логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

 


   Епископ Иларион Алфеев
 
      ЗА МОНАШТВОТО


 

Постои нешто суштински исто помеѓу бракот и монаштвото. Тоа не се два спротивни пата, туку два пата кои во многу што се блиски еден на друг. Човекот како индивидуа-ќе постане во потполност “вреден“, единствено ако се реализира себеси како личност во општење со другите. И во бракот, исполнувањето на она што недостасува произлегува преку задобивање на “другата“ половина, на другото “јас“, преку задобивање на другиот. Во монаштвото како “другиот“ се јавува Самиот Бог. Тајната на монашкиот живот се огледува во тоа што, оној кој примил монаштво во својот живот потполно се ориентира кон Бога. Човекот разумно и доброволно се одрекува не само од бракот, туку и од многу други работи кои им се достапни на “обичните“ луѓе, за да се восредоточи максимално на Бога и да Му го посвети целиот свој живот, сите свои помисли и дела. И во таа смисла монаштвото е блиско со бракот. Не е случајно што многу отци на Црквата го споредиле монашкиот живот со животот на сопружниците и зборувале за стремежот на човечката душа кон Бога, изразувајќи се исто како кога говореле за сопружничкиот живот.
 
Видливо е дека еден од основните текстови користени во аскетската литература, посветена на монаштвото, била библиската книга “Песна над песните“ на премудриот Соломон, која говорејќи за љубовта помеѓу мажот и жената, допира такви длабочини на човечката природа, што во ист степен може да се однесуваат на таа љубов која постои помеѓу душата на човекот и Бога. Душата на христијанинот е невеста Христова и токму на тој план во монаштвото се реализира оној “брачен потенцијал“ кој постои во секој човек. Сето она што му недостасува на човекот како индивидуа, за да постане личност, персона, за да го спознае својот личен живот, сам и во однос со другите, во монаштвото се постигнува преку општење со Бога. Тоа е прво.
 
Второ. Човекот не би требало да прима монаштво, само врз основа на тоа што не може да стапи во брак. Многу често младите луѓе, особено после семинаријата, се наоѓаат во дилема: созреани се за свештенослужители, се здобиле со духовно образование, подготвени се да започнат самостоен живот како возрасни луѓе, но и покрај овие околности не успеале да го решат брачното прашање, да најдат  за себе, животна сопатничка. И се случува архиjереите да започнат да вршат притисок на таквиот човек: ако не се жениш, значи примај монаштво и ракополагање. Ова е сигурно, сосема недопустиво, зашто исто како и за брак, и за монаштво човек треба да биде зрел, и било какво брзање, а уште повеќе притисок  во ваков случај е неумесeн и недозволив.

Монаштво може да се прими само во еден случај – ако човек чувствува кон тоа силен призив. Монашкиот призив не може да биде моментална желба: тој треба да созрева во тек на подолг период, за да станува се појасен, се посилен. Ако човек не е сигурeн во својот призив, се двоуми, тогаш не би требало да прима монаштво. Во беседата за бракот зборував за тоа дека исто така не треба да се стапува во брак, доколку постои сомнеж дека токму тој човек е оној со кого си спремен да го поделиш сиот свој живот, заради кого си спремен да го жртвуваш својот живот. Истиот пристап треба да се има и во однос на примање на монашкиот постриг.

Трето. Монаштвото има разни надворешни облици. Има  монаси кои живеат во манастири, а и има и такви кои живеат во светот. Има монаси кои го исполнуваат црковното послушание, на пример предаваат во духовни семинарии, има монаси кои се занимаваат со милосрдни дејанија.  Има монаси, свештенослужители во парохии. Со еден збор, надворешната слика на монашкиот живот може да биде многу разновидна. Но со тоа не се менува внатрешната суштина, а таа се состои според мене, во две работи – осаменост и непрестано стоење пред Бога. Спрема тоа, оној човек кој не чувствува призив за осамување, а заедно со тоа и целиот свој живот без остаток да може да Mу Го предаде на Бога, не би требало да постане монах.

