Распишан Конкурс за доделување субвенции за творечки дејности
Четврток, 25 Јули 2013 10:41 Наставниците и соработниците од високообразовните и научните установи кои активно творат во областа на ликовната, драмската и музичката уметност, архитектурата, филмот и книжевноста и ја промовираат Република Македонија на престижни светски настани може да се пријават на Конкурсот за доделување еднократни финансиски средства наменети за творечки дејности реализирани во 2012 година.
Овој конкурс веќе го распиша Министерството за образование и наука во соработка со Министерството за култура.
На денешната прес-конференција министерот за образование и наука, Спиро Ристовски, информираше дека може да се пријават оние што учествувале или настапиле на фестивал кој е член на Европската асоцијација на фестивали, што учествувале на меѓународен проект и манифестација надвор од Република Македонија како национален претставник или учествувале или настапиле на меѓународен проект и манифестација надвор од Македонија каде што изборот на учесниците се објавува со конкурс, аудиција или селекција.
- На Конкурсот може да се учествува со доставување пополнета пријава, доказ за учество или настап на некоја од споменатите активности и копија од уверение за државјанство на Република Македонија. Документите, во два примерока, се доставуваат до МОН, најдоцна до 30 септември - рече Ристовски и додаде дека документите ќе бидат разгледани од комисија формирана од Министерството.
За оваа намена се обезбедени финансиски средства од Буџетот на Република Македонија за 2013 година, а надоместот за творечки дејности е во еднократен бруто-износ од 30 илјади денари по наставник/соработник.
Ристовски потенцираше дека бројот на субвенции не е ограничен и ги повика сите заинтересирани да аплицираат.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска потенцираше дека овој проект ја покажува комплементарноста меѓу културата и образованието како сооднос кој неизоставно влијае врз унапредувањето на знаењата и афирмирањето на културата во светот.
- Наградата што ја предвидува овој проект со сигурност ќе влијае врз подигнувањето на капацитетите на наставничкиот кадар и ќе биде своевидно признание и поттик за посветено создавање нови генерации уметници. Проектот „Творечки субвенции“ е уште една потврда дека Владата, МОН и Министерството за култура безрезервно обезбедуваат поддршка за развој на творештвото, за квалитетно образование и за меѓународна промоција на културните вредности што ги поседуваме како држава - рече Канческа-Милевска.
Таа потсети дека Министерството за култура редовно во своите програми од национален интерес дава поддршка на проекти зад кои стојат професори од уметничките факултети во Македонија, како: Симон Трпчески, Живоин Глишиќ, Гордана Јосифовска, Олег Кондратенко, Слободан Унковски, Дејан Пројковски, Венко Андоновски, Јордан Плевнеш...