Во класиката нема многу ѕвезди, а Дмитри е една од нив
Хворостовски вчера во Охрид
ЗЛАТНИОТ БАРИТОН ВО ОХРИД
,Маестро Константин Орбелијан, мојот син Максим и јас сме среќни што сме дел од свечената церемонија за отворањето на фестивалот „Охридско лето“, рече големиот руски баритон Дмитри Хворостовски по пристигнувањето во Охрид. Тој годинава со спектакуларен концерт ја отвора најголемата музичко-сценска манифестација во земјава.
Селекторката Гордана Јосифова-Неделкова посочува дека свеченото отворање на „Охридско лето“ е секогаш настан што привлекува посебно внимание, како на стручната така и на пошироката публика.
- Тоа е секогаш спектакл што долго се памети. Иако критиката кажува дека во класичната музика има малку ѕвезди, токму Дмитри е една од нив. Прекрасната боја на неговиот глас, перфектната интонација, страста и елеганцијата во неговата изведба, заедно со беспрекорната техника, се гаранција за несекојдневно доживување - вели селекторката на музичката програма.
На програмата на концертот на златниот баритон на Русија, како што светската критика го нарекува, се оперски арии од популарните дела на Белини, Вагнер, Верди, Рубенштајн.
Пред пристигнувањето на Хворостовски во Охрид, како и пред самата генерална проба, оркестарот и хорот на Македонската опера и балет имаа три проби со маестро Орбелијан во Скопје. Големиот уметник во Охрид пристигна завчера, заедно со својот 10-годишен син Максим. Одржа средби со претседателот Ѓорѓе Иванов во вилата „Билјана“ и со градоначалникот Никола Бакрачески.
Хворостовски не е само исклучителен оперски пејач туку и мајстор во изведбата на дела од повеќе жанрови - руски романси и народни песни (Чајковски, Бородин, Римски- Корсаков, Рахмањинов, Рубинштајн, Глинка, Шостакович и други) до оперски арии во улогите на Жермон („Травијата“), Евгениј Онегин, Родриго („Дон Карлос“), Јелецки („Пикова дама“), Ди Луна („Трубадур“) и др.
Неговите ангажмани вклучуваат редовни настапи по водечките светски оперски центри, како „Метрополитен“ во Њујорк, „Ројал опера хаус“ во Лондон, „Скала“ во Милано, Виенската опера, „Карнеги хол“, Париската опера, а често гостува на европскиот и на азискиот континент.
Соработува со најголемите диригенти на денешницата - Зубин Мехта, Клаудио Абадо, Валериј Гергиев, Константин Орбељан, а негови партнерки се најпопуларните оперски ѕвезди Рене Флеминг, Ана Нетребко, Олга Бородина, Суми Јо и др.
--------------------------------------------------------------------------------
Хворостовски: Канео е најуникатното место на светот
Хворостовски вчера имаше едночасовна прошетка по Охридско Езеро.
- Од бродот „Свети Наум“ се воодушевуваше на секоја глетка од езерската шир. Рече дека немал зборови со кои можел да ја опише убавината. Едноставно посака да ужива во природата. Најголем впечаток му остави живописната црква „Канео“, за која рече дека е најуникатното нешто што досега го видел - велат организаторите на „Охридско лето“.
Во друштво на неговиот десетгодишен син Максим и диригентот Константин Орбелијан, заедно со директорката на фестивалот Елизабета Јанкуловска и музичката селекторка Гордана Јосифова-Неделковска, маестро Хворостовски на крајот од прошетката ручал во кафеаната „Потпеш“, на самиот брег од езерото.
--------------------------------------------------------------------------------
Извор: Нова Македонија
Фотографија: Емил Јовановиќ