Има случаи, кога млади луѓе примаат монаштво, ориентирајќи се кон вакви или такви можности, кои спрема нивно мислење, можат да ги добијат само ако примат постриг.

 

 

Огромна и трагична грешка прават овие луѓе, кои примаат постриг заради црковна кариера. Во современата пракса на Православната Црква, архиереј може да се стане, само ако си монах.


И доаѓа до тоа, да луѓето кои тежнеат кон кариера примаат монаштво за да достигнат висока положба во Црквата.  Но таква положба достигнуваат малубројни, зашто монаси се многу, а епископи малку. Неретко, таквите луѓе во позрели години доаѓаат до таква ситуација, да сватат дека нивната желба е недостижна, и дека тие испаднале од кругот или воопшто не влегле во тој круг, кој го сочинуваат кадри за архијерејско служење. И доаѓа до стравотна криза. Човекот сваќа дека си го уништил својот живот, лишувајќи се од многу нешта, заради некаква илузија. Слични ситуации не би смееле да се случат. Монаштво би требало да се прими само тогаш кога човек е во потполност ориентиран на Бога, ако е спремен да го даде целиот живот на Бога, да оди низ “тесната врата“. Монаштвото е максимален израз на тој “тесен пат“, за кој говори Господ(Мт. 7:13, Лк. 13:24). Тоа е пат на достигнување на внатрешни височини, пат на внатрешно богатење при надворешни губитоци. Примањето на постриг заради било какви надворешни цели, ја искривува самата суштина на монаштвото.


Недопустливо е да се прими монаштво и по послушание. За жал често се случува, човек во одреден период од својот живот, да не може да се одлучи, дали да прими монаштво или да стапи во брак. Немајќи доволно внатрешна сила за сам да донесе решение, си вели себеси: “Ќе отидам кај духовникот(или кај некој старец) и што ќе ми каже тој, таква ќе биде волјата Божја“. Таквиот став не е исправен. Сите одговорни решенија човек треба да ги носи сам и да сноси за нив,  потполна одговорност. Се разбира дека никој не може да гарантира, дека нема да се случи некоја грешка. Многу луѓе погрешиле во изборот за својот животен пат. Но човекот кој сам дозволил да се случи некаква грешка, сам  може и да ја исправи, дури и ако тоа го чини многу скапо. Но ако дошло до грешка заради некој друг, и човекот свати дека неговиот живот не е исполнет заради тоа што тој, некогаш по неразумност, невнимателност, му го поверил решението за својата судбина на некој друг, тогаш таквата грешка нема кој да ја исправи.
Во беседата за бракот зборував дека постојат два типа на брак: брак како тајна и брак како соживот. Истото може да се каже и за монаштвото: тоа може да биде тајна, а може и да не биде. Монаштвото кое се јавува како тајна, го преобразува целиот живот на човекот, го менува во корен, радикално.


Можеме да додадеме, дека постои совршено неправилна традиција, наследена уште од времето кога нашата Црква се наоѓала под силно влијание на западната схоластика – дека се прави разлика помеѓу тајна и обред и дека бракот се смета за тајна, а монашкиот постриг како облик на црковните церемонии, лишени од суштински карактер. Монашкиот постриг е иста таква тајна – како и другите тајни на Црквата, зашто во себе ги содржи сите облици на тајна. Човекот кој прима монаштво добива друго име, слично како што тоа се случува на крштевањето. Тој се облекува во нови одежди. Како и во тајната на Крштевањето, по верата на Црквата, му се простуват гревовите, помеѓу останатите и оние кои претставуваат канонска препрека за добивање свештенички чин.. Дури и во самиот чин на монашење постригот се нарекува тајна, кога оној кој го врши постригот вели: “ И пристапи на оваа голема тајна“. Но монаштвото се остварува како тајна, само тогаш кога се прима по призив, за да постане пат на внатрешно усовршување, пат на искачување на човекот по оваа “лествица“ за задобивање добродетели и борба со страстите, која така прекрасно ја опишал св.Јован Синајски, во својата класична книга.


