Осум вредни икони од Македонија ќе бидат дел од големата изложба насловена како "Византија 330-1453" која од 25 октомври годинава до 22 март 2009 ќе биде поставена во Кралската Академија на уметностите во Лондон
Осум вредни икони од Македонија ќе бидат дел од големата изложба насловена како "Византија 330-1453" која од 25 октомври годинава до 22 март 2009 ќе биде поставена во Кралската Академија на уметностите во Лондон. Бесценетите предмети се од Галеријата на икони од Охрид и потекнуваат од 12 до 14 век.
Меѓу иконите се делата: Архангел Гаврил од Благовештението (12 век), Богородица од Благовештението (12 век), Крштевање Христово (14 век), Слегување во Ад (14 век), Неверство Томино (14 век), Литиската икона со Богородица Душеспасителка (аверс) и Распетие Христово (реверс) (14 век), Исус Христос Пантократор (14 век), Богородица Психосострија (14 век).
Милчо Георгиевски, виш кустос во Галеријата на икони во Охрид објаснува дека на големата изложба ќе бидат презентирани околу 300 експонати од најпознатите колекции во Европа и САД.
Што се однесува до безбедноста и подготвеноста на иконите за транспорт, како и нивното осигурување, Георгиевски вели дека се преземаат сите неопходни мерки и се следат сите меѓународно прифатени стандарди и процедури, почнувајќи од утврдувањето на физичката состојба на иконите, потоа мерките кои треба да се преземат за санирање на оштетувањата, се разбира, доколку ги има, па материјалите, амбалажата и начинот на пакување на самите икони, се до материјалното осигурување кое во вакви случаи се врши по принципот од врата до врата.
-За жал, од разбирливи причини, висината на осигурителните суми не можам да ви ја соопштам, дотолку повеќе што во минатото (при изложбата во Њујорк во 2004) имавме едно многу лошо искуство кога сумата на која требаше да бидат осигурени нашите икони осамна со огромни бројки и букви на насловната страница на еден наш дневен весник, коментира Георгиевски. Тогаш беше објавено дека иконите кои патуваа за Њујорк биле осигурани на 50 милиони долари.
Учеството на Македонија на оваа изложба беше договорена преку Македонската амбасада во Лондон и Министерството за култура на РМ.
Анита ЈОВАНОСКА -Вечер
-