ШТО ДА ПРАВИМЕ АКО ПОСТОЈАНО НИ ДОАЃААТ ЛОШИ ПОМИСЛИ?

Одговор на Светиот Старец Пајсиј Светогорец
— Геронда, дали добрите помисли доаѓаат сами од себе или треба да ги негуваме?
— Треба да ги негуваме. Треба да внимаваме на себе, да се контролираме. Кога непријателот ни носи лоши, зли помисли, треба да се трудиме да ги истераме и да ги замениме со добри, благи помисли. Подвизувајќи се на тој начин, човек го негува своето внатрешно расположение и го прави добро.
И тогаш, гледајќи го твоето добро расположение, Бог ќе се смилува над тебе и ќе ти помогне, по што злите помисли повеќе нема да најдат место во тебе. Тие ќе си заминуваат, а за тебе веќе ќе биде сосема природно во себе да имаш добри помисли. Ќе стекнеш навика за доброто, добрината ќе влезе во твоето срце и тогаш, во својот внатрешен храм, ќе Го примиш Небесниот Гостин — Христос.
Меѓутоа, тоа не е дело од еден или два дена. Потребни се време и непрестајна борба за душата да се овенча со победнички венец. Кога тоа ќе се случи, борбата конечно престанува. Зашто борбата со страстите е истакнато пројавување на внатрешниот несклад, со кој се користат нашите непријатели.
— Значи ли тоа, Геронда, дека луѓето кои имаат добри помисли го постигнале тоа преку борба?
— Тоа зависи од човекот. Едни имаат добри помисли уште од самиот почеток на својот духовен живот и напредуваат. Други на почетокот имаат добри помисли, но подоцна ја губат будноста и почнуваат да им се покоруваат на „левите“ помисли. Трети, пак, на почетокот имаат „леви“ помисли, но, внимавајќи на себе и гледајќи колкупати се сопнуваат, престануваат да си веруваат себеси и подоцна стекнуваат добри помисли.Кај еден човек половината од помислите можат да бидат добри, а половината зли.
Кај друг можат да преовладуваат добрите помисли, а кај некого, напротив — злите.
На пример, човек има намера да стане монах. Во зависност од средината и условите во кои живеел во светот, тој има различни добри и недобри помисли. Може да има десет, дваесет, па дури и осумдесет проценти недобри помисли.
Кога ќе започне со внатрешна работа и ќе почне да се набљудува себеси, таквиот човек се труди да ги истерува злите помисли и да ги негува добрите. Продолжувајќи да се труди, по извесно време достигнува состојба во која има само добри помисли. Времето потребно за злите помисли да исчезнат ќе зависи од тоа колку долго човекот ги имал додека живеел во светот.
По извесно време и добрите помисли постепено ќе се повлечат, и човекот ќе достигне состојба на извесна испразнетост.
Во таа состојба човекот нема ниту добри ниту зли помисли, што дури може да донесе извесна вознемиреност во неговата душа.
Тогаш човекот почнува да се прашува:
„Што е ова? Што сега се случува? Најнапред имав зли помисли, но тие исчезнаа и им отстапија место на добрите. А сега воопшто немам помисли — ниту лоши, ниту добри.“
А потоа, по таа испразнетост, умот се исполнува со Божествената благодат и доаѓа Божественото просветлување.
— Геронда, а како изгледа тоа исполнување со Божествената благодат?
— На човек кој никогаш не видел дури ни ѕвезди, невозможно е со зборови да му се објасни како изгледа сонцето. Приближна претстава за сонцето може да му се даде на оној што барем еднаш ги видел ѕвездите.
— Геронда, што му помага на човекот да ја достигне таа состојба на испразнетост за која зборувавте?
— Во тоа помагаат духовното читање, непрестајната молитва, молчењето и ревносното подвижништво — аскезата. Човекот кој усрдно се бори против злите помисли може да достигне подобра состојба од оној кој речиси и немал зли помисли.
Тоа значи дека човек кој на почетокот од својот духовен живот имал деведесет зли и десет добри помисли, може да достигне подобра состојба од оној кој имал деведесет добри и десет зли помисли.
фб.📖 Од третиот том „Слова“ на преподобниот Пајсиј Светогорец — „Духовна борба“, Москва, Орфограф, 2021, стр. 62–65.
01.09.2026


