Во кој случај може да се каже дека монаштвото не се извршило како тајна и дека примањето постриг било безуспешно или погрешно? Во тој случај, кога човек примил постриг или против своја волја, по послушание од друг, или во многу рана возраст по сопствена неразумност, или под влијание на расположение или ентузијазам кои подоцна поминале. Таквиот човек, веќе постанат монах, сфаќа дека направил грешка, дека тој воопшто не е “предодреден“ за монашки живот. Од оваа ситуација постојат три излези.


Првиот излез е човекот да се измени себеси: да си рече, дека кога веќе постанал монах и бидејќи Господ го привел на таков начин на живот,  да направи се за монаштвото навистина да постане тајна на единство со Бога. И човекот ќе се потруди со Божја помош да го усклади својот живот со неопходниот аскетски начин на живот. Ова е подобрата варијанта, но за жал таквото решение е многу ретко.


Почесто се сретнува втората и третата варијанта. Втора варијанта: човекот останува во монаштвото за да не ги наруши монашките завети, но при тоа не чувствува ниту радост, ниту воодушевување од тоа што е монах, туку само “тешко тегне“ проколнувајќи ја својата судбина. Трета варијанта: монахот го напушта манастирот, се размонашува и постанува мирјанин.


Тешко е да се каже, што е подобро. Од една страна монашкиот завет се дава еднаш за секогаш, и според канонските правила на Црквата, дури и оној монах кој ја отфрлил од себе монашката одежда и стапил во брак, продолжува да биде монах, но паднат монах – кој живее во грев. Бившите монаси кои стапиле во брак не добиваат црковен благослов за брачен живот и не можат да се венчаат во Црква, освен  многу ретки исклучоци. Таква е традицијата на Православната Црква. Во таа смисла монашките завети поставуваат пред човекот поголема одговорност отколку брачните завети: Црквата може да признае развод, но црковните канони не признаваат никакво размонашување. И ако во брак може да се стапи два пати, монашкиот завет не може да се даде два пати.


За време на две години од мојот монашки живот, јас живеев во манастир, во кој скоро секој втор монах го кршеше заветот и си заминуваше од манастир. Некои од оние кои заминаа се оженија. По правило тие бракови беа несреќни и брзо се распаѓаа. Се сеќавам на еден случај кога еден човек го напушти монашкиот живот само два дена после постригот, што беше потврда за неговата длабока внатрешна неспремност за монашки живот.

Се сеќавам и на друг случај: Млад човек стапил во манастир со голем ентузијазам, искрено сакајќи да се одрече од светот, да води свет начин на живот, но по природа бил друштвен, светски човек, а во манастирот не ја пронашол онаа духовна храна, она духовно раководство кое би можело да го задржи на патот на монашкиот живот и да го направи исполнет тој духовен живот. На крајот почнал да ја губи трезвеноста и самоконтролата, почнал да излегува во град, да се гледа со жени, почна да свири и во рок-група(во минатото бил музичар). Понатаму – алкохол, наркотици. Такви и други слични случаи, ме утврдија во уверувањето дека одлука за монашки постриг, може да биде донесена само преку многу трезвено и сериозно размислување, само откако желбата за монашки живот е цврсто утврдена, кога човек  после долго испитување ќе се увери дека е тоа неговиот призив.

Јас многу често контактирам со младите луѓе, кои се наоѓаат на раскрсница. Некои од нив велат: “ Размислувам за монаштво, но во мене сеуште има сомнеж,  двоумење.“  На таквите луѓе обично им говорам, дека се дотогаш, додека кај нив постои и најмала сенка на сомнеж, па и мало колебање, не би требало да примат монаштво. Ги советувам да не брзаат, да причекаат барем три години, а потоа да проверат дали нивната желба се намалила,, дали се оладила и ако желбата се сочувала, тогаш можат да се решат да примат монаштво. Грешката може да има кобни последици, така што откако ќе го даде монашкиот завет, а потоа сфати дека монаштвото не е за него, човекот ретко може да биде способен да се врати во нормален живот. Тој ќе остане целиот свој живот духовно истрауматизиран, морално осакатен.

