(1873-1917)
Отец Епифаниј Теодоропулос
Праведниот подвижник Илија Панагулаки е роден на 14 јули 1873 година. Никогаш не одел во училиште. Едвај читал и пишувал. Сè до неговата 30 година свирел на инструмент во група и бил сопственик на ресторан во близина на црквата на Свети Никола. Сите неугледни луѓе од градот се собирале во неговиот ресторан, а тој бил нивни водач. Тој и за најмала причина ги тепал луѓето и им се заканувал. Живеел многу несреден и грешен живот, и од никого не се плашел.
Еден од неговите најблиски пријатели се упокоил во 1902 година. Панагулаки отишол на погребот и внимателно следел. Делот од Евангелието: „преминал од смрт во живот“ (Јован 5,24) – потполно го потресол. Очигледно вознемирен прашал во црквата кај епитропите дали постои „друг живот“, а тие, бидејќи биле побожни, го упатиле на вистинско место. Тој веќе бил заробеник на божествената благодат. Плашејќи се од своите стари и лоши дела отишол на света исповед кај свештеникот што го вршел погребот, но тој бидејќи немал благослов да биде духовник, го испратил кај јеромонахот Глиманос од Веланидијаскиот манастир, кој бил опитен духовник. Сите свои гревови ги исповедал и ветил дека понатаму ќе живее со примерен христијански живот. Тогаш го продал својот ресторан и од секого, кому му имал сторено некаква неправда, побарал прошка на колена. Така одлучил да живее како подвижник, да живее живот сличен на преподобниот Антониј.
Царот Давид вели: „Твојот пат води кон морето, но Твоите патеки во многуте води и Твоите траги не ќе се познаваат“ (Псал. 76,19). Кој би можел да замисли дека таков човек, кафанџија, мајтапчија, растурник би можел некогаш да го најде патот кон Бога и да стане подвижник од едно доаѓање во црква?
По краток престој во Мани се вратил во Каламата и тука првин живеел во параклисот на Света Ана, а малку подоцна во друга ќелија близу до гробиштата во Каламата. Иако не бил монах, тука живеел со молитва и многу тежок подвиг 15 години. Јадел маслиново масло само во сабота и недела, а месо не јадел никогаш, ниту риба, ниту млеко. Секоја среда и петок не јадел ништо. Немал кревет. Спиел само неколку часови на некоја даска на земјата. Бидејќи некои млади сакале да живеат покрај него, изградил неколку мали ќелии со помош на побожните луѓе. Вратите на ќелиите биле тесни за да ги потсеќаат на „тесниот пат“ од Евангелието. Проповедал во градот пред многуброен народ, секоја недела и секој празник, иако не бил ни монах, ни свештеник. На местото каде што проповедал секогаш носел човечки костур за да ги потсетува присутните на минливоста на световните нешта. Беседите на Панагулакис, кои биле едноставни, и доаѓале од неговото срце кое живеело во Христа, преродиле многу народ. Неговата светост привлекла многумина. Проповедниците на Евангелието како што се архимандритот Јоил Јанакопулос (1901-1966), архимандритот Хризостом Папасарандопулос (1876-1972), јеромонахот Јоаким Николаидис од скитот на Света Ана (1895-1955)и многу други, уште како деца учеле покрај нозете на овој неписмен подвижник. Силата на беседите која привлекувала многумина, го натерала командантот на војската во Каламата да им забрани на своите војници да одат кај овој подвижник, бидејќи поради неговите едноставни зборови, војниците во групи заминувале кај него и не сакале да ја примат храната која содржела маслиново масло во посните денови.
Вреди да се спомне начинот на кој го запозна и му стана ученик Фотиј Јанакопулос, подоцна отец Јоил. Самиот тој раскажува:
„Еден ден во 1913 година, кога Фотиј имаше околу 12 години, додека играше бос на патот, една баба, стара и слепа, го замоли да ја однесе во дотогаш непознатата пештера на подвижникот. Добриот Фотиј ја остави играта со другите деца и придружувајќи ја слепата баба ја слушна проповедта на Панагулаки. Неговиот спокоен поглед и моќното слово го восхитија и така Му остави на Светиот Дух да го раководи, каде што велеше устата на слепата баба! Оттогаш Фотиј си стекна учител… Оттогаш и во сиот негов живот велеше: ,Колку чудно, какви таинства твори Бог; Мене опулениот ме водеше една стара слепа баба. Колку мудро дејствува Бог! Имав впечаток дека ја водам јас. А Бог ми покажа дека ми ја има Он испратено за Он да ме води, преку таа ,слепа‘, во светлината на познанието мене кој ,гледав‘.
Во друга прилика се најде пред еден чудесен знак, кој не само што го восхити, туку и за неговиот философски ум, го увери за вистината и силата на Православната вера. Илија Панагулаки зборуваше со една група млади луѓе и неколкумина постари за оваа вера. Тогаш еден мајски бумбар почна да лета постојано врз нивните глави и сите се свртеа кон него, без да внимаваат на зборовите на подвижникот. Тогаш Илија, со знакот на крстот, го прекори ѓаволот, така што инсектот падна на земја мртов… Мудриот Фотиј тогаш сфати! Навистина имаме помислувано колку демонско е секое нешто, кое нѐ одделува од словото Божјо и од нашата душа го прогонува умилението“.
Бидејќи телесно бил изнемоштен од туберкулозата, која ја добил живеејќи во влажната пештера, при крајот на неговиот живот неговите ученици го натерале да користи барем маст од месо поради болеста. Се упокоил во Господа на 17 јануари 1917 година, а целиот град го испратил до гробот.
Неговите мошти се наоѓаат на истото место каде што се подвизувал. Зад себе оставил име на свет човек. Многу веродостојни и угледни луѓе со своите очи и уши ги сведочат настаните кои докажуваат дека имал дар на пророштво.
Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев