ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ
Тропар на
Успение на Пресвета Богородица
(Голема Богородица)
15 август/28 август
Богородице, и во раѓањето си го сочувала девството,
а по своето успение не си го оставила светот,
туку си се преселила во животот,
Мајко на Животот,
и со твоите молитви ги избавуваш од смртта нашите души.
Извор МПЦ – ОА
Тропар на чудотворната мироточива
Икона на Мајката Божја
Успение на Пресвета Богородица
во Малеви Пелопонез
15 август / 28 август
О љубов пресветла кон родот свој,
о чудо достојнославно за величието Твое,
Богомајко наша, која радост носиш
до сечие срце човеково кое Тебе Те повикува,
и миро видливо источуваш од Иконата на успението Твое.
Радувај се Пречиста, радувај се Преблагословена
и моли Го Синот Твој за спасение на нашите души.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Од Верскиот календар на МПЦ (28.08.2024)
ТРОПАР
Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на апокалиптик (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.
Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.
Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.
Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.
ПреминПортал
2024 лето Господово
Од Верскиот календар:
Успение на Пресвета Богородица
Господ, Којшто на Синај заповеда со петтата заповед: „Почитувај го таткото свој и мајката своја“, со Својот пример покажа како треба да се почитува својата родителка. Кога висеше на крстот во маки, се сети на Неговата мајка и покажувајќи на апостолот Јован, рече: „Жено, ете ти син!“ Потоа му рече на Јован: „Ете ти мајка!“ И така ја згрижи Својата Мајка и издивна. Јован имаше дом на Сион во Ерусалим, во којшто се насели и Богородица и остана да живее во него до крајот на Нејзините денови на земјата. Со своите молитви, со благите совети, кротоста и трпеливоста, Таа многу им помагаше на апостолите на Нејзиниот Син. Целото време до смртта главно го помина во Ерусалим, обиколувајќи ги често оние места што ја потсетуваа на големите настани и големите дела на Нејзиниот Син. Особено често одеше на Голгота, во Витлеем и на Елеонската Гора. Од Нејзините подолги патувања се спомнува Нејзината посета на Св. Игнатиј Богоносец во Антиохија, посетата на Светиот четиридневен Лазар, епископ Кипарски, посетата на Света Гора, којашто самата ја благослови, и бавењето во Ефес со Свети Јован, за време на големото гонење на христијаните во Ерусалим. На старост Таа често Му се молеше на Бога на Елеонската Гора, на местото на Неговото Вознесение, што порано да Ја земе од овој свет. Еднаш Ѝ се јави архангелот Гавриил и Ѝ објави дека по три дена ќе биде упокоена. Тогаш Ѝ даде една палмова гранка за да ја носат при Нејзиниот погреб. Таа се врати дома со голема радост и посака во срцето уште еднаш да ги види сите Христови апостоли. Господ Ѝ ја исполни оваа желба и сите апостоли, носени на облаци од ангелите, одеднаш се собраа во домот на Јован на Сион. Со голема радост Таа ги виде Светите апостоли, ги охрабри, ги посоветува и ги утеши, и по ова мирно го предаде Својот дух на Бога, без никаква мака и телесна болест. Апостолите го зедоа одарот со Нејзиното тело, од коешто излегуваше благоухание и во придружба на мноштво христијани го пренесоа во Гетсиманската градина, во гробницата на Светите Јоаким и Ана. По Божја Промисла поворката од злобните Евреи ја засолнуваше облак. Некој еврејски свештеник Атониј, го дофати со рацете одарот со намера да го преврти, но во тој миг ангел Божји му ги отсече обете раце. Тогаш тој повика кон апостолите за помош, а откако објави дека поверува во Господ Исус Христос, беше исцелен. Апостолот Тома повторно по Божја Промисла изостана, за така да се открие една нова и преславна тајна за Пресвета Богородица. Третиот ден пристигна и тој, и посака да го целива телото на Пречистата Владичица. Но кога апостолите го отворија гробот, ја најдоа само плаштаницата, а телото не беше внатре. Таа вечер им се јави на апостолите самата Пресвета Богородица опкружена со мноштво ангели и им рече: „Радувајте се, ќе бидам со вас вавек“. На која возраст се упокои Богородица не се знае точно, но преовладува мислењето дека на крајот од овоземниот живот имала повеќе од шеесет години.