Како и бракот, и монаштвото има своја динамичност и монахот може да се развива во позитивна или во негативна насока.Во монаштвото човекот не стои во место: тој или е на патот кон Бога малку по малку собирајќи духовен потенцијал или постепено ги губи оние почетнички резерви, кои ги поседува секој човек кој примил монаштво. Во оваа смисла многу е важно, уште од самиот почеток човекот да е правилно настроен. Како и во бракот и во монаштвото е присутна почетничка еуфорија, а после неа разочарување. Се случува, човек примајќи постриг, првите денови или месеци да живее едноставно речено -  на небо, среќен е, му се чини дека му се оствариле соништата, дека монашкиот живот е токму она што го барал. Но после тоа, доаѓа до отрезнување. Човекот почнува да согледува дека и монашкиот живот има свои тешкотии и искушенија на кои тој не бил спремен. Многу е важно да се преживее овој критичен момент. Ако во бракот сопружниците можат заедно да ги пребродат критичните ситуации, во монаштвото човекот е оставен сам со себе. Се разбира, тој не е сам, ако пребива во Бога, но монахот често нема подршка од луѓето. Често му недостасува правилно духовно раководство, особено во нашето време, во кое има многу малку искусни духовници.

Во Руската Православна Црква, во советско време, имало само 18 манастири, но и тогаш се жалеле дека им недостасуваат искусни духовни раководители. Денес бројот на манастири е повеќе од 500, но бројот на духовно искусни учители не се зголемил. Духовните раководители треба да се “калат“ десетици години, и за да се искалат треба да постои трајна монашка традиција. Самите духовници треба да бидат ученици на искусни наставници. Силата на монаштвото се состои, токму во наследството на духовното раководење кое како и апостолското предание започнува од првите времиња на христијанството: духовното искуство се пренесува од учителот на ученикот, а потоа ученикот самиот постанува учител и го пренесува своето искуство на своите ученици.

Во историјата на христијанската светост не е мал бројот на примери кога монашкиот опит се пренесувал од учителот на ученикот. Преподобен Симеон Нов Богослов бил ученик на преподобниот Симеон Испосник. Добивајќи од учителот големо знаење во областа на аскетскиот и мистичен живот, тој ги запишал и ги предал на своите ученици. Никита Ститат, кој го напишал житието на св.Симеон Нов Богослов, бил негов близок ученик.И самиот Никита Ститат се разбира имал свои ученици. Овој непрекинат тек на наследување на духовно искуство, се пренесува од многу одамна па се до нашите денови. Дури и во советското време, во Руската Православна Црква овој тек не се прекинал, иако бил ослабен: духовно искусните раководители – старците, биле навистина реткост во тие години, но сепак тие постоеле.

Но што се случува денес? Ќе се отвори помал манастир, епископот ќе постави таму 23-годишен игуман, тој ќе земе при себе неколку дваесетгодишни послушаници, и тие ќе почнат еден со друг да се воспитуваат. Нема никаква гаранција дека младиот човек, кој е поставен таму за намесник само заради тоа што црквата која го добила манастирот, морала таму некого да насели, навистина ќе постане добар наставник за младите кои дошле таму, иако можеби поседуваат голем ентузијазам и загреаност; но заради недостаток на духовно раководство, би можеле да се разочараат и да се најдат на погрешен пат.

Јас мислам дека исто како и примањето свештенички чин, така и примањето монаштво треба да биде во позрели години. Во минатото, не само што не се потстригувале петнаесетгодишни деца, седумнаесетгодишни, туку ни дваесетгодишни. За постриг се спремале многу долго. Пред да стапи во манастир, човекот морал долго да размислува за тоа. Никој не инсистирал тој да појде во манастир, како што тоа го прават денес некои духовници, поттикнувајќи ги младите да примат монаштво. Стапувајќи во манастир, човек долго се задржувал на ниво на послушник, и кога би се разочарал можел мирно да замине и да живее духовно исполнет живот и во светот. И само ако, поминувајќи долго време во манастир, сфатил дека тоа е неговиот пат, тогаш го постригувале. На таков начин, постригот не постанувал почеток на неговиот монашки животен пат, туку продолжеток на неговиот долгогодишен опит: постригот тогаш бил потврда дека човекот е повикан за монаштво, дека неговата желба да постане монах не била незрела, брзоплета, туку дека тоа била негова сопствена желба, а не желба на некој друг кој се трудел да  го принуди на монаштво.

