ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ
Тропар на светиот
маченик Христов Калиник
29 јули / 11 август
Душата без Љубов животот не го поима,
во таква вистина патот ти го помина,
о свети мачениче Калиниче,
сакајќи да го избавиш човекот од лагата,
топли солзи кон Бога пролеваше
и телото да се изгори за сведоштво го предаде,
Христос ја прими од тебе жртвата принесена,
телото твое го сочува,
и ги милува оние кои го повикуваат преку тебе
светото Име Негово.
Извор МПЦ – ОА
Манастир св. Јован Претеча Слепче
Тропар на преподобните отци
Константин и Козма Косински
29 јули / 11 август
Како ученик на великиот меѓу отците Варлаам,
префален Константине, и самиот чедо
на пустината, блажениот Козма си го израснал.
Затоа преподобни заедно пред
престолот на Владиката стоејќи,
со вашите молитви во верата Православна утврдете нѐ,
во послушание на светата Црква закрепнете нѐ
и испросете сѐ што е полезно за нашите души.
Извор МПЦ – ОА
Тропар на светата маченица
Серафима
29 јули / 11 август
8 глас
Невесто Христова возљубена,
Серафимо, наследничке на Небесното Царство,
и со крвта твоја облиена, како со
царска багреница си се украсила.
Спомни си за нас, кои го почитуваме
твојот свет спомен.
Извор МПЦ – ОА
Извор МПЦ – ОА
Манастир св. Јован Претеча Слепче
Од Верскиот календар на МПЦ (11.08.2024)
ТРОПАР
Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на апокалиптик (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.
Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.
Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.
Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.
ПреминПортал
2024 лето Господово
Од Верскиот календар:
Светиот маченик Калиник 11/08/
Родум од Киликија. Од малечок воспитан во христијанското благочестие. Остави сѐ и тргна да го проповеда Евангелието. Во Анкира беше фатен од некој незнабожечки кнез Сакердон. Кога кнезот му се закани со грозни маки доколку не им се поклони на идолите, Свети Калиник му одговори: „Мене секоја мака за мојот Бог ми е добродојдена како леб на гладен“. По страшни истизавања и заплашувања кнезот го обу во железни опинци со внатрешни клинци и нареди да го тераат до градот Гангрски, зашто не смееше веќе да го мачи ниту да го погуби во Анкира, бидејќи мнозина што го гледаа јуначкото трпење на Божјиот човек се обратија во верата Христова. По патот војниците ожеднеа, а немаше вода. Свети Калиник се помоли на Бога и низведе вода од еден камен. Кога пристигнаа во градот Гангрски мачителите го фрлија Свети Калиник во вжарена печка. А светителот Му вознесе молитва на Бога, велејќи: „Ти благодарам, Оче Кој Си на небесата, Кој ме удостои за овој час во којшто за Твоето име умирам“. Потоа влезе во огнот. Кога изгасна огнот го најдоа неговото тело мртво, но неповредено и цело. Чесно пострада и се украси со венец на вечна слава во 250 година.
Светата маченичка Серафима 11/08/
Девојка од Антиохија. Живееше во домот на една сенаторка Савина, којашто и ја приведе кон верата во Христа. Кога еден мачител на христијаните по име Вирил слушна за неа, нареди да му ја донесат. Пред него Серафима остана непоколеблива во верата, па тој нареди и ја фрлија во затвор, а потоа ѝ испрати некои момчиња за да преноќат со неа и да ја осквернат. Кога момчињата дојдоа пред затворската врата, Серафима Му се молеше во затворот на Бога. Пред вратата одеднаш застана пред нив ангел Господов со меч во рацете и тие паднаа како мртви, сосем несвесни и раслабени. Утредента мачителот ја замоли Серафима и таа со молитва ги врати во свест. Бидејќи сево ова го припиша на магии, Вирил нареди и оваа Света девица најнапред ја гореа со свеќи, а потоа ја тепаа со стапови. Но додека ја биеја нејзе, едно парче од стап отскокна и го удри Вирил по очите, од што тој ослепе. Најпосле на Христовата слугинка ѝ ја отсекоа главата со меч и таа го предаде духот на Бога. Благочестивата Савина чесно го погреба нејзиното тело, од коешто потече исцеление за многумина. Света Серафима пострада во времето на царот Адријан (117 г. – 138 г.).