ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ
Тропар на преподобниот
отец наш Сава Oсветен
5 декември / 18 декември
Пастиру Христов, оче свети,
Саво преподобен, славословие на
Тивката Светлина Христова,
Ти кој Господа го прослави во светата земја,
а целата вселена се напои од мудроста Божја,
преку тебе посведочена, а од срцето твое прочитана.
Моли се за нас недостојните,
кои го почитуваме светиот спомен твој,
и на Бога благодарност вознесуваме,
за таквиот плод на Љубовта Негова.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на светиот
преподобен отец
Нектариј Битолски, Светогорец
5 декември / 18 декември
Глас 8
Телото низ оган поминувајќи Бог го очисти,
од скверноста на овој свет,
душата која кон Христа повика,
Он ја прими во својата небесна одаја,
о Нектарие тебе те поведе Пресветата,
во својата свита величествена,
моли се за нас преподобен горостасу,
смирение по твоите молитви Христос да подари,
за наше спасение до крајот на вековите.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на светиот
преподобен Карион
и неговиот син Захариј
5 декември / 18 декември
Глас 1
Пустината како градина миомирисна
вашите подвизи ги подигна до Горниот Ерусалим,
од каде Господ на вас погледна. Оче преподобен Карионе,
благодатта на тебе положена двојно се зголеми
на твојот син Захарија како некогаш од Илија на Елисеа,
и затоа велик е пред Господа,
и ревносен молитвеник за душите наши.
Извор МПЦ-ОА
Манастир св Јован Претеча Слепче
Православен календар за 18/12/2023
ТРОПАР
Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.
Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.
Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.
Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.
ПреминПортал
2023 лето Господово
Од Верскиот календар:
Тропар на светиот преподобeн
Нектариј Битолски
5 декември / 18 декември
Глас 1
Како ѕвезда зороносна си изгреал на Атос,
си го осветлил карејскиот скит,
те воспита градот Битола, оче наш Нектарие.
Просветли ги сите што со љубов те чествуваат
и непрестајно моли се за сите нас.
Слава Му на Христа, Кој те прослави,
слава Му што те облагодати,
слава Му на Оној Кој преку тебе
ни даде нам исцеление.
Извор МПЦ - ОА
Од Верскиот календар:
Преподобен Нектариј Битолски
Родум од Битола. Се подвизуваше најпрво во манастирот Свети Врачи кај Битола, заедно со својот замонашен татко Пахомиј. Потоа премина на Кареја, каде што го продолжи подвигот под раководство на Старците Филотеј и Дионисиј во келијата на Св. Архангели. Откако ги победи човечката завист, демонските напасти и тешките болести, се пресели во Царството Христово на 5 декември 1500 година. Неговите чудотворни мошти цели, нетлени и благоухани, почиваат во истата келија.
Свети Сава Осветен
Незначајното село Муталаск во Кападокија стана славно поради ова големо светило на Црквата. Овде Сава се роди од татко Јован и мајка Софија. Родителскиот дом го напушти кога имаше осум години и се замонаши во блиската обител наречена Флавијанова. После десет години премина во Палестинските манастири и таму најдолго се задржа во обителта на Светите Ефтимиј Велики (под 20 јануари) и Теоктист. Проѕорливиот Ефтимиј за него прорече дека ќе стане славен монах и наставник на монасите и дека ќе основа лавра поголема од сите лаври на сите времиња. По смртта на Св. Ефтимиј Сава се оддалечи во пустина, каде што во една пештера, којашто му ја покажа ангел Божји, помина како отшелник пет години. Потоа, кога стана совршен монах, по Божја Промисла околу него почнаа да се собираат многумина ревнители за духовниот живот. Набрзо се собраа во толкав број, што Сава мораше да гради и црква и многубројни келии. Дојдоа и некои Ерменци, на коишто тој им одреди пештера за во неа да служат на ерменски јазик. Кога умре татко му, кај него дојде неговата остарена мајка Софија, којашто тој ја замонаши и ѝ даде келија подалеку од неговиот манастир, па во неа таа се подвизуваше до крајот на животот. Овој Свет отец претрпе многу напасти од ближните, од еретиците и од демоните. Но тој сите ги победуваше, и тоа: блиските со благост и попустливост, еретиците со непоколебливо православно исповедање, а демоните со крсниот знак и повикувајќи Го на помош Бога. Особено голема борба имаше со демоните на гората Кастела, каде што го основа својот втор манастир. Тој и неговиот сосед Теодосиј Велики се сметани за најголеми светила и столбови на Православието на Исток. Тие ги исправаа царевите и патријарсите во верата, а на сите им служеа како пример на светителско смирение и на чудесната Божја сила. После трудољубивиот и многуплоден живот Св. Сава се упокои во 532 година, во деведесет и четвртата година од својот живот. Меѓу другото, тој го устрои манастирскиот типик на богослужење, којшто подоцна се рашири по целото Православие и стана познат како Ерусалимски устав.