Ви зборувам за ова, иако добро знам, дека можете да ми речете дека јас сум примил монаштво на дваесетгодишна возраст. На тоа можам  да одговорам само дека имав среќа, дека мојата одлука да примам монаштво иако била можеби младешка и незрела, сепак во овие 13 минати години ниту една секунда не почувствував разочарување ниту помислив: “Да не беше тоа грешка“. Дури и во најтешките моменти, кои беа многу, никогаш не почувствував дека мојот призив би можел да биде нешто друго.

Некои други имаа помалку среќа. Познат ми е не така мал број на случаи, кога човек примајќи монаштво во младоста, после некое време осознава дека тоа е грешка, но и понатаму останува во манастир, тешко живеејќи, без воодушевување, без радост. Гледав монаси кои непрестано беа во состојба на униние и на кои, се’ во таквиот живот им досадило. За некако да се утешат, тие или одеа на консултации кај психотерапевти или по цел ден слушаа класична музика или утехата ја бараа во алкохолот.

Ако монаштвото се прими откако сите овие услови се исполнети, по призив, тоа може за човекот да постане извор на отварање на неговите внатрешни потенцијали, да му ги даде оние можности кои не му ги дава животот во светот. Монахот по определба е ослободен од многуте стеги, кои човека го врзуваат во светот. Монахот има можност да се восредоточи само на главното, и ако тој го усмери својот живот на тоа главното – на тоа што претставува “единствено потребно“, т.е. на Самиот Бог, - она што ќе го добие може да биде навистина големо. Пред се, тој од сопственото искуство може да спознае што значи таа блискост на човечката душа со Бога, за која светите отци пишувеле во своите објаснувања за книгата “Песна над песните“. Тој може да Го познае Бога онака како што старец Софрониј, цитирајќи ги зборовите на апостолот Јован Богослов вели: “да се види Бог онаков, каковшто Он Е“.  Тој може да се здобие со многу духовни навики и да достигне светост. Се разбира дека патот кон светоста му е отворен на секој човек, без разлика дали е тој монах, свештеник или мирјанин, живее ли во манастир или во светот. Но монаштвото може да му даде на човекот посебни услови, при кои тој се сретнува со помалку препреки, отколку луѓето во светот. На монашкиот пат постојат друг вид на препреки – оние искушенија, кои пак не им се познати на луѓето кои живеат во светот. Тоа е лична борба, личен подвиг.  Но, ќе повторам дека можноста за отварање на своите внатрешни потенцијали, посветување на својот живот на Бога, им се дава на оние монаси, кои го примиле монаштвото по призив.

Како што веќе реков, монаштвото е најрадикалниот вид на поминувањето “низ тесната врата“, на кое Господ ги повикал сите христијани. Во древната Црква монаштвото се градело постепено. Постоеле групи на аскети, подвижници, кои давале завет за безбрачност, некои од нив заминувале во пустина, а други останувале да живеат во град. Тие, за своја главна цел си го поставиле духовното работење над самите себе – тоа што во Стариот Завет се нарекува “стоење пред Бога“, кога целиот живот на човекот е ориентиран кон Бога, кога секое дело, секој збор е посветен на Бога. Во Сириската Црква овие подвижници се нарекувале “синови на Заветот“ или “ќерки на заветот“: тие давале завет за безбрачност, за да се посветат себеси на служењето на Бога во Црквата. Во тоа време во Кападокија монаштвото се развивало забрзано, се основале аскетски заедници. Важна улога во формирањето на кападокиското монаштво одиграл св.Василиј Велики. Од него до нас, стигнале неколку зборници на правила за живеење. Се смета дека тоа се монашки правила, иако зборот “монах“ кај нив не се употребувал. Се работи за тоа дека св.Василиј Велики не ги пишувал своите правила само за монасите, туку и за сите аскетски настроени христијани – за сите оние кои сакале својот живот да го ускладат на Евангелието. Зашто монаштвото во својата основа не е ништо друго, туку евангелски начин на живот, настојување да се исполнат заповедите, кои им се дадени  на луѓето кои живеат во светот. Не е случајно тоа што го зборувал св.Јован Лествичник: “На монасите, светлина им се ангелите, а светлина на луѓето е монашкиот живот“.

