Извесно е дека веронауката наесен ќе влезе во државниот образовен систем
Билјана Јовановска - Утрински весник
Уставниот суд го одложи минатата среда одлучувањето за воведување или укинување на веронауката во основното образование. Навидум, причината е многу банална - од вкупно шест судии, петмина морале позитивно или негативно да се изјаснат, а соодносот на ’силите’ не бил таков. Колку на сето ова директно влијание имале оние кои и го донесоа Законот за основно образование и кои се заинтересирани тој да се истурка докрај, останува во сферата на претпоставките. Официјално, судот одбива дека разногласието меѓу судиите се должи на притисоците од власта веронауката, сепак, да стартува наесен, но не негира дека ваквата состојба, кога одлучува недоекипиран судиски состав им оди во полза на предлагачите на ова законско решение. Како и да се сврти работата, малку е чудно што истите судии дента ја поништија одлуката за поделба на Универзитетскиот клинички центар на 32 нови субјекти, а немаа единствен став за веронауката! Иако, токму за веронауката одржаа и подготвителна седница на која беа поканети повеќемина експерти.
Во секој случај, одлагањето на одлуката е многу индикативно. Верските заедници силно притискаат таа да влезе во државниот образовен систем, зашто со тоа остваруваат две цели - ова е најмасовна можност за регрутирање потенцијални верници, а наедно им наоѓаат работа на дипломираните теолози, особено на припадничките на понежниот пол, на кој училиштата им се единствено место за вработување во струката. И згора на се', трошокот на оваа новина ќе оди на товар на буџетот.
Од друга страна, и власта е многу заинтересирана за влез на веронауката во училиштата, бидејќи така им се оддолжува, пред се' на великодостоинствениците на Македонската православна црква за „работата на терен“ на минатите и на овие избори. Духовниците на МПЦ сега веќе и не ја кријат блискоста со власта, небаре станува збор за нешто што претставува престиж.
Без оглед на се', како што стојат работите сега, поизвесно е дека основците од септември ќе си добијат нов предмет. Поточно, задолжително ќе мора да се определат меѓу веронауката и запознавањето на религиите. Првиот ќе го предаваат теолози во „цивилка“, значи низ училиштата нема да се шетаат попови и оџи во мантии, а за вториот, најверојатно, ќе бидат задолжени некои од постојните наставнички кадри.
Извесно е дека судот нема скоро да ја стави веронауката на дневен ред. Со намален судиски состав оваа институција практично е блокирана за нормално функционирање. За почеток, два члена ќе треба да предложи претседателот Бранко Црвенковски, а еден собраниската Комисија за избор и именувања. Дотогаш, ЛДП како предлагач веронауката да не биде дел од државниот образовен систем ќе чека поиздржан одговор на прашањето дали нејзиното воведување претставува поврзување на Црквата и државата, кои во Уставот се одвоени и дали вака се влијае на слободата на избор на вероисповедта, односно државата си зема за право на основците да им наметнува обврска да одат на веронаука или поблиску да се запознаат со нејзината историја.