Еден ден во седмицата, кој се именува Недела, се вика ден на Господа, Кој воскреснал во тој ден од мртвите, и со тоа го претскажал општото воскресение на сите и нѐ уверил во неговата вистинитост во тој свет ден (сп. 2. Мој. 20, 10-11), никаква световна работа не работи, освен она што е најнеопходно потребно, а и на сите кои се под твое управување, давај им одмор и спокој, та, заедно со нив да Го прославуваш Оној Кој со Својата смрт и со воскресението ја совоскреснал и нашата природа.
Спомнувај си за идниот живот и поучувај се во сите заповеди на Господа; испитувај се дали не си престапил некоја од овие заповеди, и поправај се во сѐ. Во овој ден, посетувај го Божјиот храм и присуствувај на сите црковни служби; причестувај се со телото и крвта на Господа Исуса Христа; постави почеток на твојот праведен живот; обновувај се и подготвувај се за примање на идните вечни блага, заради кои, не ползувај се лошо со земните блага; во денот на Господа оставај ги сите земни работи, освен она што е најнеопходно и без што не може да се живее.
Имајќи Го на тој начин Бога за свое засолниште, нема да ги престапиш Божјите заповеди, нема да го распалиш огнот на страстите и нема да го натовариш врз себе товарот на гневот, и така ќе го посветиш светиот ден на Господа, ќе празнуваш и нема да правиш зло. Празнувај ги и другите востановени празници, како што го празнуваш Господовиот ден; и во тие денови прави го истото и од сите зла воздржувај се.
Свети Григориј Палама
10.02.2024