Не е случајно ни тоа што во византискиот период во Русија, монашкиот живот бил прифаќан како “добар пример“ , и општествениот живот бил во голема мера ориентиран кон аскетски монашки правила.

На тој начин, нема никаква противречност не само помеѓу монаштвото и бракот, туку и помеѓу монаштвото и животот во светот. Свети Исак Сирин вели дека „светот“ навистина е збир на сите страсти. И монахот си оди од таквиот „свет“, не од светот како Божја творба, туку од паднатиот, гревовен свет, потопен во пороци. Си оди не заради омраза кон светот, не заради тоа дека се гнаси од светот, туку заради тоа, што надвор од светот, тој може да го собере во себе оној духовен потенцијал, кој потоа луѓето го реализираат во служењето. Преподобниот Силуан Атонски говореше: многумина ги окривуваат монасите, дека тие бесплатно јадат леб, но молитвата кои тие ја вознесуваат за луѓето,е многу подрагоцена од тоа, што луѓето го прават во светот во полза на ближните.

Преподобен Серафим Саровски говореше: „Имај смирен дух, и илјадници луѓе околу тебе ќе се спасат“. Заминувајќи во пустина на 5, 10, 20, 30 години отшелниците се здобиваа со „смирен дух“, оној внатрешен мир, кој толку им недостасува на луѓето кои живеат во светот. Но тие подоцна им се враќале на луѓето, за да го споделат тој мир со нив. И, навистина, илјадници луѓе би се спасувале околу таквите подвижници. Секако, имало многу подвижници кои си отидоа од светот, и не се вратија назад во светот, кои умреа непознати, но тоа не значи дека нивниот подвиг бил залуден, зашто молитвите кои тие ги вознесуваа за ближните, им помогнаа на многумина. Достигнувајќи светост, тие станаа посредници и застапници за илјадници луѓе, кои биле спасени со нивните молитви.

Примајќи постриг, монахот дава три основни завети: нестекнување, целомудреност и послушание.
Нестекнувањето може да се сфати различно. Може да станува збор за потполно доброволно сиромаштво, кога човек се одрекува од сите земни блага, од секаков имот. Но во најдобар случај станува збор за тоа дека тој се однесува кон се што има како да го позајмил. Монахот и  кон животот треба да се однесува така, како и тој да му е позајмен. Во „Лествицата“ и другите големи аскетски книги се зборува за добродетелта на странствувањето, кога човекот сфаќа дека овде на земјата, нема „град во кој би живеел, туку го очекува оној кој ќе дојде“, зашто неговата духовна татковина е – Небесниот Ерусалим. И токму кон него е насочено духовното внимание на монахот.
Заветот на целомудреност не се однесува само на безбрачност. „Целомудреност“ е словенски збор, кој во себе има многу длабок смисол. Таа зборува за тоа дека човек е должен „да биде мудар во целост“, то ест во сите свои постапки и помисли треба да се раководи со „мудроста, која доаѓа Одозгора“, која е Самиот Христос.

