логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

 


УТРЕНА

Тропар, глас 2.

Споменот на праведникот е со пофалбите, а тебе ти е доволно и сведоштвото на Господа, Претечо, оти навистина се покажа најпочитуван меѓу пророците, бидејќи се удостои да Го крстиш во водите Оној за Когошто тие проповедаа. Затоа, откако пострада за вистината радувајќи се, и на оние во адот им Го благовести Бога Кој се јави во тело, Кој го зема гревот на светот и ни дарува милост голема.

Седален, глас 1.

Кога Исус се роди од Дева Марија, и во Јордан се крсти од  Јована, Духот, виден во вид на гулаб, слезе на Него. Поради тоа Пророкот со ангелите говореше, викајќиː Слава на Твоето пришествие, Христе, слава на Твоето Царство, слава на Твојата промисла, единствен Човекољупче.

Седален, глас 4.

Кога Те виде дека сакаш да се крстиш во водите Јордански, Христе, великиот Претеча весело викашеː Ти дојде и се јави, Светлино непристапна.

    
Канон на Претеча. Творба Теофанова, чиј акростих еː
Крстителу Христов, прими ги моите пофалби. Глас 2.

Песна 1.


Ирмосː Да Му пееме на Господа, Кој непроодното разбранувано море со Својата заповед го исуши, и го упати еврејскиот народ пеш низ него да мине, зашто славно се прослави.


Мене, потопениот во бурата од страстите, со твоите молитви, Претечо, дојди и спаси ме, бидејќи самиот беше чесен и најчист сад на бестрастие, уште од детството посветен на Господа.


Ангелот кој стои пред Господа, радувајќи се, му благовести на твојот татко, додека тој како свештеник служеше во храмот, дека ќе бидеш Претеча и Пријател на Господа, рамен на ангелите, себлажени.


Уште кога си бил носен во утробата на твојата мајка, си бил исполнет со Сесветиот Дух, и со прекрасно играње радувајќи се (во утробата), Го навести Плодот на Дева, и Му се поклони, сечесен Пророку.    


Да го прославиме божествениот и богомудар Претеча на Господа, кој го отвори чудесниот пат на животот, порано непрооден за сите луѓе, и кој Го крсти Христа во водите Јордански.


Богородиченː Сеосветени храме на девството, кој во својата утроба Го носеше Бога Словото, со твоите молитви спаси ги оние што ти приоѓаат и те призиваат, Пречиста, отстранувајќи ги неволите што ги снаоѓаат, Сенепорочна.


Катавасијаː Крепкиот Господ во борбите, го откри дното на бездната и Својот народ го преведе по суво, а во неа ги потопи непријателите, зашто се прослави.


Другиот (канон)ː  Израил тргнува да ја мине брануваната морска бура, и веднаш им се покажува суво дно (на морето), но Црвеното море, како воден гроб, ги покри египетските војводи, со крепката сила на Господовата десница.

Песна 3.


Ирмосː Откако ме утврди на каменот од верата, ја рашири устата моја против непријателите мои, зашто се развесели духот мој кога пеамː Никој не е свет како нашиот Бог и никој не е поправеден од Тебе, Господи.


Си го отстранил срамот поради неплодноста, откако ја позна божествената Рожба на Дева; си заиграл во утробата на својата мајка радувајќи се, сожителу на ангелите, најблажен Претечо на Господа.


Откако ги израмни патеките пред Господа, си врвел пред Неговото лице, Пророче! Како светилник, кој на сите им го објавува Сјајот на славата Отчева, Кој заради нас се јави во тело, се покажа повозвишен од сите.


Си засветил како утро, навестувајќи Го Сонцето на правдата на оние што се во темнина, зашто ти си бил проповедник и Претеча на спасението на сите, и на сите си им говорелː Со вера пристапете кон Христа, и ќе се спасите.


Богородиченː Откако ја прими радоста неискажлива, Богомајко, си Го зачнала твојот Господ бессемено, Кој ја повика при Себе целата вселена. Затоа Му викамеː Никој не е свет како Тебе, Господи.


Катавасијаː Господ Кој на царевите наши им дава сила, и Кој достоинството на Своите помазаници им го издигнува, се раѓа од Дева и оди на крштевање. Нему, верни, да Му повикамеː Никој не е свет како нашиот Бог.


