логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

 

Предавање од Научната средба: Европа, секуларизмот и религиозното образование, манастир „Свети Наум“, Охрид, 02 јуни 2018 л. Г.

Почитуван отец Нектариј,

Почитувана сестра Ефимија,

Почитуван декан на Богословскиот факултет,

Почитувани претставници на државната и на општинската администрација,

Почитувани вероучители,

Почитувани гости кои се интересирате за оваа проблематика,

доц. д-р Александар Спасеновски Правен Факултет „Јустинијан Први“ Скопје

На самиот почеток, би сакал да го споделам моето задоволство од добиената покана да присуствувам на овој настан и да се обратам пред вас. Ова го велам заради две причини: прво, заради тоа што поканата дојде од, за мене, многу драги луѓе, односно од сестра Ефимија и од отец Бобан, и второ, заради фактот што како човек, професионално, веќе подолго време се занимавам со темата која се однесува на правните и на политичките аспекти на секуларизмот, односно со тоа како другите држави, но и Република Македонија го регулираат статусот на верските заедници и слободата на вероисповест. Инаку, се сеќавам, уште пред воопшто да дознаам дека се организира ваков настан, претпоставувам во светло на големиот илјадагодишен јубилеј на нашата црква, само што бевме завршени јас и мојата професорка со изработката на едно учебно помагало коешто се однесува на темата поврзана со правниот статус на религиите и со слободата на вероисповест во Република Македонија. Нашата цел преку овој труд беше да започнеме полека да го воведуваме овој предмет во научниот и во образовниот процес на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје заради фактот што иако религијата е многу присутна во нашите животи, заклучивме дека сепак во реалноста некако како да се обидуваме да ја затскриваме истата, па ја ставаме некаде во научните, во општествените и во образовните ќошеви. Сето тоа, пак, претпоставувам дека е резултат на една социјалистичка инерција којашто сѐ уште е присутна во Република Македонија. И во тоа светло, да продолжам… Имено, само што ја завршивме книгата, му ја испраќам насловната страна од истата на отец Доситеј од Бигорскиот манастир да ја види, што, претпоставувам, дека резултираше со добивањето на поканата од сестра Ефимија и од отец Бобан. И еве, денеска сум тука, меѓу вас, да споделам неколку мои искуства, неколку мои согледувања за тоа каде се границите на секуларизмот во Република Македонија и генерално во светот.

доц. д-р Александар Спасеновски

Драги пријатели,

Почетната позиција на ова мое излагање ќе биде дека сѐ уште во Република Македонија, како и во демократските држави во светот, не можеме точно да ги утврдиме стандардите кои се однесуваат на границите на секуларизмот, односно да утврдиме каде завршува правото на верските заедници во однос на општеството и државата, а каде завршува правото на државните институции во однос на активноста на верските заедници.

Темата која се однесува на правните, политичките, историските и социолошките аспекти на секуларизмот е исклучително значајна. Во Република Македонија веќе 28 години континуирано се одвива една жива дебата околу тоа колку е присутна, односно колкаво треба да биде присуството на религијата во јавниот живот. И во таа смисла, генерално можеме да зборуваме за три општествени групи: првите, кои се залагаат за поизразено присуство на верата во јавниот живот и за многу поактивен однос на политиката и на институциите кон религијата, особено кон Православната црква; втората група, пак, која се залага за еден стриктно сфатен облик на секуларизам во којшто постои ѕид на поделеност (како што тоа го имаат предвидено уставотворците во САД со првиот уставен амандман), каде што верските работи си се надлежност на верските заедници, а државните работи си се надлежност на институциите, при што било какво мешање се толкува како потенцијално опасно; Конечно, имаме и една трета група на личности, политички партии или невладини организации, кои го следат овој процес, настојувајќи во секој момент кога има определени државни тенденции за унапредување на статусот на Православната црква во Македонија, да издејствуваат ист таков статус и за другите уставно споменати верски заедници.

Таква е реалноста во Република Македонија и за тоа можам да сведочам од аспект на она што е моја професионална преокупација како професор на катедрата по уставно право и политички систем на Правниот факултет „Јустинијан Први“, каде што сум ангажиран веќе осумнаесет години, најпрво како демонстратор а сега и како доцент, меѓутоа, исто така, за тоа можам да сведочам и во рамките на едно лично скромно искуство коешто го имав како пратеник во Собранието на Република Македонија во три мандати, во периодот од 2006 до 2013 година.

