ПРИЈАТЕЛСКА СОРАБОТКА поМЕЃУ ДВЕТЕ ЗЕМЈИ
Концерт на евровизиската победничка од Турција, Сертаб Еренер, изложби, поетски вечери и предавања ќе се одржат во Скопје од задутре до среда, 19 декември, во рамките на манифестацијата Денови на културата на Истанбул. Концертот на познатата пејачка е закажан за вторник, 20 часот, во Универзалната сала. Еден од најпопуларните вокали на естрадната сцена на Турција во Скопје ќе ги изведе своите нови и евергрин песни, и песната со која победи на Евровизија пред неколку години. Концертот и сите други манифестации што ќе се одржат во рамките на манифестацијата ќе бидат бесплатни, како подарок од Истанбул за скопјани, а ќе се влегува со влезници.
„Истанбул е поезија“ е насловот на поетската вечер што ќе се одржи во Македонската опера и балет. Поезија на македонски и на турски јазик ќе интерпретираат Сашко Коцев, Јана Стојановска, Џунејт Турел и Тилбе Саран. Сценариото е на Ќазим Асотиќ.
Во рамките на манифестацијата ќе бидат отворени две изложби на фотографии. Во трговскиот центар „Рамстор“ ќе бидат претставени снимки од Истанбул, а на Камени мост преку фотографии ќе биде раскажан животот на светски познатиот поет Јахја Ќемал, кој е роден во Скопје во 1884 година.
„Тој целиот свој живот го паметеше својот роден град. Додека живееше во Париз, Мадрид, Варшава, во Истанбул, неговата душа постојано беше во Скопје. По низа години тој се вратил во Скопје, градот што често го опејуваше во своите песни, градот што никогаш не го заборави. Денес тој повторно се сретнува со скопјани на Камениот мост“, пишува во соопштението на Управата за афирмирање и унапредување на културата на припадниците на заедниците на Македонија при Министерството за култура, која со градските власти на Истанбул ја организираат манифестацијата.
„Непишаната историја на Балканот“ е насловот на панел-дискусијата што ќе се одрижи на Филолошкиот факултет во Скопје. За непишаната историја на Балканот, за новите документи, податоци и тези ќе зборуваат Мехмет Генч, Ихсан Фазлиоглу, Ерол Озвар, кои со години работат во Османлиската архива.
Мехмет Генч е економски историчар. Од 1983 година е професор на Универзитетот „Мармара“. Во 1996 година му била доделена почесна докторска титула. Објавил многу трудови на турски, француски, грчки и на англиски јазик. Голем дел од нив се отпечатени во книгата „Државата и економијата во Османлиската Империја“. За тоа писателите на Република Турција му ја доделиле специјална наградата за идејно творештво.
Ихсан Фазлиоглу е турски научен историчар кој вршел научно-истражувачка работа на тема „Историја на науката и на математиката“ на универзитетите во Јордан.Докторирал на отсекот за филозофија на Универзитетот во Истанбул. Фазлиоглу особено внимание им посветил на историјата на филозофијата и на математиката, со акцент на пишаните извори на историјата на исламската и турската цивилизација.
Историчарот на економијата Ерол Озвар ги објавил книгите „Нов начин на плаќање во османлиските финансии“ и двотомната „Османлиски финансии, институции и буџети“, што ја подготвил во соработка со Мехмет Генч. Озвар е истражувач на финансискиот систем и начинот на државното финансирање во Османлиската Империја. Денес е професор на Универзитетот „Мармара“, на отсекот економија и управни науки.