Усрден пост (02.03.2009)
Со постот човекот ја покажува својата добра волја. Ако со усрдност се подвизува, Бог му помага. Но, ако тоа го прави на сила и си рече: „Што да правам, петок е, па редно е да постам“, ќе се мачи. Меѓутоа, ако му е јасна смислата на постот и ако пости од љубов кон Христос, ќе се радува. „На овој ден - треба да се помисли - Христос беше распнат: ни вода не Му дадоа да пие. Му даваа оцет. Ни јас нема да пијам вода цел ден.“ Ако така направи, тогаш ќе почувствува во себеси возвишена радост, поголема од оној кој ќе го испие највкусниот пијалок!
А гледаш, многумина мирјани ни на Велики петок не можат да постат, дури ни на тој еден ден. Но, пред некое министерство можат да седат и да штрајуваат со глад по цел ден само од кеиф, за нешто да постигнат. Таму ги бодри ѓаволот. Тоа што го прават е самоубиство. Други, пак, кога ќе дојде Воскресение, радосно и од сета сила пеат „Христос воскресна“, бидејќи добро ќе јадат. Личат на Јудејците кои сакаа Христос да Го направат цар, бидејќи ги нахрани во пустината.
Се сеќавате што рече Пророкот? „Проклет да е оној кој небрежно го прави делото Господово“ (Јер. 48, 10). Едно е кога некој има добра волја да пости, а не може, бидејќи ако не јаде, му се тресат нозете, паѓа во несвест - не му помага, значи, неговата издржливост, или здравје итн. - а друго е кога има сили и не пости. Каде е тогаш добрата волја? А жалоста на оној кој сака да се повизува, а не може, го надоместува подвигот и тој има поголема награда од оној кој има одважност и се подвизува, бидејќи тој чувствува и задоволство.
Човекот преку постот станува јагне. Ако стане ѕвер, тоа тогаш значи дека подвигот, којшто го започнал, или ги надминува неговите способности или се подвизува од егоизам, па затоа не добива помош од Бог.
Ако човекот не дојде до таму што било да прави, да прави од љубов кон Бог и кон ближните, само си го губи времето. Ако пости и има горда помисла дека прави нешто важно, џабе пости. Тој после тоа е само како избушен сад во кој не може ништо да се чува. Ставиш ли вода внатре, таа, малку по малку, целата ќе истече.
Извор: http://www.mpc.org.mk/