Не му кажувај на исплашениот човек: ‘Смири се’ — кажи му: ‘Не си сам, тука сум

Постојат луѓе кои паниката ги напаѓа во автобус, во продавница, во црква или дури и во сопствениот дом. Срцето забрзува, градите се стегаат, воздухот како да исчезнува, а телото вика дека смртта е близу. Другите велат: „Смири се, ништо не ти е“ или „Ако навистина се молеше, немаше повеќе да се плашиш“. И така, врз стравот се наталожува и срамот.
Паничниот напад не е глума, морална слабост или доказ за недостаток на вера. Понекогаш телото го вклучува алармот за рани, исцрпеност или нарушувања кои умот повеќе не може да ги крие. Молитвата не треба да се користи како камшик против нервениот систем кој страда. Христос не го укорува човекот кој се тресе од страв и не бара од него да се преправа дека е силен.
Исцелувањето може да значи медицинска проценка, психолошка поддршка, одмор, трпение, разбирлив духовник и луѓе кои остануваат блиску без да осудуваат. Не мора да се избира меѓу лекарот и Бог. И едниот и Другиот можат, на различни начини, да бидат служители на исцелувањето. Црквата треба да биде засолниште за исплашениот човек, а не место каде што ќе му се испитува верата.
Понекогаш, најхристијанското дело е да седнеш покрај човекот што го обзема паника и да му кажеш:
„Не си сам. Ќе останам тука додека не помине.“
Не е духовна ревност ако оние што ги сакаш се плашат од тебеОдиш во црква, постиш, цитираш Свети Отци и ги исправуваш сите околу себе, но во твојот дом луѓето полесно дишат кога ќе излезеш од собата. Детето се плаши од твојот тон, сопругот или сопругата го премерува секој свој збор, а родителите ја кријат својата болка за да не те налутат. Ти го нарекуваш тоа ревност, вистина и силен карактер. Но гневот облечен во религиозни зборови, сепак останува гнев.
Светиот Дух не го стврднува срцето. Тој дава цврстина без суровост, вистина без презир и укор без понижување. На Бог не Му е потребно да Го браниш со својата омраза. Лесно е да го осудуваш падот на светот; потешко е да забележиш како твојот глас ги затвора оние за кои тврдиш дека ги сакаш. Плодот на молитвата не е победата во расправиите, туку силата да слушаш и да кажеш: „Згрешив.“
Не се криј повеќе зад цитати и канони. Однеси ја својата суровост на исповед и побарај прошка без она „но и ти...“, кое потоа сè поништува. Благодатта не доаѓа за да ја украсува религиозната гордост, туку за да ѝ го скрши оклопот.Можеби првото чудо нема да биде промената на другите, туку тоа што твоето семејство повеќе нема да има потреба да се брани од тебе.
Кога дејствува Светиот Дух, вистината повеќе не повредува за да господари, туку сече само за да исцели.
Бог не бара да се казнуваш за да ти прости — Тој бара да Му дозволиш да те подигне
Велиш дека си смирен, но по секоја грешка се нарекуваш недостоен, бескорисен и без надеж. Се казнуваш себеси, ја одбиваш радоста и мислиш дека мора доволно да страдаш за Бог повторно да те прими. На другите им простуваш, но себеси се држиш затворен во ќелија без врата. Тоа не е смирение, туку повредена гордост која не може да прифати дека си слаб, а сепак сакан.
Себеомразата изгледа како духовна строгост, но погледот и понатаму го задржува врз самите себе: мојата грешка, мојот срам, мојата недостојност. Покајанието гледа кон Христос. Тоа го именува гревот, го поправа направеното зло, ја прима милоста и продолжува понатаму. Непријателот не се плаши од солзи што водат кон очај. Светиот Дух ја открива раната, но не ја краде надежта и не го поистоветува човекот со неговиот грев.
Можеби уште од детството си слушал дека не си доволно добар, а сега ги повторуваш тие гласови во својата глава и ги нарекуваш совест. Исцелувањето започнува кога ќе научиш да го разликуваш Божјиот глас од внатрешниот судија. Преку молитва, исповед и, понекогаш, стручна помош, можеш да научиш да го примиш простувањето.
Не обидувај се повеќе да го отплаќаш долгот што Христос сака да го избрише.
Благодатта е и силата да го подигнеш без омраза човекот што паднал — дури и кога тој човек си ти.
Господи, зошто не ме слушаш?“ — молитвата на оној што веќе нема сила да чекаПостојат луѓе кои со години се молат за исцелување на своето дете, за враќање на оној што заминал, за спасение на својот брак или за излез од некоја неволја. Свеќите догоруваат, акатистите завршуваат, а ситуацијата останува непроменета. Во душата се појавува прашањето кое човекот се плаши да го изговори: „Господи, зошто не ме слушаш?“А кога другите ќе му кажат да се моли уште повеќе, болката станува речиси чувство на вина.
Верата не значи да се преправаме дека Божјото молчење не боли. Човек може да дојде пред Него и со својот револт, немоќ, умор и сомнеж. На Бог не Му се потребни убави реченици, туку вистинско срце. Понекогаш одговорот не е оној што сме го барале, не доаѓа кога го посакуваме или останува скриен зад крстот кој не можеме да го објасниме.
Исцелувањето започнува кога молитвата ќе престане да биде договор: „Јас верувам, а Ти мораш да направиш.“ Тогаш човекот може да каже: „Не разбирам, но не сакам да заминам од Тебе.“
Исповедта, Светата Литургија и присуството на Црквата ја одржуваат врската жива тогаш кога чувството на верата ќе згасне.
Понекогаш чудото не е во тоа околноста веднаш да се промени, туку во тоа што душата не умира под нејзината тежина.
Божјото молчење може да биде болно, но не треба да го помешаме со напуштање.Мајка Силуана Влад
Подготви С.Стефковски

