Ниту едно унапредување на положбата на верските заедници во Република Македонија, не може да се оствари без поддршката од страна на политиката, односно институциите на државата. Оттаму, истовремено, јасно е дека и верските заедници (независно што велиме дека, нели, верата не е од овој свет) функционираат во еден реален контекст врз којшто се протега легална, државна власт, и во таа смисла, сметам дека и за нив е сосема јасно колку е важно да имаат коректни односи со државата.

Доколку се анализира најновата историја од 1990 година наваму на релациите помеѓу државната власт и Православната црква во Република Македонија, можеме да видиме дека карактерот на правните акти коишто беа донесувани (за време на дебатата при усвојувањето на Уставот во 1991 и амандманите од 2001, за време на носењето на првиот закон за верски заедници и религиозни групи во 1997 и вториот закон во 2008, за време на законот за високообразовните институции на верските заедници, за време на воведувањето на веронауката), во голема мера ги рефлектираат идеолошките позиционирање на тогаш владејачките партии со земјата. Во оваа смисла, можевме да констатираме дека партиите од десницата, се залагаа за помалку изразена форма на секуларизам, настојувајќи да му дадат едно човечко лице на односот со Православната црква. Во минатото, партиите на левицата, пак, се залагаа за поцврсти граници помеѓу Православната црква и државата. Конечно, наспроти претходните, тука беа партиите на немнозинските заедници коишто настојуваа да остварат некаква партикуларна корист, имајќи ги во предвид овие судири помеѓу двата големи идеолошки блока на левицата и на десницата. Сепак, врз основа на искуството коешто го имаме од оваа година (2018, н.з.), сметам дека таквата строга поделба на идеолошките блокови во Република Македонија, после политичките промени од 2016 година како да се релативизираше, заради тоа што, можеме да видиме дека тоа човечко лице во односот кон Православната црква е забележливо и кај политичката левица, што е секако, од наш аспект, како луѓе од Црквата, за поздравување. Ваквата реалност јас ја сфаќам единствено како плод на ангажманот на Црквата со луѓето коишто во одреден случај се професори, во друг се политичари од целиот политички спектар од лево кон десно, во трет случај се луѓе со други свои професии и така натака. И сметам дека оваа позитивна клима што се создава помеѓу Црквата и државните институции, а којашто ги надминува политичките и идеолошките граници е првенствено плод на залагањето, на ангажманот, на работата, на трудот првенствено на Православната црква во Македонија, а особено на, повеќе би рекол, монашките центри распрснати низ државата чие пулсирање им помага на сите, па и на политичарите. Ова го велам првенствено заради фактот што Република Македонија долго време страдаше од еден синдром дека секуларноста треба да биде анализирана во нејзиното најтесно значење, резултат на инерцијата од тој социјалистички систем. Доказ во таа насока се и дебатите за погоре споменатите акти, почнувајќи од дебатата за Уставот, кои се само уште една потврда дека до скоро не постоеше ниту основа за воспоставување на некаков консензус за границите на секуларноста во Македонија.

Почитувани присутни,

Во ова мое излагање, во триесетината минути простор, би сакал да се осврнам и на фактот дека, не само во Македонија, туку и во државите од европскиот континент не постои согласност околу тоа каде се границите на секуларноста. Во оваа смисла, како поткрепа на ова што го кажувам, би спомнал неколку компаративни покарактеристични примери. На пример, доколку го земеме случајот со Обединетото Кралство, ќе видиме дека, од аспект на секуларизмот, номинален шеф на официјалната државна вероисповед е монархот на Обединетото Кралство кој ја носи титулата „бранител на верата“ и кој, истовремено, е и номинален шеф на државата (Пресликано во Република Македонија, тоа би се случило доколку нашиот претседател на државата, истовремено е и поглавар на Православната црква во Република Македонија). Истовремено, во едниот од двата дома на британскиот парламент, како народни избраници седат и околу дваесетина членови на Синодот на Англиканската црква, а, исто така, и за сите закони кои се однесуваат на верските прашања, при нивното усвојување особено важна е позицијата на овие лица (духовни лордови) кои се членови на Домот на Лордовите. Врз основа на споменатото, можеме да заклучиме дека во Обединетото Кралство, Англиканската црква има статус на државна верска организација и дека институциите развиваат исклучително блиски, односно цврсти односи со неа. Исто така, од овој аспект, доколку го земеме како пример случајот со државата Андора, лоцирана како и Обединетото Кралство на европскиот континент, ќе видиме дека еден од двата уставни владетели, согласно членот 1 од Уставот е католичкиот бискуп на Ургел, додека другиот е претседателот на Франција. Во оваа смисла, доколку ги земеме случаите со неколку скандинавски држави, ќе видиме дека, на пример, во Данска, државна религија е евангелско-лутеранската и таа материјално е поддржана од државата (член 4 од Уставот); правните работи поврзани со нејзиното работење се водени од страна на владата односно од страна на министерот за верски прашања; монархот е поглавар на црквата (член 6 од Уставот), додека свештенството на оваа верска организација има обврска да се моли за кралското семејство и за владата на неделните богослужби. Исто така, на пример во Норвешка, монархот е поглавар на црквата и има должност да донесува правила за управувањето со црквата (член 4 од Уставот); монархот е должен да се грижи дали учењата на претставниците на црквата се во согласност со евангелско-лутеранската вероисповест и доктрина (член 16 од Уставот); членовите на владата имаат обврска да ја исповедуваат државната вероисповест (член 27 од Уставот), додека управител на црквата во Норвешка е монархот и пет министри од владата.

