
Глас од Дамаск во Македонија
По повод најголемиот и најсветол христијански празник – Христовото Воскресение, кога небесата и земјата се исполнуваат со радоста на победата над смртта, имавме чест да разговараме со гостинка која за првпат стапнува на македонско тло.
Фотини Рајеха (فوتيني راجحة) е родена во древниот и благословен Дамаск, Сирија – градот на светите апостоли и маченици, град со длабоки христијански корени и жива вера што со векови сведочи за Христа. Таа има 27 години, а од 2015 година, поради трагичните последици од конфликтот во Сирија, живее и делува во Бохум, Германија.
Во градот Есен таа е дел од антиохиската православна црковна заедница посветена на Светиот Јосиф Дамаскин – светител и новомаченик особено почитуван меѓу православните христијани на Блискиот Исток, сведок на верата и љубовта Христова во тешки времиња.
Во духот на пасхалната радост и братската љубов, разговаравме со Фотини за нејзиниот животен пат, верата во денови на страдање, духовниот живот на православните христијани од Сирија, како и за нејзините први впечатоци од Македонија и македонскиот народ.

Како го доживеавте Вашето прво доаѓање во Македонија токму во деновите на Воскресението Христово?
Христос Воскресе! Би се осврнала на житието на Светиот Апостол Павле кој повикот од Бога го добил во мојот роден град Дамаск. Бог тука го повикал Светиот Апостол во негова служба. Денес на ова место се наоѓа православен манастир од Антиохиската црква посветен на овој настан. Моето доаѓање во Македонија го гледам поврзано со овој Свет Апостол. Тој продолжил во служба на Бога и стигнал дури до Македонија. Тука ја гледам и мојата поврзаност со оваа света земја Македонија. Му благодарам на Бога што ми овозможи да ја доживеам Македонија за време на Пасхата Господова.

• Какво духовно искуство понесовте од Бигорскиот манастир и од атмосферата за време на богослужбите?
Бигорскиот манастир е за мене парче од мојата татковина Сирија. Тука се служи по светогорски типик и се пее византиски. Тоа го знам од мојата родна земја. Тука сфатив колку сме физички далеку еден од друг, но духовно блиску. Ова за мене е потврда дека православието не познава граници и љубовта Господова е секаде меѓу нас. Особено се радувам што можев да го доживеам овој манастир во страсната седмица. Мојата благодарност ја испраќам до браќата и игуменот на овој манастир што смеев да го испеам Воскресалниот Тропар на мојот мајчин арапски јазик за време на Боженствената Литургија на светата Пасха.

• Што за Вас претставува византиското пеење – како повик, служба или животен пат?
Византиското пеење за мене претставува молитва. Во едно тоа е начин да се заблагодарам на Бога за се во мојот живот. Кога човек го знае овој начин на благодарење на Бога, тогаш јазиците не се разликуваат, човек знае што се пее иако јазикот не ист. За време на литургиите имав чувство во еден момент дека целата заедница пее на арапски. Тоа е молитвата соборната молитва иако јазиците не се исти.
Од кога знам за себе јас сум на певница. Мојата мајка секогаш ме носеше во Антиохискиот Патријархат во Дамаск посветен на нашата Богородица. Нашата локалкна црква блиску до нашиот дом беше посветена на Светиот Георгиј Победоносец. Официјалниот почеток со Византиско школо беше поврзано со СЕМ (School of Ecclesiastic Music). Во православниот свет тоа е еден многу познат хор за византиско пеење. Подоцна мој учител беше и отец Јаков, денес игумен на манастирот Хаматура во Либан, кој неодамна и тој го посетил Бигорскиот манастир.

• Доаѓате од Сирија – земја со древна христијанска традиција. Која е главната разлика, а која најдлабоката паралела меѓуарапскатахристијанска духовна традиција и македонската православна традиција, особено во доживувањето на византиското пеење како молитва и служба на Бога?
Антиохиската црква е дел од Пентархијата, односно првите 5 древни цркви во Рим, Цариград, Антиохија, Александрија и Ерусалим. Ова богато духовно наследство на блискиот исток секогаш во историјата се соочувало со потешкотии. Борбата на антиохиската црквае за жал се потешка, особено по граѓанската војна што ја раздрма мојата татковина. Од Антиохиската црква произлегле многу маченици и светии и тоа се случува и до ден денес. Но силата на православието не ја мериме во бројка, тука во присуството на Светиот Дух кој до ден денес ја пази и заштитува Сирија. Разликата со Македонија ја гледам во тоа што тука има голема слобода. Се надевам дека браќата и сестри православни Христијани ќе ја ценаат таа слобода и ќе бидат поблиску до Бога. Радувајте се секогаш! Молете се постојано!( 1. Сол. 5, 16-17).

