Тропар на преподобниот
отец Јован Ветхопештерник
19 април / 2 мај
Со поглед кон Небото подигнат,
свети Јоване преподобен,
душата твоја се напои со благодат врз благодат,
трудот и воздржанието ги умртвија страстите на
човечкото тело, земен ангел постанувајќи,
на Бога Му угоди, Кој не ги презре твоите молитви,
затоа и сега за нас застапи се пред Оној
Кој мирот Свој тебе ти го подари.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на светите
Христови маченици
Христофор, Теон и Антонин
19 април / 2 мај
Светлината Христова, повикана
по молитвите на великиот Георгиј,
ве осени и вас свети маченици
Христофоре, Теоне и Антонине,
и вие напоени од благодатта
ја отфрливте прелеста од овој свет,
па поитавте оковани во земни вериги,
кон слободата во небесното царство,
од каде за нас молете се да се избавиме
од веригите на гревот.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на светиот
Агатангел Есфигменски
19 април / 2 мај
Велик си ти Агатангеле,
затоа што големо е твоето покајание пред Господа,
кое ја смири совеста, од оган обвинувачки запалена,
и мир не даде на душата Твоја,
додека не те приведе во крајно мачеништво.
А Он Пресветиот ја прими твојата тежина
и прости на возљубениот покајник.
Затоа денес и постојано повикуваме:
Господи, спаси и помилуј,
по молитвите на Агатангел свети,
кого Љубовта Твоја го приведе.
Извор МПЦ – ОА
Манастир Свети Јован Претеча Слепче
Тропар на преподобниот исповедник
Георги епископ Писидиски
19 април / 2 мај
Радувај се свети епископе,
радувај се Георгие преподобен,
ти исповедник постана кој маки вкуси
и душата ја избели со благодатта Христова
до крајот на земното пребивање,
а сега пред славата Господова те молиме
да измолиш за нас милост голема.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на преподобниот отец
Никифор
19 април / 2 мај
Душата твоја по поволен ветар трагаше,
кој до Христа ќе ја доведе, оче наш Никифоре,
и кога патот на благодатта го пронајде,
дозволи Христос пастир и кормилар да ѝ биде.
Он преку тебе Црквата ја умножи
и по твоите молитви мноштво помилува,
затоа оче свети за нас моли се
пред Милоста која опростува.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на преподобниот отец
Трифун патријарх Цариградски
19 април / 2 мај
Смирението твое, свети Трифуне,
ја понижи верата на оние кои дела немаат,
и Христа Го прослави и посведочи,
но не со мастило и хартија која бессилна стана,
туку со благочестието на твојата преподобна глава.
Сега за нас застапи се пред Бога,
да го раскине списокот на нашите прегрешенија.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
ТРОПАР
Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.
Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.
Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.
Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.
ПреминПортал
2024 лето Господово
Од Верскиот календар:
Преподобен Јован Ветхопешчерник
Се подвизуваше во т.н. Ветха Пешчера или Лавра на Харитон Велики во Палестина. Бидејќи со сето срце, со сиот ум, со целата своја душа Го возљуби Христа, од младоста почна да патува по Светите места и да ги слуша поуките и советите на светите луѓе. Најпосле се насели во Харитоновата пештера, каде што се предаде на тврд подвиг минувајќи ги деновите и годините во пост, молитва и бдеење, непрестајно помислувајќи на смртта и учејќи се на смирение. Смртта го најде како добро созреан плод и го внесе во Рајот. Поживеа и се упокои во 8 век.
Светите маченици Христофор, Теона и Антонин
Тројцата беа млади офицери кај царот Диоклецијан. Кога беше мачен Светиот великомаченик Георгиј, тие ги гледаа неговите маки и чудата што се извршија при тој настан. Кога го видоа сето тоа, излегоа пред царот и храбро го исповедаа името на Господ Исус. За ова беа подложени на големи маки и најпосле фрлени во оган, каде им изгореа телата, а душите им заминаа во вечната радост на Господ. Пострадаа чесно во Никомидија во 303 година.
Свети Трифун
патријарх Цариградски
Царот Роман, а тој владееше со Византија во почетокот на 10 век, имаше син Теофилакт на возраст од шеснаесет години кога умре патријархот Стефан. Царот сакаше да го возведе за патријарх својот малолетен син, бидејќи го имаше заветувано на духовна служба, но се засрами да го направи тоа. На патријаршискиот престол седна Свети Трифун, прост но чист и благочестив старец. Трифун остана на престолот три години. Кога царскиот син влезе во дваесеттата година, царот намисли по секоја цена да го тргне Трифун од престолот, а да го постави својот син. Божјиот светител Трифун не сакаше доброволно да си оди од престолот не заради нешто друго, туку затоа што сметаше за голема соблазна толку млад човек да се возвиси на таква одговорна и тешка положба како што е патријаршиската. Тогаш со сплетка на еден зол епископ измамија од Свети Трифун потпис на чиста хартија и над потписот во царскиот дворец ја напишаа божемната оставка на патријархот, којашто царот ја објави. За ова настана голем смут во Црквата, зашто народот и свештенството стоеја на страната на Божјиот човек Трифун. Тогаш царот насилно го тргна Свети Трифун и го испрати во манастир, а својот син Теофилакт го воздигна за патријарх. Свети Трифун поживеа во манастирот како подвижник две години и пет месеци и се упокои во Господ во 933 година.
Преподобниот маченик Агатангел
Од Тракија. Служеше кај Турците и тие насилно го потурчија во Смирна. Како покајник се замонаши во манастирот Есфигмен на Света Гора. Мачен од совеста посака со својата крв да си го измие гревот. Отиде во Смирна и таму им ги покажа на Турците крстот и иконата на Христовото Воскресение. Го убија на 19 април 1819 година, во деветнаесеттата година од неговиот живот. По смртта му се јави жив на својот духовник Герман.