презвитер Горан Стојчевски
Неблагодарам, не, туку Благодарам
Слушајќи го денешното Светото Евангелие, се запознавме со подвигот и на богатиот човек и на сиромашниот Лазар. За некого може ќе биде ова уште една приказна, за некого само утеха и надеж со голема доза на неверување, за некого исправање на некоја социјална човечка неправда овде во светов која почнува во вечноста со замена на улогите на споменатите од оваа Господова парабола, а всушност ова евангелско собитие само ни ја отвора темата не за богатството и сиромаштијата, туку за сиромаштвото како христијански завет, како завет од нашето Крштевање дека без оглед на дарот Божји, беда или имот, сме се обврзале дека нема да им робуваме на ниту на гордоста од богатствто, ниту на очајот од бедата.
Споменавме, дар Божји, секако богатиот човек кој се облекувал во порфир и свила и кој живеел раскошно и се веселел, сето тоа го имал добиено како дар Божји, но наместо да благодари на даровите од Бога, тој се приврзува за нив, тој ги присвојува за себе сметајќи дека со полно право му припаѓаат нему, припадноста е само граница која неблагодарно ја преминуваме во робување на нешто и што не е наше, оти сè е дар. Ние, знаеме дека и нашиот живот е дар, чудо од Бога, во кој ако ја злоупотребиме слободната волја движејќи се во онаа Апостолска рамка, сè ми е позволено, но не ми е сè полезно, и не благодариме, а го присвоиме како наша сопственост тогаш ќе му робуваме, т.е. робуваме на сите страсти кои произлегуваат од неблагодарење за дарот на животот, иако надвор од Христос, само слободно избираме на што ќе робуваме, а ако тие страсти не успееме да ги реализираме тогаш ете, тука е почетокот на нашата беда и фрустрација, сакаме да имаме или како што вели свети апостолот Јаков, просиме, а не добиваме оти сакаме да го трошиме на нашите похоти, а тоа предизвикува нервоза, растројство и демнопседнатост, иако овие состојби можеме да ги добиеме облечени и во порфир и свила, а не само во посакувањето и нереализацијата на истото. Ако нема покајние ќе има неблагоданост, ако нема очистување на срцето ќе има бесчуствителност, ако нема насоченост на животот кон обожување ќе има свесно или несвесно определување за злото, иако ќе има радост и веселие, но на сметка на мачениците кои ги произведуваме од нашето нехристијанско однесување.
Сиромашниот Лазар пак е блажен како беден по дух и затоа негово е Царството небесно, но не заради сиромаштијата, туку заради неговииот евхаристиски живот оти Му благодарел на Бога за сето она што го имал, а имал беда, сиромаштија, но сепак неговата благодарност ја согледуваме во тоа дека сакал да се храни од трошките што паѓаа од трпезата на богатиот, во тоа сакање се крие неговото слободно прифаќање и благодарење што е состојба на внатрешниот човек за неговта надворешната состојба, па и ангелите го носат во лоното на Авраам, во прегратките на Бога. Благодатта Божја во Лазар се открива и на сета твар, па ете, дури и кучињата ја согледале, та раните негови ги лижеле. Благодатта Божја го преминува Лазар во Бога Утешителот, бидејќи неговото благодарам се воздигнувало како непрестајна молитва кон Бога, сиромаштвото кое го живеел во Бога го преобразува во ангелско служење кое го вознесува во царството небесно. А, богатиот умре, и го погребаа, едноставно неблагодарноста е спротивна на вознесувањето, и таа влече надолу, во пеколот, не оти тежело богатството кое рековме е дар, туку тежи непокајнието, тежат страстите, оти несмонено е дека нашиот живот во вечноста ќе не одвлече онаму каде што ние овде во овој свет сме го влечеле, или кон царството Божјо или кон пеколот. Богатиот во пеколот има маки, но тоа е само измачување со љубовта, како што вели свети Исак Сирин, љубов која не ја покажал кон Лазар, како негов ближен, кој струполен лежел покрај вратата негова, и ете, тој веќе не споменува ниту порфир, ниту свила, ниту раскош, ниту веселба, туку го бара наквасениот прст на Лазар да го разлади, бара љубов, ништо друго.
Гледаме дека во Бога нема неправда, Бог подеднаково ги љуби и двајцата како и сите нас, но нашата состојба или живот во Бога зависи од тоа дали ќе ја возвратиме љубовта, дали ќе благодариме или не. На, крај, богатиот бара со чудо Бог да ги опомене своите браќа по тело, да не го потрошат животот во непокајние како и тој, всушност како што и самите ние неретко бараме сведоштво т.е. чудо од Бога па да поверуваме во Него, а тоа барање е само уште една наша неблагодарност. Но, што вели, Авраам, што вели Христос, не барај чудо, туку љуби го Бога и исполнувајги Неговите заповеди, како што сведочи во Евангелието, Кој Ме љуби, тој ги пази Моите заповеди. Значи, доволен ни е Христос, потребна ни е Неговата милост и љубов, Неговото Евангелие, доволен ни е Богочовекот Кој е исполнување на Законот и Пророците, за да го слушаме, да исполнуваме, да сведочиме т.е. да постапуваме по Неговите зборови дела, Неговото Име постојано да ни биде на нашите усни, нашиот ум вознесен кон Него, за Он да слезе во нашето срце, а Христос вели, каде ви е богатството ваше, таму ќе биде и вашето срце, а ние знаеме дека Христос е нашето богатство во Кого се крстивме и облековме, во Кого имаме сè изобилно и во Кого се веселиме, радувајќи се во неоседувањето и љубовта кон ближниот, но и Христос со Кого се храниме евхаристиски исповедајќи го ангелското служење во доброволно сиромаштво кое е благодарам за тоа дека Го имаме, и дека ништо свое немаме освен гревот, сè друго освен гревот, е дар за Кого Му служиме во нашиот живот благодарам на Бога, Кој го чисти и гревот и ги исцелува нашите рани од последиците на гревот.
Бог нека ни дарува постојано покајание, непрестајна молитва и благодарење за небесното Царство откриено во Црквата, во Христос нашиот Бог Кому е слава со Отецот и Светиот Дух. Амин!
Скопје, 1-ви ноември, лето Господово 2015