И, на крај, послушание. Овој монашки завет може да биде исполнет на разни начини: монах во манастир се  наоѓа во послушание кон својот игуман, монах кој служи во парохијата – кон својот епископ. И каква и да е надворешната страна на животот на монахот, тој секогаш е должен да се сеќава, дека неговиот живот не му припаѓа нему, туку дека е предаден на Бога, Црквата и луѓето. И монахот дури тогаш може да го оправда својот призив, кога неговиот живот донесува плодови и во неговиот однос кон Бога, и во однос на Црквата, и во однос на луѓето. Монахот донесува корист во однос на Бога, ако непрестајно работи над себе и, успева духовно да се подигне „од сила во сила“. Тој донесува корист ако или го усогласува својот монашки живот со служење во Црквата во чин на свештеник, или ако, бидејќи не е свештеник, се занимава со некоја друга работа во Црквата, нпр. со дела како милосрдие, проповедање. Монахот им носи корист на луѓето ако им го предава оној духовен опит кој го собрал во себе, или го прибира во себе она искуство, кое подоцна ќе го сподели со луѓето, или едноставно се моли за луѓето.

И на крајот на краиштата, послушанието е ослушнување на волјата Божја, настојување на човекот максимално да ја приближи својата волја до волјата Божја. И монахот – тоа е оној кој доброволно се одрекол од својата волја, предавајќи го сиот свој живот во Божји раце. Монахот треба да се стреми да достигне такво соединување на својата волја со Божјата волја, да би се уподобил на Исус Христос, кој во Гетсиманија Го повикува Отецот Свој: „Оче Мој! Ако е можно да Ме одмине оваа чаша; но пак ,не како што сакам Јас, туку Ти“ (Мат. 26:39). Во овие зборови се пројави, од една страна, Неговата човечка волја и природниот за секој човек страв пред страдањата, а од другата – потполната преданост на Волјата Божја и потполната подготвеност да Му Го повери Својот живот на Бога.

За крај, би сакал да кажам и тоа дека, монаштвото, за разлика од бракот, претставува учество на избраните – избрани не во оној смисол, дека тие се подобри од другите, туку во смисол на тоа, дека тие чувствуваат призив и предвкус кон осамувањето. Ако човек не чувствува потреба да биде сам, ако нему му е здодевно да биде сам со себе и со Бога, ако често му треба нешто надворешно да го исполнува, ако тој не ја сака молитвата, неспособен е да го снема во молитвените бранови, да се вдлбочи во нив, да Му се приближи преку молитвата на Бога... – во тој случај, тој не би требало да прими монаштво.
 
Прашања и одговори:

 

- Заради што воопшто е потребен монашкиот начин на живот? Треба да им се даде можност на луѓето кои имаат склоност кон тоа, да живеат со таков живот. Но можеби монашкиот живот треба да им биде достапен само на оние луѓе, кои достигнале духовни височини, кои се духовно проверени, кои се во зрела или постара возраст. Тоа би помогнало да се избегнат грешките.
 
- Не сметам дека монаштвото е само за старци. Не мислам дека е потребно да се постригуваат во монаси само луѓе кои имаат духовно искуство, бидејќи таквото искуство токму и се достигнува со монашки живот. Треба да се избегнуваат крајности. Сметам дека за стапување во брак најдобра е возраста од 20 до 30 години, а за монаштво од 30 до 40 години. Секако дека постриг може да се прими и порано, но степенот на ризик тогаш е поголем. Потполно е недопустиво, по мое мислење, да се постригуваат лица кои немаат наполнето 20 години. Познати ми се случаи во кои монаштвото било примено и на помала возраст, што потоа им послужило како повод на таквите монаси да се одрекнат од монашките завети. Сметам дека во слични случаи постригот може да се смета за неважечки, зашто момчето, скоро дете, не може да биде подготвено на така сериозен чекор.
- Рековте дека монаштвото е – во најголема мера „тесен пат“. Би сакал да продискутирам за тоа. Ние, кои живееме во светот, не бегаме доброволно од тешкотиите. Имаме семејства, треба да работиме, да заработиме леб во потта на нашето лице, кај нас се тешки односите со оние кои не опкружуваат. А монасите, по мое мислење, си обезбедиле за себеси во манастирите поспокоен живот, тие се зафатени со самоусовршување, кон кое и ние треба да се стремиме. Но да издвоиме време за читање на големи книги, како нив, за нас е два пати  потешко зашто ние имаме семејства, деца, внуци. Тие за тоа имаат доволно време. Зар не ви се чини дека нашиот пат, ако сакаме да бидеме добри христијани, во нешто е дури и потежок од монашкиот?


