Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска на руската оперска легенда Дмитри Хворостовски му подари икона со приказ на ангелот од Курбиново, изработена од монасите во манастирот Зрзе
Повеќе илјадната публика синоќа на Антички имаше ретка прилика да ужива во неповторливиот настап на рускиот баритон Дмитри Хворостовски, кој заедно со Оркестарот и Хорот на Македонската опера и балет, под диригентска палка на Константин Орбелиан, приреди маестрален старт на 53-то издание на „Охридско лето“.
Фестивалот за отворен го прогласи покровителот на манифестацијата, претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов.
Претседателот Иванов ги поздрави присутните во Охрид, како што рече, во амбиент каде се испреплетуваат минатото и сегашноста, овозможувајќи барем за миг да се почувствува безвременоста.
-Отвореност на Република Македонија кон уметничкото, различното и несекојдневното. Поврзување на Македонија и светот, на врвните уметници и верната публика. Споделување на љубовта кон музиката, драмата и танцот, рече претседателот Иванов, нагласувајќи дека му претставува вистинска чест што како претседател на Република Македонија е покровител на фестивалот кој е најзначаен израз, афирматор и промотор на македонската посветеност кон универзалните вредности.
Музиката, рече Иванов, е универзалниот јазик на уметноста и таа зборува и онаму каде што и зборот потфрлува.
Тој потсети дека фестивалот угостил десетина илјади учесници од повеќе од 50 земји, поврдувајќи го своето реноме како фестивал на отвореност, поврзување и споделување.
Фестивалскиот оган беше запален со интонирањето на химната на фестивалот.
Охрид од синоќа се до 20 август ќе живее со уметноста. Од вечерва ќе блеснат сцените на Античкиот театар, „Св. Софија“, нејзиното предворје, Центарот за култура „Григор Прличев“, но и предворјата на хотелот „Палас“ и на ОУ „Климент Охридски“. Тоа ќе бидат местата каде ќе се случуваат извонредно атрактивни културни настани, во кои можност да уживаат ќе имаат сите љубители во уметноста, на она што претставува врв во уметноста во светски рамки.
Програмата нуди неповторливи настапи на светски познати имиња и ансамбли од музичката и драмската уметност. Програма за сите вкусови и генерации, сето тоа вклопено во неповторлив природен и духовен амбиент каков што е Охрид.
-Господарот на оперското пеење, како што го нарекува стручната јавност, со големи впечатоци по концертот, ,,Воодушевен сум од вечерашниот концерт, од публиката и од оваа прекрасна сцена. Ви благодарам на сите за прекрасната атмосфера. Првпат доаѓам во Охрид и во Македонија и тоа што го видов навистина ме плени. Заминувам утре, а се надевам дека наскоро ќе дојдам повторно со целото мое семејство“.
Хворостовски доби подарок од Министерката за култура
Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска на руската оперска легенда Дмитри Хворостовски му подари икона со приказ на ангелот од Курбиново, изработена од монасите во манастирот Зрзе. Гостинот, кој на Антички направи концерт за паметење, се заблагодари за поклонот и кажа дека е среќен што добил дел од македонското културно наследство. Во неговиот престој во Охрид слушнал многу за вековната историја и вети дека повторно ќе дојде да ужива во, како што рече, овој прекрасен град.
-Македонската публика е многу топла, пријателска, бев многу возбуден што пеев на оваа прекрасна сцена, возбуден од сета ова убавина што ме опкружува. Бевме благословени и со прекрасно време. Многу сум среќен што дојдов. Не ми требаше многу за да прифатам да дојдам на фестивалот. Сигурно пак ќе дојдам и ќе го донесам целото мое семејство овде - рече по концертот Хворостовски. Диригентот Константин Орбелиан пак од македонската министерка за култура Канческа Милевска доби сребрена пеперутка во рамка, копија на оргиналната пеперутката од филигран, препознатлива за Македонија.
Извор: Министерство за култура на РМ