Друг канонː Ние кои се ослободивме од древните замки, бидејќи се скршени забите на дивите ѕверови, да ги отвориме устите и да се радуваме, плетејќи слово (пофално) од слаткопојните зборови, за да Го прославиме Словото, Кое нѐ насладува со Своите дарови.


Кондак, глас 4.

Господи, денес ѝ се јави на вселената, и Твојата светлина, се покажа врз нас, кои разумно Ти пееме: Ти си дошол и си се јавил, Светлино непристапна.


Икос: На Галилеја незнабожечка, на земјата Завулонова и Нефталимова, како што рече пророкот, им засветли Христос - големата Светлина; на помрачените им се јави светол зрак, кој засветли од Витлеем, или поточно, на целата вселена Господ ѝ пушта зраци од Марија - Сонцето на Правдата. Затоа, вие кои сте соголени од Адама, дојдете сите да се облечеме во Него, да се стоплиме, зашто Он ги покрива необлечените и ги просветлува помрачените. Ти си дошол и си се јавил, Светлино непристапна.

Седален, глас 8.


Јордан служи со водите, а Јован ја пружа распадливата рака, кога Ти, Невидливиот, се јави во тело за крштавање. Но едниот со страв се враќаше назад, а другиот веднаш со треперење те држи Тебе, Нераспадливиот. Навистина, Јагнето Божјо, Изворот на вечниот живот ги освети и изворите, и морето, и луѓето, зашто (Света) Троица болсна од неботоː Отецот – Те именува Син возљубен, а слегува и Светиот Дух.

Песна 4.

Ирмосː Те воспевам, Господи, зашто Го слушнав Твојот глас и се исплашив, бидејќи доаѓаш да ме побараш мене заблудениот. Затоа го прославувам Твоето големо снисходење кон мене, Многумилостиве.


Ти, сечесен, беше испратен од Господа, за да ги измиеш со вода осквернетите, и да ги подготвиш да Го примат Христа, Кој го зема гревот и ја изгонува заблудата со зракот на Богопознанието.


За да ме исцелиш од каснувањето на змијата, моли се, блажени, ти кој Го крсти Христа во водите јордански, во кои Спасителот ја скрши злобата на змиите, каде што таа се беше вгнездила.


Украсен со мудроста Божја, си дошол да бидеш Христов проповедник, зашто ти беше гласот кој викаː Покајте се, и како пророк го навести Оној што те покажа, нам, како најголем меѓу луѓето.


Ти, чудесен пророку, кој водеше необичен живот што ниеден човек не го минал, дојде на Јорданските води и го слушна гласот на Отецот, и доаѓањето на Светиот Дух го виде!


Богородиченː Господ, Кој создаде сѐ, Самиот Он се обликува според нашата природа; откако се всели во твојата сесвета утроба, Сечиста, во лик човечки се облече, за Својот образ да го спаси.


Катавасијаː Твојот глас, Господи, го слушна оној што го нарече Гласот на оној што вика во пустината, кога загрме над многуте води, сведочејќи за Твојот Син; целиот проникнат од Духот што слезе, тој извикаː Ти си Христос, Божјата Мудрост и сила.


Втор ирмосː Пророкот, откако се очисти со огнот на тајното созерцавање, пеејќи ја обновата на луѓето, со гласот што му трепери од Духот, го навестува неискажливото воплотување на Словото, Кое ја скрши моќта на силните.

Песна 5.


Ирмосː Ти, Кој си просвештение на оние што лежат во темнина и спасение на очајаните, Христе мој Спасителе, кон Тебе подранувам, Цару на миротː просветли ме со Твојата светлина, зашто освен Тебе, за друг Бог не знам.


Озарен со светлините на натприродната добродетел, и таинствено воден од небесата, ти дојде на јорданските води, Претечо, крштавајќи ги и очистувајќи ги со вода оние што пристапуваат кон тебе со вера душевна.


Сакајќи да ја крстиш чистата и нетлена Светлина, ти се покажа како најчист сад, Јоване. Предизбран од Бога да бидеш најголем од сите, и најпочитуван меѓу пророците, се удостои да Го видиш Оној што беше претскажуван (од пророците).


Испратен пред лицето на Господа, за да им го покаже правиот пат на сите луѓе, Претечата ја допира главата на Господа и Го крштава, говорејќиː Не познавам друг Бог, освен Тебе.