Намерно ги користам овие поекстремни примери, за да видиме дека секуларизмот, во својата изворна смисла, има карактер на каучук норма, односно дека истиот е прилично растеглива категорија. Имено, треба да сфатиме дека карактерот на ваквите уставни и законски норми во споменатите држави се резултат на одредени историски околности, кои ја определиле траекторијата на нивните уставно-правни системи во делот на односите помеѓу верските заедници и институциите и дека и тие го прават мозаикот на секуларизмот. Секако, во оваа смисла, наспроти споменатите примери, сведоци сме и на други, поинакви залагања кои поддржуваат една поагресивна форма на либерален атеизам којшто во еден момент може да го доведе во прашање правото на луѓето слободно да ја практикуваат сопствената верска слобода, како и правото на верските заедници, самостојно, во согласност со нивните интерни правила слободно да функционираат. Во оваа смисла, како пратеник за време на моите посети во Парламентарното собрание на Советот на Европа, како и на Европскиот парламент, бев сведок на повеќе дебати кои ги промовираа ваквите агресивни вредности, па, од аспект на нивните сфаќања за човековите права и слободи, промовираа теми кои се спротивни на доктрината на Црквата и нејзиното двомилениумско предание. И овие залагања, исто така, се дел од комплексниот свет на секуларноста денес.

Во оваа смисла, да се вратиме на Република Македонија. Имајќи ги во предвид погорните примери, и во нашиот случај можеме да заклучиме дека нашите правни прописи, како и за сѐ во животот, треба да почиваат на одредена, би рекле политичко/идеолошка вредносна матрица која наоѓа свој израз во нивната содржина. Меѓутоа, за разлика од другите споменати земји, во Македонија е многу мал демократскиот капацитет на партиите, односно не е доволно развиена културата на постигнување на компромиси. Сакам да кажам дека институциите, границите на секуларноста ги утврдуваат преку правните прописи. Па велиме – ќе се учи веронаука или нема да учи веронаука! Ќе го почитуваме правото на приговор на совеста во законот за одбрана или нема да го почитуваме правото на приговор на совеста! Државата ќе финансира или нема да финансира изградба на верски објекти!

Наспроти споменатите промени во оваа смисла од 2016 година навака, сепак не можеме да речеме дека консензусот помеѓу клучните политички и општествени фактори во однос на границите на секуларноста е целосно воспоставен. Но, она што можеме, сепак да го кажеме е дека е поставена основата за да може во иднина да се постигне тој консензус.

Почитувани,

Доколку вредносно го анализираме македонскиот модел на секуларизам, ќе може да видиме дека истиот се темели на три столбови, односно пилари кои, потоа наоѓаат свој израз во правните прописи на Република Македонија. Во оваа смисла, сосема легитимно е прашањето кои се тие идеолошко-политички столбови и со каков процент истите учествуваат во овој секуларистички „милк-шејк“.

