Скопје, 16-ти февруари , лето Господово 2016- храм на св. пророк Илија
На 16-ти февруари 2016 година, во триесет и седдмата недела по Педесетница, кога Македонската православна црква- Охридска архиепископија молитвено го слави споменот на Свети Симеон Богопримец, во храмот на св. пророк Илија, во скопската населба Аеродром, старешината на храмот, протопрезвитер Бранислав Стојанчов отслужи Божествена Литургија . На Литургијата верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Свети Симеон Богопримец
Во времето на мисирскиот цар Птоломеј Филаделф овој Симеон беше избран како еден од прочуените Седумдесетмина на коишто им беше доверена работата на преведување на Библијата од еврејски на грчки јазик. Симеон ја работеше својата работа совесно, но кога го преведуваше Пророкот Исаија и дојде до пророштвото: „Еве девица ќе зачне и ќе роди син“, тој се збуни, зеде нож за да го избрише зборот „девица“ и го замени со „млада жена“ за така и да го преведе на грчки. Но во тој миг му се јави ангел Божји и го задржа од неговата намера, објаснувајќи му дека пророштвото е вистинито и дека запишаното е точно. А дека е вистинито и точно, му кажа Божјиот известител дека ќе се увери и самиот, зашто по Божја волја нема да умре дури не Го види Месијата роден од девојка. Праведниот Симеон му се израдува на ваквиот глас од небото, го остави пророштвото неизменето и Му заблагодари на Бога што го удостојува да доживее да Го види Ветениот. Кога Исус како Младенец беше донесен во ерусалимскиот храм од Дева Марија, за ова Духот Божји му јави на старецот Симеон, кој тогаш беше престарен и бел како лебед. Симеон брзо отиде во храмот и таму Ја препозна Дева со Младенецот, според светлината што зрачеше од нив како ореол. Радосен старецот Го зеде Христа на своите раце и Го замоли Бога да го отпушти од овој живот: „Сега отпушти го Твојот слуга, Господи, според зборовите Твои, зашто очите мои го видоа спасението Твое“. Овде се најде и пророчицата Ана, ќерка Фануилова, којашто и самата Го позна Месијата и му Го објави на народот. Ана тогаш имаше осумдесет и четири години. Наскоро потоа Свети Симеон се престави. Праведниот старец Симеон се смета за заштитник на малите деца.
Старец Паисиј Светогорец
Монасите не се ниту мрзливци, ниту индивидуалци, ниту неуспешни луѓе, туку своеволно се откажуваат од световниот успех, за да успеат духовно. Значи монасите се добрите момчиња од Евангелието, коишто кога ги повикува Христос, не ги примамува ниту богатството, ниту младоста нивна, туку се жртвуваат и Го следат Христа со Крстот. На тој начин се здобиваат со бесценетиот Бисер, и не се занимаваат со суетноста на лажниот живот, бидејќи порано или подоцна сè ќе стане прав и ќе остане несреќна душата на оние што според световните мерила се успешни. Милостивиот Бог нека нè просветли и на сите да ни даде покајание, за да се удостоиме сите за Царството Небесно. Амин.
Преминпортал (к.т.)