Кој виде некогаш, или кој слушна, Чистиот да ја преклонува Својата глава пред создание, Оној што со раката ја држи вселената? Затоа Крстителот со треперење викашеː Не познавам друг Бог, освен Тебе.


Богородиченː Синот Божји, Син твој, Дево, јавно се покажа, извршувајќи дела како Бог со единствената Своја волја. Затоа сите ние вистински и господствено те именуваме Богородица, зашто ние не знаеме некоја друга Мајка Божја.


Катавасијаː Исус, Изворот на животот, доаѓа да го ослободи првосоздадениот Адам од осудата; иако како Бог немаше потреба од очистување, во Јордан го очистува паднатиот (Адама). Откако во него го уништи непријателството, Он дарува мир кој секаков ум надминува.


Другиотː Измиени од темниот и валкан отров на непријателот, преку духовното очистување, тргнавме по нова неизвалкана патека, која нѐ воведува во радоста непристапна, до која имаат пристап само оние што Бог ги измирува.

Песна 6.


Ирмосː Во бездната гревовна валајќи се, ја призивам неизмерливата бездна на Твоето милосрдиеː Боже, изведи ме од распадливоста.


Претечо, ти врвеше пред Словото како  Негов глас, и блесна како светла ѕвезда, предвестувајќи го Сонцето на правдата.

Ти не ги осозна грижите на земните, и се збогати со небесни надежи. Својот живот на земјата го заврши како ангел, себлажени.

Ние те знаеме како печат на пророците, како посредник меѓу стариот и Новиот завет, и Крстител, и Претеча на Спасителот Христа.

Богородиченː Твоето зачнување е навистина неискажливо, ниеден верник не може да го  изрази твоето недостижно раѓање, затоа се познава само со вера, единствена Богоневесто.


Катавасијаː Гласот на Словото, светилникот на Светлината, ѕвездата Деница што му претходи на Сонцето – (Јован) Претеча во пустината им вика на сите луѓеː Покјате се, и очистете се, зашто, ете, доаѓа Христос Кој светот го избавува од распадливоста.


Другиотː Со Својот себлажен глас, Отецот го објави Оној што го изговори од Својата утроба, велејќиː Овој е Мојот возљубен едносуштен Син, Кој светлозарно изникна од родот човечкиː Моето живо Слово, а и човек по промисла.

Кондак, глас 6ː


Од Твоето доаѓање во тело, Јордан се исплаши и со страв се враќаше. Исполнувајќи ја, пак, својата пророчка служба, Јован со треперење се смалуваше; ангелските сили се чудеа, гледајќи Те во водите крштаван во тело; и сите кои беа во мрак се озаруваа, воспевајќи Те Тебе, Кој се јави и ја просветли вселената.


Икосː На ослепениот Адам во Едем, му се јави Сонцето од Витлеем, и му ги отвори зениците, откако ги изми со Јорданските води; на поцрнетиот и помрачениот му блесна неизгаслива Светлина. Веќе нема ноќ за него, а секогаш е дење. Врвната Зора за него се роди, оти тој се скри при вечерното ветре, како што вели Писмото. Но оној што при квечерината падна, Го најде Зракот што го подигнува, го избегна мракот и стигна до Утрото, Кое се јави и светот го просветли.


Песна 7.


Ирмосː Несогорливата капина на Гората, и росоносната печка халдејска, беа јасна праслика за тебе, Богоневесто, зашто во својата вештествена утроба си  Го примила божествениот и невештествен Оган кој не те изгоре. Затоа, на Родениот од тебе, Му пеемеː  Благословен си, Боже, на нашите татковци.


Откако го отслужи крштението, и ги заврши тајните што ти беа доверени од Бога, Претечо, потоа се принесе себе на жртва како невино јагне. Затоа и ние заедно со тебе пеемеː Благословен е Бог на нашите татковци.


Ти си бил новиот Илија, со смелост изобличувајќи го царот беззаконик, Претечо, и покажувајќи ни живот невештествен, како него, преблажени. Затоа со тебе, пророче, пеемеː Благословен е Бог на нашите татковци.


Претечо, кој си поголем од пророците, и кој ја наследи божествената чест на Христовите апостоли, ти си исполнување на законот и јасно се покажа како почеток на новата благодат. Затоа, преблажени, со тебе пеемеː Благословен е Бог на нашите татковци.