Првиот столб на кој се темели македонскиот модел на секуларизам се меѓународните правни стандарди кои се прифатени од страна на нашата држава. Тоа се, главно стандардите поставени во документите на Обединетите нации, како и на Советот на Европа и истите својата основа ја имаат уште во периодот на протестантизмот и на реформацијата, од кои подоцна изникнува идејата за секуларизмот. Таквите вредности го разбираат односот на државата кон верските заедници низ призма на концептот на нивната одвоеност. Тие говорат за потребата од постоење на ѕид на одвоеност помеѓу религијата и државата. Таквите идеолошки вредности воспоставени уште во периодот на XVII и XVIII век, наоѓаат свој правен израз во Американската декларација за независноста, во Декларацијата за правата на човекот и граѓанинот на револуционерна Франција, па потоа со развојот на современата уставност во Уставот на САД од 1787 година, а од таму и врз уставот на Франција од 1791та, по што започнува ерата на современата уставност каде и други држави во светот ги интегрираат таквите норми на секуларноста во своите уставно-правни поредоци. Потоа, со формирањето на Обединетите нации во 1945 година по завршувањето на Втората светска војна и со основањето на Советот на Европа во 1949 година, овие вредности наоѓаат свој правен израз и во меѓународните конвенции што ги усвојуваат овие две организации.

Ако ги анализираме овие норми од аспект на интересите на верските заедници, можеме да заклучиме во одредена мера дека истите во малку поголема мера одговараат на перцепциите на католичко-христијанскиот и протестантско-христијанскиот свет, што секако не е ништо лошо, но не толку и на перцепциите на православниот христијански свет. Имено, во периодот кога во меѓународните организации што ги споменавме се усвојуваат овие клучни акти за секуларизмот и за слободата на вероисповед најголемиот дел од православните држави во светот се наоѓаат под комунистичката атеистичка власт. Во оваа смисла, знаејќи ги позициите на таа идеологија кон религијата, сосема разбирлива е незаинтересираноста на тие држави да ги антиципираат позициите на нивните доминантни вероисповести при изработката на овие важни меѓународни документи. Веројатно, отсуството на тие претстави за секуларноста на Православната црква во овие документи, денес раѓа некои интересни проблеми. Имено, можеме да забележиме како во некои меѓународни извештаи, анализирања или рангирања во однос на слободата на вероисповед, на нас во Република Македонија ни се забележува дека не се остварува во доволна мера слободата на вероисповест. Имено, една личност од Западна Европа, тешко може да сфати зошто во Република Македонија има само една Православна црква, односно зошто нема повеќе. Тоа е надвор од неговото поимање на овие нешта. Тоа не кореспондира со неговата внатрешна верска природа која е олицетворение на прописите коишто постојат во неговата земја. И тоа не е проблем само за Македонија, туку и за Грција или за Бугарија или за Србија и така натаму.

Наспроти меѓународните стандарди, вториот столб на кој почива македонскиот модел на секуларизам се традициите на мнозинското население кое припаѓа на православната верзија на христијанството, а кое, како свој пример за идеална држава во делот на односот помеѓу државата и религијата ја земаат Византиската империја. Така, сега, од една страна го имаме концептот на одвоеност на државата и религиите, којшто наоѓа свој израз во меѓународните документи, додека на другата страна ја имаме нашата внатрешна природа којашто го акцептира примерот со Византиската империја, односно концептот на симфонија помеѓу државата и црквата. Имено, според овој концепт, како што знаеме, црквата е живиот дел на државата и таа помага и суштествува во државата, како што и државата е живиот дел од Православната црква. Во идеална смисла, Византија ги претставувала сите луѓе на земјата кои биле членови на единствената вистинска Православна црква. Консеквентно на споменатото, според Византијците, како што човекот е направен според образот Божји, така царството на луѓето на земјата е направено согласно принципите на Царството Небесно. Со векови Византијците верувале дека Империјата ќе се одржи сé до второто Христово доаѓање.

Конечно, како трет пилар кој му дава смисла на македонскиот модел на секуларизам е хетерогениот верски пејзаж, каде покрај верниците на православната црква, дел од државата се и припадниците на исламската верска заедница.

