ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ
Тропар на светиот
Христов великомаченик
Евпл ѓакон
11 август / 24 август
Словото Божјо во раце носејќи го,
во срцето твое се всели о свети Евпл ѓаконе,
темнина во пештерата постоеше се додека светлината Христова
преку тебе во неа не се насели.
Господ е вода жива за спасение на родот човечки,
о свети мачениче, моли се до Изворот да стигнеме
по твоите свети молитви.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на светите
Христови новомаченици
Анастасиј и Димитриј
од Митилина
11 август / 24 август
Неуморен подвиг исповеднички
на себе земајќи Анастасие и Димитрие свети,
сиромавиот земен живот го заменивте
со богатството на вечноста,
во плеадата на мачениците свети,
каде сега ликувајќи молете се
за спасение на нашите души.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на светата
Христова маченица
Сузана девица и други
11 август / 24 август
Како река благодатна од допирот на твоето присуство,
се покажуваше силата Господова, о Сузано,
над безбожието и гревовноста човечка.
Радувај се света маченичке која Бога Го прослави,
радувај се света гулабице по чии
молитви Христос нѐ примири,
и не престанувај за нас да се застапуваш.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на преподобниот и Богоносен отец
Нифонт патријарх Константинополски
11 август / 24 август
Поучувајќи се од Христа Кој се смири,
земајќи обличје на слуга,
ти Нифонте свети пастиру,
на сите сѐ им постана, мерка земајќи
од бесловесните животни.
Награда благодатна со нас сподели,
богоносен оче оставајќи ни писмо отпусно
до Владиката испратено. Спомнувајќи си за тоа,
чест и поклонение денес воздаваме на твојот свет спомен,
и Бога Го славиме во вечни векови.
*моштите се наоѓаат во манастирот во Арџес во Романија и манастирот Дионисијат на Света Гора
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на светите
Христови маченици
Максим и Клаудие со жената и децата
11 август / 24 август
Душата ваша не го издржа допирот
на благодатта Христова,
темнината на срцето глава приклони
пред светлината Господова,
по молитвите на Сузана света
и вие се очистивте во купелот на радоста:
Максиме и Клаудие со жената и децата.
Затоа сега ликувајќи при Бога
спомнете си за нас неокајаните.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на преподобните отци
Теодор и Василиј
Печерски
11 август / 24 август
Учители наши преподобни,
кои молитвено се застапувате
за оние кои се во непријателски искушенија,
Теодоре и Василие, дарум добивате од Бога,
заради подвизите ваши благодат надумна,
дарум измолете од Христа спасение за душите наши.
Манастир Св. Јован Претеча Слепче
Од Верскиот календар на МПЦ (24.08.2024)
ТРОПАР
Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на апокалиптик (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.
Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.
Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.
Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.
ПреминПортал
2024 лето Господово
Од Верскиот календар:
Светиот маченик Евпл
Ѓакон во Катана Сицилиска. Царот Диоклецијан испрати во Сицилија некој војвода Пентагур за да ги уништи христијаните, зашто оние малку што ги имаше се криеја од гонителите и не се објавуваа себеси. Тогаш некој го обвини Свети Евпл дека оди со некоја книга кај некои потајни христијани и им ја чита таа книга. Книгата беше Светото Евангелие. Откако го изведоа на суд, по малку време незнабожците му ја обесија онаа книга на вратот и го одведоа во затвор. По седум дена затвор и гладување беше предаден на мачење. Кога го биеја со железни стапови, Евпл им се потсмеваше, велејќи му на судијата мачител: „Безумнику, нели гледаш дека овие маки заради Божјата помош се како пајажина за мене. Ако можеш пронајди други, потешки, зашто овие ми се како играчка.“ Најпосле Христовиот маченик го изведоа на губилиштето. Тогаш мнозина се обратија во Христовата вера, а Свети Евпл го убија со меч. Во Царството Небесно се пресели во 304 година. Неговите чудотворни мошти лежат во едно село близу Неапол, наречено Vico della Batonia.