Македонски режисер Слободан Унковски ја подготвува операта „Мандрагора“, што ќе биде поставена на големата сцена на српската оперската куќа „Мадленианум“. Операта е работена според комедијата во пет чина на италијанскиот филозоф Николо Макијавели, која на 16 декември ќе биде премиерно изведена.
- Операта ме интересира одамна, а во овој случај сум особено возбуден што се работи за праизведба. Музиката на Иван Јефтиќ е мошне весела и на интересен начин ги следи вечните теми за младоста, староста, љубовта и парите, кои се основа на „Мандрагора“. Тоа се нешта што отсекогаш ги забавувале луѓето, но се надевам дека во музичка форма ќе биде посебно интересно - изјави Унковски за „Блиц“.
Композиторот Јевтиќ ја направи музиката за операта. Тој вели „дека е среќен што бил ангажиран да работи на оваа комична опера, зашто сакал да креира музика што ќе пренесе позитивна атмосфера во публиката“.
Делото на Макијавели е наречено според чудотворната билка, која има магични дејства, а Јефтиќ изјави дека бил маѓепсан од урнебесните ситуации, перипетии и љубовни заговори, кои на крајот завршуваат со раѓањето на детето, што одбележано со музички дел кој е ода за наталитетот.