03. август 2025 година
Свети пророк Езекиил
(Недела VIII по Педесетница)
(Мт. 14, 14-22; Зач. 58)
Благочестиви христијани,
Светиот апостол Матеј во денешниов евангелски текст ни сведочи за еден чудесен настан од времето на Христовата проповед на земјава. Имено, евангелистот ни опишува чудесно хранење на повеќе од пет илјади луѓе со само пет леба и две риби, и вели: „И јадеа сите и се наситија… А оние што јадеа, беа околу пет илјади души…“ Навистина кога го читаме сето ова се чини дека се работи за голема обмана, но со оглед на фактот дека во целиот настан учествувале повеќе од пет илјади луѓе, разбираме дека всушност се работи за нешто несекојдневно.
Целиот овој настан го сметаме за чудесен, го нарекуваме чудо, гледаме на сето тоа како на нешто невообичаено, нешто што е неможно според нашето разбирање на нештата. Но, Бог прави чуда секојдневно, а ние, пак, сме ограничени со нашите природни закони и не секогаш ги гледаме или разбираме Божјите пораки.
Бог е создател на светот и човекот. Чудата Божји не се негирање на овоземното живеење. Бог не го негира создаденото, затоа што Самиот го создал, и не го поништува она што го создал. Он не ги крши природните закони, законите на физиката, хемијата, механиката и другите, но заслужено, како автор и креатор на истите се поставува над нив не ги поништува, но ги надминува. Секое такво Божјо дејствување во светот ние го нарекуваме чудо. За луѓето чудата се неразбирливи, често пати и неверојатни, едноставно гледаме и не веруваме, но вистина е дека се случува нешто што го надминува нашиот ограничен разум. Бараме потврда, бараме слични примери, сведоштва, но умот човечки е ограничен со време и простор и навистина е многу тешко да го надминеме тоа.
Сонцето не е живо, но без него нема живот; водата не е жива, но без неа целиот живот ќе пресуши. Ние самите, луѓето, сме чудо Божјо; земаме храна, вода, витамини и лекарства и сето тоа се претвора во наш живот; се претвора во мисли, во чувства, во љубов, во вера… И на крајот се повикуваме на верата во Бога и тука сите сомнежи и нејаснотии завршуваат. Бог е почетокот и крајот, алфа и омега, за животот на светот и човекот.
Оние што се без вера, што не Го сметаат Бога за својот Отец, ниту Црквата за мајка, за нив чудото е лага, обмана, привид, подметнување за наивните, нешто смешно и безначајно. Пред неколку години сите заедно бевме сведоци на чудото кое се случуваше токму во овој храм кога настана чудесно осветлување на фреските. За нас верните тоа беше чудо, доказ за постојаното присуство на Божјата благодат во овој храм, но голем дел неверни сметаа дека се работи за измама или масовна илузија. Сведоци сме дека евангелските настани не се скаменети приказни од минатото, но живо сведоштво за Божјата вистина и во денешно време. Човек украсен со вера има доволно чист светоглед да препознае чудо и Божјо дејствување во овој свет.
Секој човек во овој свет, секој христијанин, всушност, е повикан на чудотворство, секој верник е повикан да биде чудотворец. Секој христијанин е повикан на чудо а тоа е да го победи гревот во себеси. Најголемо чудо е да се победи гревот, зашто со тоа се победува смртта. Никој не е без грев, а ние често се давиме во гревови, а да не сме свесни за тоа. Господ ни дал најубаво средство – покајание и со тоа можност да воскреснеме од мртвите.
Самите стануваме чудотворци преку љубовта кон Бога и ближните. Секоја лична добродетел, секое богоугодно дело, прави од нас чудотворци, идни жители на Царството Небесно.
Господ Исус Христос, во еден момент од историјата, се појавил во светот, земал човечко тело, станал Човек, всушност Богочовек за да покаже и докаже дека човечката душа е нешто највредно. Сите овие луѓе кои Го следеле Христа и Неговите божествени поуки не чувствувале глад и жед иако биле, како што опишува евангелистот, на пусто место. Тие ги напојувале своите души со надземни и надвремени богатства и не чувствувале никаква земна потреба; се напојувале со божествената наука од устата на Богочовекот, но кога дошол моментот да закрепнат телесно, Христос прави чудо – умножува леб и риби и од постоечки пет леба и две риби се наситуваат повеќе од пет илјади луѓе, или како што е опишано: „И јадеа и се наситија; и кренаа дванаесет кошеви полни со останати парчиња.“
Интересно е што во црковната богослужбена практика овој евангелски настан оставил длабока трага. Имено, првите христијански заедници при богослуженијата и трпезите на љубовта си спомнувале за овој настан и му посветувале исклучително симболичко внимание. И денес, во денешното православно богослужение имаме воспоставено посебно чинодејствие во кое се споменува настанот со хранењето на пет илјади луѓе со пет леба и две риби. Секогаш, кога се извршува чинот на петолебие, при благословувањето на петте леба се спомнува настанот опишан во денешниот евангелски текст.
Да се поучиме од верата на светите Божји угодници, на светите маченици и страдалници за верата христијанска и заедно со нив да Го прославиме Бога Отецот, заедно со Неговиот Син и Господ наш Исус Христос и пресветиот и животворен Дух, сега и секогаш и во вечни векови.
Амин.