с.Љубанци, 3ти јануари 2021 г.-манастир на св. Никола
На 3ти јануари 2021 година, во Неделата на Светите Отци, кога Македонската православна црква - Охридска архиепископија - Јустинијана Прима молитвено го прослави споменот на Светата маченичка Јулијана и шестотини и триесетте маченици со неа , во манастирот св.Никола во скопско Љубанци, свештеникот Ѕвонко Аговски отслужи Божествена Литургија.
Оваа славна девица и маченичка беше родена во Никомидија од родители незнабожци. Слушна од некого проповед на Евангелието и со сето срце се обрати кон Христа, па почна да живее совршено според заповедите Господови. Свршеник ѝ беше некој сенатор Елевсиј. За да го одврати од себе Јулијанија му рече дека нема да може да појде за него ако тој не стане епарх на градот. Му го предложи тоа мислејќи дека тој млад човек никогаш нема да може да го достигне таквиот висок чин. Но Елевсиј се потруди, па со ласкање и мито го придоби чинот никомидиски епарх. Тогаш Јулијанија му откри дека е христијанка и дека не може со него да стапи во брак додека и тој не ја прими христијанската вера, велејќи му: „Што ни вреди да бидеме телесно соединети, кога духовно би биле разединети?“ На ова Елевсиј се огорчи и ја обвини кај татко ѝ. Јаросен татко ѝ ја исмеа и ја изнатепа, а потоа му ја предаде на мачење на епархот. Епархот нареди и многу ја тепаа, па потоа ранета и искрвавена ја фрлија во затвор. Но Господ во затворот ја исцели и таа се јави пред епархот сосема здрава. Овој потоа ја врза и ја фрли во вжарена печка, но огнот не ја докосна. Кога го видоа тоа чудо мнозина поверуваа во Господ Исус Христос. Такви обратени имаше петстотини од машкиот и сто и триесет од женскиот пол. Сите нив епархот ги осуди на смрт и нив ги убија со меч. Нивните души се преселија во Рајот. Тогаш злобниот судија ја осуди на убиство со меч и Света Јулијана. Таа излезе на губилиштето радосна со духот. Му се помоли на Бога и ја положи главата за отсекување. На денот на тоа убиство душата на светителката отиде во Царството на вечната Христова светлина, во 304 година. Набрзо Елевсиј го постигна Божја казна. Кога пловеше по морето му се разби коработ, а тој падна во водата. Но не најде смрт во водата туку доплива до некој остров, каде што го растргнаа и го изедоа кучиња.
Тропар на Христова маченичка Јулијана и
630 маченици со неа
21 декември / 3 јануари
Умот подигнат кон Небесата,
со срце преполно Светлина,
пред смртта телесна, веќе за земното спокојна,
Јулијано света девственичке
посведочи дека непријателот до чистата не се допира,
а Спасителот по твоите молитви
приведе мноштво верници кои Бога Троичен
го слават во вечни векови.
Отецот се помоли за покој на душата на новопреминатите чеда Божји: поранешниот Митрополит Европски Горазд,Љупчо и Зоран.
На Литургијата верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Поука на денот - Преподобен Симеон, Нов Богослов
‘’Верата се состои од ова: да бидеме готови да умреме за Христа и за Неговите заповеди, со увереност - дека таквата смрт дава живот; сиромашијата да ја сметаме за богатство, а немоќта и немаштијата за вистинска слава и чест. И кога немаме ништо, да бидеме уверени дека имаме сѐ. Такво е неискажливото богатство од познавањето на Христа. Тоа ни помага на сѐ што е видливо - да гледаме како на прав и на дим.’’
За Преминпортал Симеон Стефковски
2021 лето Господово