18.05.2013
Сопругата на Претседателот на Република Македонија, Маја Иванова, во петок во детската градинка „Гоце Делчев" во Пробиштип присуствуваше на манифестацијата „Здрав ручек", во рамки на кампањата „Здрава храна за детство без мана", која се одвива под нејзино покровителство.
На настанот, огранизиран од невладината организација ОХО, со поддршка на Министерството за образование и наука и локалната власт, беше презентиран здрав ручек, по препорака од нутриционист.
Пред најмалите жители на Пробиштип Маја Иванова го престави главниот оброк од ручекот - Македонска лазања, приготвена од тиквички, модри патлиџани, домати и мешан кашкавал, односно со состојки од македонското поднебје. Оброкот ја обезбедува потребната енергија за дневниот психички и физички напор.
„Од овде, од Пробиштип, сакам да порачам, до сите оние субјекти којшто се вклучени во правилен развој на децата - институциите, родителите, бабите, дедовците, воспитувачите, наставниците, педијатрите, уште еднаш сите заедно да дадеме на интензитет на оваа акција, да придонесеме за правилен развој на нашите деца, затоа што нашите деца, нашите поколенија, се иднината на нашата татковина", изјави Иванова.
Учесниците на настанот, меѓу кои и сопругите на амбасадорите на САД и на Шведска, Мери Џо Волерс и Хелена Густавсон, презентираа салата, супа, и соодветно подготвен десерт, неопходни за еден здрав оброк. Сите учесници потсетија на потребата за исклучување на брзата храна од менито на најмладите.
Денешната манифестација е во рамки на кампањата „Здрава храна за детство без мана", започната во 2011 година под покровителство на Маја Иванова. Целта е да го поттикне интересот кај децата за здрава и правилна исхрана, како предуслов за нивен правилен развој. Претходно, слични манифестации се одржаа и во други македонски градови.
Извор: Скопје инфо