• Дали Вашето срце веќе се чувствува дел од оваа духовна заедница, со оглед на тоа што ќе станете македонска невеста?
Се разбира. Јас го запознав мојот сопруг покрај молитвите на многу светии, и по молитвите на Светата Марија Магдалена. Нејзините мошти кои обично се на Светата Атонска Гора беа дојдени во нашата црковна заедница во Есен- Германија. Тој Божји Благослов се чувствува кај нас двајца и денес. Покрај мојот сопруг се разбира дека се чувствувам дел од македонската заедница. Се трудам да го научам македонскиот јазик. Можеби ќе ми бидат потребни неколку години за тоа, но се надевам за блиска иднина ќе можам да пеам византиски и на македонски јазик.
• Што научивте од ова искуство што ќе го носите со себе понатаму?
Во Македонија посетив многу манастири и цркви. Морам да го споменам и манастирот Трескавец во околината на Прилеп. Особена чест ми беше да разговарам со Игуменот Отец Никодим. Тој манастир е уште едно парче рај во оваа земја. Бог ја благословил оваа земја со многу убавини. Љубовта што ја почувствував во Македонија ќе се обидам да ја споделам со моите браќа и сестри во Германија во мојата црковна заедница. Во Македонија веќе имам и фамилија, тоа се родителите на мојот сопруг и нашиот кум. Веќе многу од моите блиски во Германија посакаа да бидат тука. Се надевам дека следната година ќе можеме во поголем број да ја посетиме Македонија.
• Како ја гледате улогата на жената во Црквата денес, особено во контекст на сведоштвото, молитвата и духовната уметност?
Нашиот Господ Исус Христос, по Своето славно Воскресение, најнапред се јави во Својата божествена светлина на жените мироносици, а прва меѓу нив беше светата Марија Магдалена. Со тоа самиот Господ ја откри честа и достоинството што жената го има во Црквата Христова. Не е случајно што токму Пресвета Богородица беше избрана да Го роди Спасителот на светот, станувајќи „почесна од херувимите и неспоредливо пославна од серафимите“. И светата Фотина Самарјанката, чие име со радост го носам, ја прими живата вода директно од нашиот Господ Исус Христос и преку своето сведоштво стана проповедничка на вистината. Овие свети примери ни покажуваат дека жената во православната вера не е споредна, туку благословена и осветена со особена благодат.
И светите Отци на Антиохиската Црква често говореле за достоинството на жената како чувар на верата и на домот. Свети Јован Златоуст, антиохискиот проповедник со златна струна на црквата учел дека мајката е „првата учителка на верата“ и дека домот станува мала црква кога во него има љубов, смирение и молитва. Уште во Десетте Божји Заповеди се открива ова свето достоинство, зашто Господ не вели: „Почитувај го само таткото свој“, туку заповеда: „Почитувај ги таткото и мајката своја“, издигнувајќи ја мајката во еднаква чест и почит пред децата и пред заедницата. Во тоа се огледа Божјата мудрост, зашто жената е столб на семејството, чувар на љубовта и верата.
Низ вековите многу жени се осветиле со своите подвизи и мачеништва и многу храмови се посветени токму на свети жени. И денес жената останува незаменлив дел од животот на едната света, соборна и апостолска Црква. Жените студираат теологија, учествуваат во духовни конференции, го збогатуваат богослужението со своите ангелоподобни гласови во црковните хорови и преку својата љубов, жртва и вера сведочат за Христос во светот. Затоа и ние, православните жени денес, со смирение и благодарност се трудиме да Му служиме на Бога и да придонесуваме во духовниот раст и сведоштвото на Светата Црква, следејќи го примерот на светите жени кои со својот живот ја прославиле Божјата љубов и вистина.
Која порака би сакале да ја споделите со верниците по повод Воскресението Христово – празникот над празниците?
Во овие благословени денови, сè почесто се навраќам кон животворните зборови на светиот апостол и евангелист Јован Богослов — апостолот на љубовта: „Јас сум воскресението и животот; кој верува во Мене, и да умре, ќе живее“ (Јован 11:25).
Па сите заедно да го помолиме Христос Воскреснатиот, Господи, оживотвори ги нашите срца со Твојата благодат, укрепи нè во верата, сочувај нè во љубовта и удостој нè, како миризлив цвет пред Твојот престол, да расцветаме во светлина, чистота и надеж — за слава на Твоето пресвето име, во сите векови. Амин.

• Каква порака би им испратиле на младите православни христијани ширум светот, особено во време на предизвици и страдања?
Во ова наше забрзано време, кога човекот сè почесто се губи меѓу обврските, бучавата и грижите на секојдневието, особено на Западот каде што темпото на животот како да не познава одмор, младите православни христијани се повикани да го зачуваат она што е најскапоцено — мирот во Христа и љубовта меѓу браќата.
Пораката што би им ја упатил е проста по содржина, но длабока по сила: љубете се еден со друг, како што и Господ нè возљуби нас. Бидејќи во таа љубов се исполнува целиот закон и пророците. Како што и светите апостоли нè поучуваат, да не бидеме само слушатели на словото, туку и негови исполнители, носејќи си го еден на друг товар, за да го исполниме законот Христов.
Во миговите на искушение и страдање, нека не ослабнува нашата вера. Зашто Господ не ни вети живот без крст. И токму таму, во длабочината на човечката немоќ, се открива силата Божја. „Кога сум слаб, тогаш сум силен“ — вели апостолот, сведочејќи дека благодатта Божја се извршува во немоќ.
Затоа, да не се плашиме од тешкотиите на овој век, туку да ги примаме со смирение, како пат кон очистување на срцето. И кога ќе ни се чини дека сме оставени, да се сетиме дека Бог никогаш не го остава човекот што со вера Го повикува. Дури и кога молкот Божји ни изгледа тежок, во него тивко зрее Неговото присуство.
Нека во нашите срца постојано одекнува благодарноста: слава на Бога за сè — и за радоста и за тагата, зашто сè во рацете Божји се преобразува во спасение за оние што Го љубат.

• Дали планирате повторно да ја посетите Македонија и можеби повторно да учествувате во богослужбеното пеење?
Со Божја помош се надевам дека наскоро ќе можам да бидам повторно во Македонија. Се разбира, би ми било чест да можам да Му служам на Бога со пеење !
Подготви: Блажески Дејан
на празникот Оддание на Воскресение
20ти мај 2026 лето Господово


























