Ние не примивме дух на ропство, за да бидеме во страв, туку Го примивме Духот на восиновувањето, преку Кого повикуваме ‘Авва Оче!’
Затоа, да продолжиме со нашите подвизи и да не очајуваме. Во ова Го имаме за помошник нашиот Господ, како што е напишано: ’Знаеме дека на оние што Го љубат Бога сè им врви добро’ (Рим. 8, 28). А на тоа дека не треба да бидеме малодушни, нè поучуваат и зборовите на апостолот кога вели: ‘Секој ден умирам’ (1 Кор. 15, 31). Зашто ние нема да грешиме ако живееме како оние што умираат секој ден. Смислата на тие зборови е во следново: секој ден кога се разбудуваме да помислуваме дека нема да преживееме до вечерта, и навечер, кога легнуваме да спиеме – да помислуваме дека нема да се разбудиме. Бидејќи, според природата на нештата, должината на нашиот живот не ни е позната, ниту се знае колкава мера секојдневно ни остава промислата. Ако секојдневно живееме со ова расположение ниту ќе грешиме, ниту ќе похотствуваме, ниту ќе се гневиме, ниту ќе собираме богатства на земјата. Секојдневно очекувајќи ја смртта ќе стекнеме сиромаштвољубие и на сите сè ќе им простуваме. Похотта за жена или некое друго нечисто задоволство ниеден миг нема да задржуваме кај себе, но брзо ќе ги одбиваме, секогаш зафатени со (предсмртните) борби и очекувања на судниот ден. Зашто големиот страв од маките ја уништува пријатноста на задоволствата и ја подига душата што е близу падот.
Верувај во Господа и љуби Го, чувај се од нечистите помисли и од телесни задоволства и, како што е напишано во книгата Мудри Соломонови изреки, ‘не измамувај се со пренаситување на стомакот’, бегај од гордоста, моли се непрестајно, читај псалми пред и после спиење, проучувај ги заповедите што ти ги даде Светото Писмо, спомнувај си за делата на светите, та твојата душа помнејќи ги заповедите Божји да може да се угледа на нивната ревност...
Многумина од нашиот род се облечени во облека на побожност – станале монаси. Но од нив само некои го направиле тоа со сето свое срце и се удостоиле да го стекнат избавувањето што беше донесено со доаѓањето на Господ Исус. Тоа се оние заради коишто се радувам. Другите пак, отакако ја презреа силата (на својот завет), постапуваат според волјата на плотта и склоностите на срцето, заради што доаѓањето Господово за нив стана изобличување. Тоа се оние заради коишто тагувам. Најпосле, некои помислувајќи на должината на подвигот паднаа со духот, ја отфрлија од себе облеката на благочстието и станаа бесловесни. Тоа се оние заради коишто плачам, бидејќи доаѓањето на Господа ним им е на осуда.
Заповедите што ни ги предале апостолите, нè вовеле во прекрасно ропство, за да можеме да загосподариме над нашите страсти и да го вршиме прекрасното служење на добродетелите. (...) А оние што ќе ѝ пристапат на благодатта од личен опит ќе ги познаат движењата на Светиот Дух и ќе ја спознаат својата лична состојба, па доаѓајќи до тоа сознание, ќе почнат да говорат: ‘Ние не примивме дух на ропство, за да бидеме во страв, туку Го примивме Духот на восиновувањето, преку Кого повикуваме ‘Авва Оче!’ (Рим. 8, 15)’.
Свети Антониј Велики
Извор: МПЦ