Научници открија дека лицата кои страдаат од овој синдром имаат зголемен број на седум одредени видови бактерии во цревата. Откритието може да води кон насочена дијагностика на заболувањето и одредување на соодветна терапија за него. Со ова, синдромот на хроничен замор веќе доби третман за заболување кое треба да се лекува, затоа што заморот и другите симптоми кои се јавуваат резултираат со намалена способност на заболените нормално да ги извршуваат секојдневните обврски и активности.
Иако болеста е почеста од лупусот, мултиплекс склерозата и некои видови карциноми, досега не постоеше третман или сигурен начин за дијагностицирање на состојбата. Кај некои пациенти, најчесто жени, заболувањето траеше со години. На почетокот се сметаше дека болеста е имагинарна, но конечно сега научниците почнуваат да ја сфаќаат сериозно.
Новото истражување, објавено во списанието Microbiome минатата недела, открива дека лицата кои имаат синдром на хроничен замор имаат абнормални количини на одредени цревни бактерии чие ниво варира во зависност од степенот на заболувањето. „Со идентификување на овие специфични бактерии дека учествуваат во појавата и симптоматиката на заболувањето, сега сме на чекор поблиску до сигурна дијагноза и содветна терапија“, истакна водачот на студијата Иан Липкон од универзитетот Колумбија.
Примероци од крвта и изметот од 50 заболени лица беа споредувани со контролни примероци од 50 здрави луѓе. Кај заболените, седум различни цревни бактерии се покажаа како тесно поврзани со синдромот на хроничен замор, па затоа сега е можно да се постави прецизна дијагноза во зависност од нивото на присутност на истите во цревата на заболените.