Новата претстава на македонскиот режисер Слободан Унковски, „Како што милувате“ од Вилијам Шекспир, што во петокот премиерно беше изведена во Југословенското драмско позориште во Белград, доби позитивни оценки од критичарите. Интернет-порталот „Е-новости“ вели дека Унковски успеал да го долови стилот на Шекспир и изворната игра на неговите дела што богато ја исполнуваат сцената.
По изведбата, медиумите го поставија прашањето за тоа дали оваа претстава е критика на општеството, исмејување на спектаклите и потврда на привидот што не може да се прикрие среде забрзувањето на потрошувачко-консумеристичкиот механизам.
- Уште пред почетокот таа ја акцентира добро познатата современост на авторот, но и позиционирањето на уметноста и субјектите во светот и уметноста. На огромната завеса, пред почетокот на претставата може да се види името на делото, логото на театарот и бар-код, како симбол на тоа дека претставата е пазарен производ - се вели во рецензијата на „Е-новости“.
„Вечерње новости“ објавува дека македонски режисер, за кого ова е седма по ред претстава реализирана во соработка со српскиот национален театар, направил комична претстава што допира до публиката. Се обидел да создаде верзија на популарната пасторална комедија што во исто време ќе биде смешна и тажна, а притоа да го поврзе неговото ново читање на Шекспир со првата деценија на 21 век.
Оваа драматизација се изведува првпат во Југословенско драмско позориште. Токму затоа за членовите на авторската и на актерската екипа било важно поставувањето на оваа наизглед весела и оптимистичка приказна за љубовта, борбата меѓу доброто и злото, маскирањето (во духовна и во физичка смисла).
Во претставата играат Воислав Брајовиќ (војводата и Фредерик), Жак е Небојша Глоговац, Оливер е Никола Ѓуричко, Розалинда е Нада Шаргин, Кремена е Борис Исаковиќ, а дел од екипата се и Маринко Маџгаљ, Никола Вујовиќ и други. Сценографијата ја потпишува Миодраг Табачки, костимите се на Маја Мирковиќ, а музиката ја компонира Ирена Поповиќ.
Извор: Дневник