Националната и универзитетска библиотека на Република Македонија, која го носи името на Свети Климент Охридски, организира Научна средба посветена на епохалното дело на Св. Климент, со која ќе го прослави патронатот на Библиотеката. На овој начин Националната библиотека ќе даде свој придонес и во државното одбележување на 8 Декември, како и во афирмацијата на делото на св. Климент на полето на писменоста, литературата, знаењето и библиотекарството во Македонија.
Научната средба, насловена „Услови, појава и развој на словенската писменост; Свети Климент Охридски - живот и дејност“, ќе се одржи денеска напладне, во просториите на Библиотеката. Со свои трудови посветени на просветителот Климент, ќе настапат еминентни научници, проучувачи на неговото дело: д-р Вера Стојчевска-Антиќ, д-р Стеван Санџакоски, д-р Добрила Миловска, Гоце Ангеличин-Жура, д-р Милан Бошкоски и д-р Виолета Мартиновска. (Н.П.)