Богородиченː Сите ние кои сме набожни, со песнословија достојно да ја воспееме Сечистата Владичица, која го прими Бога во себе, зашто таа Го роди Единородниот Син, Кој ни се јави нам – луѓето. Затоа Нему, заедно Му пеемеː Благословен е Бог на нашите татковци.


Катавасијаː Набожните момчиња, фрлени во огнената печка, ги запази неповредени дувањето на еден росоносен ветар и слегувањето на ангел Божји. Затоа, поросени во пламенот, благодарствено пеејаː Највоспеан Господи и Боже на татковците, благословен си.


Другиот канонː ː Оној што го скроти високиот пламен во печката, во којашто се наоѓаа младите момчиња, ја изгоре и главата на змијата во реката. А со росата на Духот, Он ја чисти сета магла на гревот неподнослива.

Песна 8.


Ирмосː Некогаш печката огнена во Вавилон дејствата ги разделувашеː по Божја заповед Халдејците ги гореше, а ги оросуваше верните кои пеејаː Сите дела Господови, благословете Го Господа.


Тебе, кој на земјата се покажа рамен на ангелите со твоето извонредо живеење, и се покажа повозвишен од сите, радосно те почитуваме, викајќиː Сите дела Господови, благословете Го Господа.


Тебе, Пророче, единствената природа на божеството ти се откри во Три едносушни Ипостаси, зашто со гласот на Родителот и со слегувањето на Духот си Го познал Крштаваниот – (Кој е) вечното Слово Божјо.

(Бекство на Елисавета со св.Јован)


Како духовна зора, сечесен Јоване, роден од неплодна (жена), ти Му претходеше и Го навести Сонцето, Кое засветли од Дева, и Го проповедаше Јагнето Кое ги зема гревовите на светот, поради (Неговото) човекољубие.


Блажени, кој сега бдееш над нас од небото, со твоите молитви запази нѐ нас, кои ја следиме твојата проповед божествена, и стоиме, Претечо, во учењата на твоите божествени и спасителни догмати.


Богородиленː Ти си Го зачнал неискажливо предвечниот Сјај на славата Отчева, и Слово беспочетно, Кој беше во почетокот и Кој сега, преку тебе, Сечиста, неизменливо стана првороден на созданието.


Катавасијаː Вавилонската печка која испушти роса, покажа преславна тајна; но Јордан, во своите води требаше да Го прими духовниот Оган, и да Го покрие крштаваниот Создател по тело, Кого луѓето Го благословуваат и Го превозносат во сите векови.


Другиотː Созданието ја знае слободата, а помрачените стануваат синови на Светлината; плаче само првакот на темнината. Наследството на народите, сега далеку од бедата, нека Го благословува својот Создател.

Песна 9.


Ирмосː Светилникот Бог, Кој засветли пред сонцето и Кој плотски дојде при нас од утробата на Дева, која неизречено Го воплотиː благословена, сечиста, тебе, Богородице, Те величаме.

Величај го, душо моја, големиот Претеча меѓу пророците.


Од пустината, гласот на Претечата Го покажува Словото Кој при нас дојде во тело, и прерадосно се подготвува да Го крсти Оној што ги очистува душите од гревот, заради верата.


Величај го, душо моја, големиот Претеча меѓу пророците.


Благодатта и законот јасно те предлагаат за свој чесен посредник: вториов го запечати, а првата ја започна: тебе, сечесен, Кого Словото го претпочиташе пред сите пророци, и кој ги надминуваш видливите работи.

Величај го, душо моја, големиот Претеча меѓу пророците.


Оној што покажа живот подобен на бестелесните, сега се весели со ангелските хорови, и се радува стоејќи пред престолот на Господа, просејќи прошка на гревовите и спасение за оние што го прославуваат.


Богородиченː Избавителот на сите станува човек поради милосрдие, и Врвниот Човекољубец прима телесно раѓање од твојата девствена утроба, Богородице себлажена.


Катавасијаː Не умее секој јазик да те слави според достоинството и збунет е секој ум, па и небесниот, за да те воспее, Богородице; но, бидејќи си вистински добра, прими ја верата, зашто ти ја знаеш нашата љубов божествена. Бидејќи ти си застапница на христијаните, ние те величаме.


