Културно информативен центар на Р.С. Македонија во Белград, Република Србија
Отворање 10 септември, 2025, 19 h
Простори на конјункција
Картографија на фрагментот: Наративи, граници, меморија
По претставувањето во Културно информативниот центар на Р.С. Македонија во Софија, наредна дестинација на проектот на Националната галерија од областа на меѓународната соработка, „Простори на конјукција“ е македонскиот Културно информативен центар во Белград. Како добар домаќин, директорот на центарот, господинот Васко Шутаров ќе се обрати пред публиката во придружба на Маја Крстевска, претставник на Националната галерија, виш кустос и програмски раководител. Крстевска, на отворањето на изложбата, со особено задоволство ќе ја воведе публиката во контекстот на проектот и ќе ги претстави авторите на уметничката компилација со наслов „Простори на конјукција“ - Картографија на фрагментот: Наративи, граници, меморија. Отворањето на изложбата во македонскиот центар во Белград е закажано за 10 септември 2025 во 19 ч, а истата ќе биде поставена до крајот на септември 2025.
Уметници застапени на изложбата се: Роберт Јанкулоски, Кристина Пулејкова, Велимир Жерновски, Ѓорѓи Десподов, Моника Мотеска, Дарко Алексоски, Методи Ангелов-Мето, Шќипе Мехмети, Ирена Паскали, Михаела Јовановска, Славица Јанешлиева, Ѓорѓе Јовановиќ, Ацо Станкоски, Иванчо Талевски, Жанета Вангели, Верица Ковачевска, Марија Сотировска, Кристијан Јованоски, Мариго Исеини и Игор Сековски
Проектот „Простори на конјункција“ ја утврдува уметноста како динамичен простор во кој интимните, лични фрагменти се преплетуваат со колективните мемории и културни матрици како театар на тензија и симбиоза. Оваа изложба ги истражува кревката граница меѓу малите приказни од интимниот свет на индивидуата и големите наративи – широка, сложена мрежа на големите историски и културни наративи – концепт што произлегува од Жан-Франсоа Лиотар и неговата критика на „метанаративите“.
Низ графика, цртеж, фотографија, видео, објект, колаж, уметниците не само што раскажуваат приказни туку градат мултимедијални платформи во кои секој медиум станува посебен канал за конјункција. Различните техники не функционираат само како формални избори, туку како активни стратегии за премостување на личното и колективното.
Интригантно испитување на хомогеноста и нејзиното ограничување низ визуелен јазик кој го провоцира чувството на истоветност во локалната и во глобалната меморија. Роберт Јанкулоски и Кристина Пулејкова, на пример, преку фотографија и видео ги отвораат прашањата за вистинитоста и фикцијата (спекулативноста) во современата визуелна култура.
Велимир Жерновски и Георги Господов со мануелни и дигитални интервенции (преку материјалноста и тактилноста на објектот кај Жерновски или анимираното видео кај Господов) креираат алтернативни мапи на меморија – со внимателно конструирани детали и текстурирани површини што ги поттикнуваат гледачите на интимна археологија.
Преку методи на фрагментација, цртеж и видео. Моника Мотеска, Дарко Алексоски и Методи Ангелов-Мето, преку кршење на формата и составување на неочекувани визуелни хибриди, ја проблематизираат стабилноста на визуелните и мемориските записи. Тие дејствуваат на релацијата меѓу целината и фрагментот – разградувајќи го наративот за да го изградат одново во форма на „колаж“ или објект што одбива еднозначно читање.
Преку комбинирани медиуми и дигитални манипулации, Шќипе Мехмети и Ирена Паскали создаваат дела што се двоумат помеѓу документ и фикција – евоцирајќи ги кршливите граници помеѓу автентичното и конструираното сеќавање. Мултимедијалноста во овој проект е клучна алатка за продлабочување на критичкото читање, па оттука Михаела Јовановска, преку транспарентноста на медиумот и преку слоевитоста, игра со повторувањето и варијациите – како визуелна метафора за колективната истоветност што истовремено унифицира и брише индивидуални траги.
Уметниците стануваат посредници меѓу фрагментите – личните фотосеќавања, гласови или празнини – и нивното вкрстување со меморијата на јавниот простор. Славица Јанешлиева, со својата суптилна работа што комбинира графика, текст, цртеж и објекти, истражува како наративите се распарчуваат и се преобликуваат низ лични архиви. Ѓорѓе Јовановиќ, Александар Станковски и Иванчо Талевски ги користат цртежот и фотографијата за да материјализираат идеи за траење и распаѓање, додека Жанета Вангели и Верица Ковачевска внесуваат чувствителна поетика низ објект и фотографија (видео), при што секоја линија и трага го следи пулсот на сеќавањето.
Марија Сотировска и Кристијан Јовановски ги ангажираат текстурираните повторувања (текст, трансформирано сеќавање) за да поттикнат визуелен дијалог за колективната меморија. Игор Сековски, пак, преку скулптурално концентрирана фрагментираност, отвора прашања за дехуманизацијата на колективот за индивидуални цели.
„Простори на конјункција (спојување)“ е повеќеслојна мултимедијална мрежа што инсистира на активен гледач и коавторство. Секој кој влегува во овие простори, влегува во релација со фрагментите – распарчените траги на интимното, архивирани во материјали што постојано се обидуваат да се спојат во нова целина.
Ја каниме публиката на плуралистичко, критичко и емотивно патување – низ спомени, граници, колективни структури и нестабилни текови на значење.
Кураторски тим: д-р Ана Франговска, Горанчо Ѓорѓиевски, Маја Неделкоска-Брзанова и Маја Чанкуловска-Михајловска