Сеноќна акатистна молитва кон Богородица
16 април 2016 лето Господово
Радувај се, на Судијата праведен умоление. Радувај се, на многуте согрешенија простување. Радувај се, на бедните ризо на дерзновение. Радувај се, љубов што го победува секое желание... Радувај се, Ти си цврст столб на Црквата; радувај се, Ти си неразрушлив бедем на државата! Радувај се, со Тебе победните знамиња се возвисуваат. Радувај се, со Тебе непријателите се уништуваат... Радувај се Невесто Неневестна!
Извадок од Акатистот на Богомајката
Ретко кое друго црковно песнопение може да направи така силно да трепери срцето во умиление, толку голема сладост да ја исполни душата, толку моќно да бликне молитвата, толку брзо да се разбуди верата во непрестајното застапништво, надежта за прошка и помилување и љубовта поттикната од нашата небесна и најпожртвувана Мајка, како што тоа го прави Акатистната пофалба кон Богомајката Пречиста. Зашто никој друг, туку самата наша Мајка на милосрдието, најпрославената и највоспеана, пренепорочната Богородица, Која е повисока од сите твари, гледајќи дека на лицето на земјата се разгорува огнот на непријателство меѓу народите и пламнува злоба, со преклонети колена умилно моли и посредува пред Пресвета Троица за Бог да ги скроти и смири завојуваните, за Он да се сожали и да ги вразуми народите, да ја спречи пропаста на безброј невини жртви. Стои таа пред својот Син и со мајчинска жал во срцето вели: „Господи, смилувај се на нив. Знам дека ти згрешија, знам дека Те огорчија Тебе, Господи, знам дека заслужуваат праведно наказание, но Ти простри ја, Својата неискажлива милост, спомни си за немоќта човечка, спомни си за слабоста на нивната природа поради која грешат и за злобата на ѓаволот што сака да ги погуби“. И тогаш слегува на нас милоста на Спасителот, и Он одново испраќа од небото благодатен дожд, кој ги одгонува далеку мрачните облаци на непријателството и благословен мир слегува на земјата. Во сите наши најголеми маки и искушенија милостивиот наш Бог, Кој не се гневи до крај, ни подари непосрамена надеж и непрестајно непроменливо застапништво, давајќи ни ја Својата Пречиста Мајка, која од Крстот ја довери на Својот возљубен ученик и богослов и ја направи Мајка на целиот човечки род. Не само одредени луѓе во своите лични испитанија, туку и цели народи и земји го чуваат споменот за прекрасните чудеса од застапништвото на Богомајката, во миговите кога веќе немоќна била секаква човечка помош да се спречи погибелта.
Ете токму во спомен на едно такво чудесно собитие, Бигорската света Обител ги собра во своите прегратки, како во најнежни прегратки на Пресвета Богородица, сите присутни кои љубовта и почитта кон онаа која секојдневно нѐ закрилува, ги донесе на ова сеноќно молитвено славословие во нејзина пофалба и чест. И навистина токму сега е мигот молитвено да го упатиме својот поглед кон Богородица, просејќи од неа мајчински да ги заштити своите деца кои се во опасност, бидејќи се чини дека на нашиот народ, како никогаш до сега, му е потребна нејзината помош. Потребно ни е нејзиното кротко посредување за мир, во овие тешки времиња кога гласот на вечноста веќе не се слуша, кога шумот на големите цивилизации и политички превирања, шумот на самиот современ живот со сета своја суета го заглушува тој глас.
Деновиве ги преживуваме можеби најголемите искушенија досега – и ние како поединци, и нашата земја, и самата наша Црква. Затоа оваа ноќ, верните срца ги обедини една искрена усрдна молитва кон нашата најусрдна застапничка, за таа да помогне да се избегне насилството, нашите одговорни државни и партиски чинители да ги стават на прво место интересите на Татковината и народот, и да направат сѐ што е според нивните сили непријателството и омразата да се оддалечат, да преовладее благоразумието и братољубието, да се скршат сите непријателски планови за разнебитување на оваа наша света земја, и сите оние во чиишто раце денес се наоѓа нејзината иднина да го слушнат скромниот апел, изречен од монашките заедници и Светиот Синод, и да најдат мирно решение за оваа длабока криза која се заканува да ја фрли државата во војна.
О севоспеана Мајко, Родителке на Словото, посвето од сите Светии! Примајќи го приносот сегашен од секоја напаст избави нѐ, и од секоја идна мака сочувај нѐ, нас што Ти воспеваме:
Алилуја!
Нека Пречистата Богомајка го слушне овој молитвен крик и Го смилостиви кон нас својот Син и Бог, за уште малку да нѐ потрпи, да ја сочува Татковината и Црквата наша, а на луѓето да им подари покајание, приведувајќи ги кон спасение.