Ирмосː О чудо, кое секаков ум надминува! Невесто Сечиста, Мајко благословена, преку која примивме сесовршено спасение, достојно те фалиме како Добротворка, носејќи ти за дар песна благодарствена.


Светилен.


Ти си ги израмнил чудесно патеките пред Господа, зашто си бил гласот на Неговото доаѓање, и вистински проповедник, поголем од пророците, блажени Јоване. Ти си ја видел Светлината, откако ја изврши Неговата промисла.

Слава, глас 6.


Како ангел излезе од неплодна утроба, Крстителу, од самите пелени во пустината се всели и печат на сите пророци се покажа, зашто ти се удостои да Го крстиш во Јордан Оној што тие на многу начини Го видоа, и во загатки Го проповедаа. Го слушна и гласот на Отецот од небото, Кој го посведочи Неговото синовство; Го виде и Духот во вид на гулаб, Кој го пренесе овој глас на Крштаваниот. Но ти, кој си поголем од сите пророци, не престанувај да се молиш за нас, кои твојот спомен верно го славиме.


И сега, глас 2ː

Денес Христос дојде на Јордан да се крсти, денес Јован се допира до главата на Господа. Силите небесни се исплашија, гледајќи го преславното таинство. Морето виде и побегна, а Јордан, кога виде, се врати назад. Ние, пак, просветлени, викамеː Слава Му на Бога Кој се јави и беше виден на земјата, и светот го просветли.

 

Подготви: Светланка Арсовска Трајчева

 


Изворː ИЗБОР НА МЕСЕЧНИ И ПРАЗНИЧНИ БОГОСЛУЖБИ  - ПРВ ТОМ (Септември – јануари)

Друго:

 

 

 

 



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

Видео содржини

dobrotoljubie

Духовност

Октомври 20, 2024
TviTER281

Монашки и свештенички семинар во митрополијата на Киншаса (06.09.2024 21:29)

Со Божја благодат и благослов на Неговата Светост Папата и Патријарх Александриски и на цела Африка г. Теодор II, во Митрополијата на Киншаса, во Конго, се одржаа семинари за монасите и свештениците.
Јуни 30, 2024
Avraamovo.GOSTOLJUBIE

Света Троица во Стариот Завет

„Секоја енергија која од Бога се простира на творевината и се именува со многу имиња, од Отецот излегува, низ Синот се протега, а во Духот Свет се совршува“ (Свети Григориј Ниски, „За тоа дека не смее да се говори за три Бога“). Вистината за постоењето на…

За нафората

HRISTOS.nafora
Нафората е осветен леб,кој бил принесен на жртвеникот и чија средина е извадена и…

Проскомидија

TVIT602
·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на…

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Сеп 13, 2021 Житија 3121
Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 7591
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Најново од духовност

Православен календар

 

13/11/2024 - среда

Светите апостоли Стахиј, Амплиј, Урван, Наркис, Апелиј и Аристовул; Светиот маченик Епимах; Светиот маченик Никола Хиоски; Преподобните Спиридон и Никодим;

Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на св. Христови апостоли Стахиј, Амплиј, Урван, Наркис, Апелиј, и Аристовул 31 октомври / 13 ноември 2024

Тропар на св. Христови апостоли Стахиј, Амплиј, Урван, Наркис, Апелиј, и Аристовул 31 октомври / 13 ноември 2024

О достославни ученици Христови,вие Бисерот го најдовте,радоста со родот човечки ја споделивте,со неа исполнети маките и прогоните за трици ги...

Тропар на св. Христови апостоли  Клеопа, Терциј, Марко, Јуст и Артем 30 октомври / 12 ноември 2024

Тропар на св. Христови апостоли Клеопа, Терциј, Марко, Јуст и Артем 30 октомври / 12 ноември 2024

Апостоли свети Христови,трагајќи по патот на слободата Христа го пронајдовте,со учењето за бесмртноста темнината на незнаењето ја осветливте,молете се о...

Тропар на светата Христова великомаченица преп. Анастасија Римјанка 29 октомври / 11 ноември 2024

Тропар на светата Христова великомаченица преп. Анастасија Римјанка 29 октомври / 11 ноември 2024

Света девојко Анастасио,ние кои те прославуваме,срцата кон Небесата  ги подигнуваме,со солзи духовни радосно твоето име го повикуваме,моли се за нас...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная