Тајната на Крстот
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин.
Ние, денес, не му се поклонуваме само на Чесниот Крст Христов, туку му се поклонуваме и на Неговото Свето Воскресение: „На Крстот Твој му се поклонуваме, Владико, и светото Твое Воскресение го славиме“. Во поклонувањето, т.е во православното чествување на Крстот, нема трагизам, нема немоќ, туку „сила Божја“ во светлината на Неговото Воскресение.
Тој однос на првите христијани кон Крстот ги збунувал незнабожците, современиците на првите христијани, а ги збунува и денес сите оние што живеат надвор од Црквата. Свети апостол Павле вели: „Крстот е безумство за оние што гинат, а за нас кои се спасуваме сила Божја“ (1 Кор. 1, 18).
Тајната на Крстот се живее или, подобро кажано, се учествува во неа единствено во Црквата на Оној Кој заради нас се распна на Крстот, но не како било, туку во послушание кон својот духовен отец, односно кон Епископот на Црквата. Затоа, каде и да слушнеме дека некој зборува против светото послушание треба едноставно да знаеме дека таквиот е противник на Крстот и е непријател Христов, Кој Самиот стана послушен до самата смрт, и тоа смрт на крст. Тоа е истиот оној менталитет или, подобро кажано, дух на неприфаќање на Крстот од оние на кои тој им изгледал како безумство во времето на апостол Павле, а го гледаме и денес, за жал, кај многу луѓе што со устата своја го почитуваат, па и колената свои во подножјето на крстот ги приклонуваат, но од неговата сила се одрекле и кутрите не ги разбираат зборовите Христови: „Кој не го земе крстот свој и не оди по Мене, не е достоен за Мене“ (Матеј 10, 38). Нашиот пад се случил поради непослушание и поради гордоста. Нашето спасение се остварува преку послушанието на Синот Божји и преку Неговото крајно смирение. Ние можеме да земеме лично учество во Крстот Христов, но и во Воскресението Негово, ако се угледаме на Него во послушанието. Впрочем, на таков подвиг и нѐ повикуваат денешните евангелски стихови.
Парадоксот е неизбежен во реалноста на секој што се подвизува и живее во Црквата, согласно Преданието и критериумите на Светите отци, кои велат: „Дај крв, прими Дух“, умри за да живееш, итн. Ава Јустин Ќелиски вели: „Низ безброј умирања се пробива мојата љубов кон Тебе, о слатка Бесмртност“.
Токму поради тоа Крстот е безумство за оние што зборуваат за некакво имагинарно послушание, а не конкретно и кон конкретен човек во Црквата. Оти, само во такво послушание се распнува, умира и воскреснува исцелен нашиот горд ум. Што и да кажеме, за овој свет Крстот останува безумство, бил и ќе остане, сѐ додека Христос повторно не дојде, а пред Самиот Тој да се појави и да дојде како молња, која се гледа од исток до запад, на небото сите племиња земни ќе го видат Крстот, знакот на Синот Човечки, и ќе заплачат и ќе заридаат (види: Матеј 24, 30).
Во животот неизбежно ќе страдаме и ќе носиме крст, сакале или не, и ќе бидеме распнати, сакале или не, и ќе умреме на него, сакале или не, но на крстот на овој живот, и само во овој живот, имаме единствена можност да Го препознаеме Оној Кој се распна заради нас и да Го исповедаме за Господ преку волевиот подвиг на послушанието кон духовниот отец, и во свое време од Него Самиот да слушнеме во срцето: „Ти велам уште денес ќе бидеш со Мене во рајот“, или пак, како другиот разбојник да се предадеме на бесмислената агонија на страдањата, хулејќи на Него и измислувајќи апологии на непослушанието.
Сѐ што треба да направиме е да ја прифатиме Неговата Промисла за нас и да Му благодариме и секако да Му веруваме. Впрочем, послушанието е и доверба во Бог, а не во човек, а непослушанието е маловерност и недоверба во Живиот Бог. („Кој не ве слуша вас, ни Мене не Ме слуша“ – види: Лука 10, 16.) Христос, јавувајќи му се распнат на Крстот на светиот Старец Софрониј, по еден долг период на страдање и богооставеност, му рекол на Старецот: „Од крстот никогаш не слегуваш самиот, туку те симнуваат“.
Дај ни, Господи, со крстот свој по Тебе да одиме, по добро натапканиот пат на послушанието од Светите отци наши, кои по него одеа, со Тебе се распнаа, погребаа и воскреснаа во слава незалезна.
Викарен Епископ Јаков Стобиски
Божествена Литургија во Ново Село (04.04.2021 11:26)
На Крстопоклона недела, Митрополитот Европски г. Пимен во сослужение со викарниот Епископ г. Јаков Стобиски отслужи Божествена Литургија во манастирот „Свети великомаченик Георгиј и свети Антониј Велики“, во Ново Село.
Извор: МПЦ-ОА