Помислив за тој страшен ден - за Страшниот суд дојден во ужас; помислив за веселбата во рајот и почнав да воздивнувам и да плачам. И плачев сѐ додека не останаа во мене сили и додека не можев повеќе да плачам. Плачев затоа што во мрзливост и расејаност ги проживеав сите мои денови, што во нечистотија изминаа сите мои години, и што не сфатив и не почувствував како изминаа и како одлетаа; се намалија моиве денови, а се умножија моите беззаконија.
Тешко ми мене! Што ќе правам во оној час кога ќе бидам заобиколен од моите познати, кои, кога ќе ме видат во таква лоша состојба, ќе се разбегаат од мене; тие ме сметале за блажен, зашто не гледале дека сум преполн со беззаконија и нечистотија и не знаеле дека сум Го заборавил Господа, Кој ги испитувал срцата и утробата. - Таму е вистинскиот и жален срам; него ќе го почувствува оној што таму ќе се посрами, - Ти се молам и Те преколнувам, Човекољубив и Благ Господи, биди милостив спрема мене, не ставај ме од Твојата лева страна со козите, кои премногу Те огорчувале и немој да ми речеш дека не ме познаваш, но, по Твојата преголема милост, подај ми непрестајни солзи, дај му скрушеност и смиреност на моето срце и очисти го, за да стане храм на Твојата благодат.
Свети Ефрем Сирски
"pravoslavenistocnik.mk"
(ДОБРОТОЉУБИЕ)
Православен Источник
10.02- Св. Ефрем Сирин
Роден е во Сирија од бедни родители во времето на царот Константин Велики. Раната младост ја помина прилично бурно, но одеднаш во неговата душа настана пресврт и тој почна сиот да гори од љубов кон Господ Исус. Му беше ученик на Св. Јаков Нисибиски (13 јануари).
Од големата Божја благодат од неговата уста извираше мудрост како меден поток, а од очите непрестајно му течеа солзи. Трудољубив како пчела. Непрестајно пишуваше книги или ги поучуваше монасите во манастирот и народот во градот Едеса или пак самиот се предаваше на молитва и богомислие. Неговите книги се многубројни, неговите молитви прекрасни.
Најпозната му е молитвата за Чесниот Пост: „Господи и Владико на мојот живот“. Кога сакаа насила да го земат за епсикоп, почна да се прави луд и да јури низ градот Едеса, влечејќи ја зад себе својата облека. Кога го видоа тоа луѓето го оставија на мир.
Му беше современик и пријател на Св. Василиј Велики. Св. Ефрем Сирин е главно апостол на покајанието. Неговите списи и ден денес смекнуваат многубројни срца закоравени во грев, и ги враќаат кон Христа. Се упокои во длабока старост во 378 година