✜✣✜
Душата е во телото, во душата е умот, а во умот се зборовите, со кои Го созерцаваме и прославуваме Бога, Кој ја обесмртува душата, дарувајќи ѝ вечна наслада. Зашто Бог од љубов му дал битие на сè што постои.
Животот е соединување на умот, душата, духот и телото, а смртта не е пропаст и загинување на овие делови, туку само прекин на нивното соединување. Сето тоа Бог го запазува и по разединувањето.
Умот не е душата, туку е дар Божји, кој ја спасува душата. Богоугодниот ум оди пред душата и ја советува да презира сè што е привремено, светско и пропадливо, а да ги сака вечните, неземните и непреодните блага така што човекот, живеејќи во телото, со својот ум да го замислува и да го созерцава она што е небесно и божествено. На тој начин, богољубивиот ум е добротвор и спасител на човечката душа.
Душата, која му угодува на телото, се помрачува од телесните задоволства и загинува. А богољубивиот ум дејствува спротивно: тој му причинува страдање на телото и ја спасува душата, слично на лекар, кој го сече и изгорува болното место.
Оние души кои не биваат зауздувани од разумот и управувани од умот, кој ги задржува и насочува каде треба да одат, ги запазува од страстите, таквите души се како нераумни животни и загинуваат, затоа што нивниот разум бива управуван од страстите, слично на колар, кој ја загубил послушноста на коњите.
Да не Го знаеме Бога, Кој создал сè за човекот и му подарил и ум и зборови, со кои издигнувајќи се, може да општи со Бога, да Го созерцава и да Го прославува, - тоа е најголемата и најстрашната болест на душата.
Свети Антониј Велики
Подготви: Т.С.
30-ти јануари, лето Господово 2017
Друго:
- 11. Свети Антониј Велики - „Бог од љубов му дал битие на сè што постои.“
- Преподобен Антониј Велики- НЕКОЛКУ ДОБРИ СОВЕТИ ...
- Свети Антониј Велики - Ние не примивме дух на ропство, за да бидеме во страв... ...