арсениј Велики
8 мај / 21 мај
Велики Арсение Божји угодниче,
тебе Христос ти беше кормилар,
а ангелите сопатници на лаѓата спасоносна,
оклоп ти стана молчанието,
очи ти беа молитвите,
моли се за нас пустински ангелу,
за да и ние озарени од Божјата благодат,
по твоите молитви стигнеме до небесните висини.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Крстител Слепче
Тропар на преподобниот отец
Арсениј трудољубив
8 мај / 21 мај
Одмор на телото не даде блежен Арсение
сé додека не го покори на душата,
а стража на устата постави
сѐ додека Името вечно во тебе не се удоми.
Спомни си за нас оче свети
за кого Сонцето залез никогаш не достигна.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на светата
Емелија
8 мај / 21 мај
О мајко од Бога благословена, Емелијо света,
ревноста твоја младешка Господ ја умножи во утробата твоја
и светот ја спозна силата Божја во децата
кои како светила на родот човечки беа подарени.
Радувај се мајко, радувај се подвижничке
и за нас моли се ти која и првина
и десеток на Бога Му подари.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на преподобниот отец
Милиј славопевец
8 мај / 21 мај
Устата твоја која на Бога песна нова пееше,
мир донесе за душата која кон Него стремеше
о, Милие харфо милозвучна,
а срце ти се радуваше бидејќи Великиот
тоа го прими и рашири по вселената.
Моли се за нас оче преподобен,
да вкусиме од благодатта на зборовите
кои Бога Го прославуваат.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
ТРОПАР
Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.
Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.
Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.
Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.
ПреминПортал
2024 лето Господово
Од Верскиот календар:
Светиот апостол и евангелист Јован
Споменот на овој голем апостол и евангелист се празнува на 26 септември. А на 8 мај се споменува чудото пројавено на неговиот гроб. Имено, кога Јован имаше повеќе од сто години, зеде седуммина од своите ученици, излезе од Ефес и им нареди на учениците да му ископаат гроб во вид на крст. Потоа старецот слезе жив во гробот и беше погребан. Кога подоцна верните го отворија Јовановиот гроб, не го најдоа телото во гробот. А на 8 мај секоја година се креваше некоја прашина од неговиот гроб, од која се исцелуваа болни од разни болести.
Преподобен Арсениј Велики
Овој славен светител е родум од една патрициска фамилија во Рим и добро школуван како во светските науки и во философијата така и во духовната мудрост. Кога ја остави сета светска мудрост, се предаде на служба на Црквата и стана ѓакон во големата црква во Рим. Неоженет, повлечен, молчалив, Арсениј мислеше така да го проживее сиот свој живот. Но Промислата Божја го управи неговиот живот поинаку. Царот Теодосиј го зеде за воспитувач и учител на своите синови Аркадиј и Хонориј и го постави за сенатор, опкружувајќи го со големо богатство, почести и раскош. Но сево ова повеќе го притискаше срцето на Арсениј отколку што го задоволуваше. Се случи еднаш Аркадиј направи некоја беља, а Арсениј го казни за тоа. Навредениот Аркадиј му смислуваше тешка одмазда на учителот, за која Арсениј кога дозна се облече во облека на питач, отиде на морскиот брег, седна на кораб и замина за Мисир. Кога пристигна во славниот Скит, му стана ученик на прочуениот Јован Колов и се предаде на подвиг. Се сметаше себеси за мртов и кога некој му јави дека му умрел некој богат роднина и му го оставил во наследство сиот имот, тој одговори: „Па јас умрев пред него, како можам да го наследам!“ Повлечен во една пустинска келија како во гробница, постојано плетеше кошници од палмови лисја, а ноќе Му се молеше на Бога. Ги одбегнуваше луѓето и секој разговор со нив. Само во празнични денови излегуваше од келијата и доаѓаше в црква да се причести. За да не стане мрзлив, си го поставуваше прашањето: „Арсениј, зошто дојде в пустина? “ Помина педесет и пет години како пустиножител и за сето тоа време им беше пример на монасите и слава за монаштвото воопшто. Поживеа сѐ на сѐ сто години и по долготраен труд и доброволно себеналожено мачеништво се упокои мирно, во 448 година. Се пресели во Царството на Христа Бога, Кого Го љубеше со сето свое срце и со сета своја душа.
Преподобен Арсениј Велики
Со сета сила бори се твоето внатрешно дејствување да биде по Бога и ќе ги надвладееш надворешните страсти.
Света Емилија
Мајката на Свети Василиј Велики. Во младоста сакаше доживотно да остане девојка, но беше принудена на брак. Роди девет деца и толку ги вдахнови со дух Христов, што петмина од нив станаа христијански светители, и тоа: Василиј Велики, Григориј - епископ Ниски, Петар - епископ Севастиски, Макрина и Теозвија. На старост устрои манастир, во кој живееше со својата ќерка Макрина. Таму се упокои во Господ на 8 мај, 375 година.
Преподобен Арсениј Трудољубивиот
Монах киевски. Никогаш не си даваше себеси одмор, а непрестајно се трудеше. Храна земаше еднаш дневно, по залезот на сонцето. Се подвизуваше и се упокои во 14 век.