Имајќи го во предвид истакнатото, можеме недвосмислено да заклучиме дека главниот предизвик на македонскиот модел на односи со верските организации, како и гаранциите на верските слободи и права се состои во умешноста од осигурување на баланс помеѓу трите споменати фактори, кои наоѓаат свој практичен израз во правните прописи на земјата.  Во врска со правните прописи, содржината на македонскиот модел на секуларизам се пополнува, прво со Уставот на Република Македонија, а потоа и со Законот за црква, верска заедница и религиозна заедница, како и со поголем број на други акти. Во оваа смисла, сите овие акти, можеме да ги поделиме во три групи. Во првата група е Уставот во кој се утврдува: еднаквоста и слободата; слободата на вероисповест; малцинските слободи и права; гаранциите на основните слободи и права, како и ограничувањата на слободите и правата. Во втората група, пак, го сместуваме Законот за црква, верска заедница и религиозна група од 2008 година, со кој се операционализираат овие уставни одредби. Конечно, во третата група, се останатите акти, со кои се регулираат разни споредни теми, како што се актите кои се однесуваат на правното докажување на верска припадност; враќањето на сопственоста – денационализација; заштитата од дискриминација по верска основа; приговорот на совеста; изучувањето на веронауката во основното образование; верскиот благослов во државните училишта; статусот на високообразовните институции на верските организации; државното обележување на верски празници; статусот на актите на верските организации во правниот систем на РМ, како и актите кои се однесуваат на прашањето на државната поддршка на борбата за автокефалност на МПЦ.

           

Почитувани пријатели,

На правниот факултет, каде што предавам, на катедрата за уставно право и политички систем, би сакале да воведеме предмети кои ќе ја проучуваат оваа исклучително важна проблематика. Се надевам дека ќе успееме во тоа. Во оваа смисла, во ноември 2018 година, организираме конференција на која, меѓу другото ќе биде организирана и промоција на учебното помагало (што го споменав на почетокот од ова обраќање) со наслов „Прирачник за правото на верските заедници и за слободата на вероисповед“. Во оваа смисла, поздравувајќи ја активноста на ова здружение, со задоволство би сакал да ве поканам да присуствувате на тој настан со кој ќе биде означен почетокот на едно зголемено присуство на религијата во секуларната држава. Во однос на ова, исто така, сметам дека е полезно и Православната црква во средното богословско училиште или во Православниот богословски факултет да воведе предмет со кој учениците, односно студентите уште повеќе би се запознале со нивните права и обврски во секуларната држава при извршувањето на нивниот свештенички позив, односно професија. Во секој случај, секој од нас, нели, ја ора својата нива односно работи таму каде што припаѓа. Верувам дека крајната цел, слава Му на Бога, секаде е иста, односно дека сите ние, можеби скромно, но сепак даваме свој позитивен придонес.

Се надевам дека не говорев предолго.

Планот ми беше да говорам триесетина минути. Сепак, знам и дека студентите ми велат честопати – професоре, пауза кога ќе ни дадете?

Ви благодарам.

 

Извор: Бигорски манастир

 



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

Видео содржини

dobrotoljubie

Наука и Култура

Септември 25, 2024
Zivko.Grozdanoski3

Интервју со Живко Грозданоски: ДПМ може да дејствува гласно, сложно и независно

Ми се чини дека надворешните предизвици, како на пример отсуството на соработка со некои членови (на Управниот одбор) на ДПМ, некои обиди за саботажа итн. (сè се тоа нешта што веројатно секогаш ќе ги има); па сега слабиот рејтинг на ДПМ меѓу членството и во…
Август 29, 2024
TviTER231

„РАДОСТА НЕ ДОАЃА САМА, ТАА МОЖЕ ДА ЈА ЗАСЕНИ ТАГАТА“ Академик Ќулавкова добитничка на наградата „Браќа Миладиновци“ на СВП

Пред 35 години, август 1989-та, ми беше доделена првата награда за најдобра поетска книга на годината, напишана на македонски јазик, ‘Браќа Миладиновци’. Тоа беше мојата книга ‘Жедби’, со поднаслов ‘Престапни песни’. Во неа, во шест циклуси, опеав неколку…

По премиерата на новиот филм „The Walk“ во Њујорк на двојната кандидатка за Оскар - Тамара Котевска

Ное 14, 2023 Филм, Театар 1911
Tamara.Kotevska
Работејќи од нејзините разговори со Асил и другите деца бегалци, режисерката направи…

„ПОЕЗИЈА ОД МАКЕДОНИЈА“ и „Версвил“

Авг 19, 2023 Литература 2424
TVIT762
Реномираното меѓународно списание за поезија „Версвил“, својот најнов број во целост го…

Беседи

Жарко Ѓорѓиевски: Беседа,13. октомври 2024 година

Жарко Ѓорѓиевски: Беседа,13. октомври 2024 година

Како што постојат места на земјата на кои успева само еден вид растение и нема такви други места на кои истото растение би растело, така и во Црквата Христова постои...