- Може да се каже. Кога зборував дека монаштвото е најрадикалниот израз на „тесниот пат“, не го имав предвид тоа, дека е нешто претешко. Во многу ситуации во животот во светот е многу потешко. Монаштвото е „тесен пат“ во смисол на одрекување од многу работи што на обичните луѓе им припаѓаат по право. И монасите се одрекуваат од многу надворешни работи заради внатрешното богатство. Но не мислам дека монаштвото е над бракот, или дека тоа повеќе го овозможува достигнувањето на светоста отколку бракот. Било кој пат што човекот ќе го избере, ако тој се стреми кон Бога – тоа е напорен пат, тоа се „тесни врати“. Ако човек тежнее да живее по Евангелието, тој секогаш ќе наидува на препреки и секогаш ќе мора да ги совладува. Монашкиот живот, како и животот во брак, даден му е на човека за тој да може на тој начин максимално да го оствари неговиот внатрешен потенцијал. Тој е даден за добивање на Царството Божјо кое секој од нас може да го задобие после смртта, но ние можеме опитно да му се приближиме  уште тука на земјата.


(извадок од делото “Вие сте светлината на светот“)

 
Подготвија: Б.Ѓ. и М.З.
 
Посети: {moshits} 

 



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

Видео содржини

dobrotoljubie

Духовност

Октомври 20, 2024
TviTER281

Монашки и свештенички семинар во митрополијата на Киншаса (06.09.2024 21:29)

Со Божја благодат и благослов на Неговата Светост Папата и Патријарх Александриски и на цела Африка г. Теодор II, во Митрополијата на Киншаса, во Конго, се одржаа семинари за монасите и свештениците.
Јуни 30, 2024
Avraamovo.GOSTOLJUBIE

Света Троица во Стариот Завет

„Секоја енергија која од Бога се простира на творевината и се именува со многу имиња, од Отецот излегува, низ Синот се протега, а во Духот Свет се совршува“ (Свети Григориј Ниски, „За тоа дека не смее да се говори за три Бога“). Вистината за постоењето на…

За нафората

HRISTOS.nafora
Нафората е осветен леб,кој бил принесен на жртвеникот и чија средина е извадена и…

Проскомидија

TVIT602
·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на…

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Сеп 13, 2021 Житија 3143
Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 7622
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Најново од духовност

Православен календар

 

24/11/2024 - недела

Св. великомаченик Мина; Св. маченик Стефан Дечански, крал српски; Св. маченици Виктор и Стефанида; Св. маченик Викентиј ѓакон; Преп. Теодор Студит;

Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на светите Кварт, Родион, Сосипатар и Терциј 10 ноември / 23 ноември 2024

Тропар на светите Кварт, Родион, Сосипатар и Терциј 10 ноември / 23 ноември 2024

О, свети апостоли Христос Спасителотво вас се зацари, душата во убавина се облече и венци за вас Животот исплете.За Олимпа...

Тропар на  свети Нектариј Егински 9 ноември / 22 ноември 2024

Тропар на свети Нектариј Егински 9 ноември / 22 ноември 2024

Изданок од Визант и Егина,заштитниче кој си јавен во последните времиња,миленик на вистинската врлина.Нектарие, те почитуваме,ние верните како богоугоден исцелител...

Тропар на соборот на светиот Архангел Михаил 8 ноември / 21 ноември 2024

Тропар на соборот на светиот Архангел Михаил 8 ноември / 21 ноември 2024

Архистратизи на небесните воинства,ние недостојните постојано ве молиме:со вашите молитви заштитете нѐ,под покровот на крилјата на вашата славаневешествена, пазејќи нѐ...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная