Кога гревот ќе стане навика

Гревот не ја затемнува душата одеднаш. Тој започнува со мали отстапки, кои толку често се повторуваат, што со време ни изгледаат сосема природни. Најголемата опасност не е самиот пад, туку мигот кога гревот веќе не нè боли и совеста престанува да нè опоменува. Тогаш човекот повеќе не се бори против гревот, туку почнува да живее со него како да е нешто нормално. А тоа е една од најдлабоките духовни рани – да престанеме да чувствуваме дека ни е потребно исцелување.
Каењето, ако остане само во срцето, а не се принесе на Исповед, не носи мир. Напротив, ја притиска душата, ја заморува и полека ја затвора. Човекот се повлекува во себе, станува осамен, недоверлив и сè потешко ја прима љубовта на другите. Не затоа што Бог го напуштил, туку затоа што неисповеданиот грев издигнува ѕидови во срцето и го помрачува духовниот поглед.
Понекогаш се тешиме со помислата: „Сите грешат. Бог е милостив и ќе ми прости.“ Но Божјата милост не е оправдување за рамнодушноста кон гревот, туку повик да се вратиме кај Него. Благодатта не дејствува таму каде што човекот го оправдува својот пад, туку таму каде што смирено ја признава вистината за себе.
Светата Исповед не го понижува човекот, туку повторно му ја дарува слободата. Скриената рана не престанува да боли затоа што е сокриена. Напротив, таа станува сè подлабока и почнува да ги ранува и душата, и умот, и луѓето околу нас. Божјата светлина влегува само таму каде што човекот ќе ја отвори вратата на своето срце и ќе ја прифати вистината.
Бог останува бескрајно милостив, но и праведен Судија. Затоа секој нов ден што ни е даруван е можност за покајание, а не за ново одложување. Најголемата победа не е никогаш да не сме паднале, туку да не дозволиме гревот да стане природна состојба на нашето срце. Сè додека душата сè уште може да одговори на Божјиот повик, патот кон исцелувањето останува отворен.
Мајка Силуана Влад / Подготви С. Стефковски


