 Aрхим. Георги Капсанис: ВО ЗНАК НА НАШАТА ЉУБОВ

Aрхим. Георги Капсанис: ВО ЗНАК НА НАШАТА ЉУБОВ

Незамисливо е да се биде христијанин без подвиг и крст. Оној што води лесен живот не може да се нарече христијанин. Некои луѓе отсекогаш верувале дека христијанин е оној кој...

Отец Александар Шмеман: Воздвижение на Чесниот Крст

Отец Александар Шмеман: Воздвижение на Чесниот Крст

Тоа бил празникот на христијанското царство, кое се родило под закрилата на Крстот, во денот кога царот Константин го видел Крстот над кој пишувало:: „Со ова ќе победиш…” Тоа е...

Митрополит Софрониј - ПРОПОВЕД ЗА РОЖДЕСТВО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Митрополит Софрониј - ПРОПОВЕД ЗА РОЖДЕСТВО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Во Ветената земја - Палестина, дадена на израилскиот народ од Бога, во планините на Галилеја се наоѓа градот Назарет. Во тоа време тој бил толку непознат и малку важен, што...

Свети Јован Крстител беше испратен од Бог да ги повика луѓето на покајание

Свети Јован Крстител беше испратен од Бог да ги повика луѓето на покајание

Самиот тој, со својот начин на живот, е олицетворение на покајанието. И нормално, не би ни можел да биде повикан од Бог да проповеда покајание ако целата негова сила не...

БОГОРОДИЦА

БОГОРОДИЦА

„Испитувајќи што му е најпотребно на молитвеникот за да беседи со Бог, по кој пат доаѓа молитвата, Богородица го пронаоѓа свештеното тихување..., оддалеченост од светот, заборав на сè земно и...

Св. Јован Кронштатски - Слово на денот на Успение на Пресвета Богородица

Св. Јован Кронштатски - Слово на денот на Успение на Пресвета Богородица

И колку славно било Нејзиното успение! Со каква светлина сјаело Нејзиното пречисто лице. Колку прекрасно, неописливо, неспоресливо благоухание извирало од нејзиното пречисто, приснодевствено тело, како што пишува св. Дионисиј Ареопагит,...

Свети Лука (Војно - Јасеницки): СЛОВО ЗА УСПЕНИЕТО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Свети Лука (Војно - Јасеницки): СЛОВО ЗА УСПЕНИЕТО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Многу е важно правилно да разбереме и да ги запомниме зборовите на тропарот на великиот празник на Успението на Пресвета Богородица: „... По Успението не си го оставила светот, Богородице...’’.Нејзината...

Архива: Беседа на Преображението на Господ и Бог и Спасителот наш, Исус Христос – Свети Григориј Палама

Архива: Беседа на Преображението на Господ и Бог и Спасителот наш, Исус Христос – Свети Григориј Палама

А и зошто Господ, пред почетокот на Преображението ги избира најглавните од апостолскиот лик и ги возведува со Себе на гората? Секако, за да им покаже нешто големо и таинствено....

« »

Најново од култура

Православен календар

 

24/11/2024 - недела

Св. великомаченик Мина; Св. маченик Стефан Дечански, крал српски; Св. маченици Виктор и Стефанида; Св. маченик Викентиј ѓакон; Преп. Теодор Студит;

Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на светите Кварт, Родион, Сосипатар и Терциј 10 ноември / 23 ноември 2024

Тропар на светите Кварт, Родион, Сосипатар и Терциј 10 ноември / 23 ноември 2024

О, свети апостоли Христос Спасителотво вас се зацари, душата во убавина се облече и венци за вас Животот исплете.За Олимпа...

Тропар на  свети Нектариј Егински 9 ноември / 22 ноември 2024

Тропар на свети Нектариј Егински 9 ноември / 22 ноември 2024

Изданок од Визант и Егина,заштитниче кој си јавен во последните времиња,миленик на вистинската врлина.Нектарие, те почитуваме,ние верните како богоугоден исцелител...

Тропар на соборот на светиот Архангел Михаил 8 ноември / 21 ноември 2024

Тропар на соборот на светиот Архангел Михаил 8 ноември / 21 ноември 2024

Архистратизи на небесните воинства,ние недостојните постојано ве молиме:со вашите молитви заштитете нѐ,под покровот на крилјата на вашата славаневешествена, пазејќи нѐ...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная