Промоција на Македонија преку повеќе книги и автори
Клубот Матица, во рамките на своите промотивни активности, предвидени на Саемот на книгата, планира едиција од три книги во која се промовира Македонија и нејзината историја и идентитет
Клубот Матица, во рамките на своите промотивни активности, предвидени на Саемот на книгата, планира едиција од три книги во која се промовира Македонија и нејзината историја и идентитет, анализирани од повеќе автори, претежно од странство. Во дел од воведниот текст на книгата "Александар Македонски во науката и свеста на потомците" од група автори, Петре М. Андреевски ќе запише: "Зошто, на пример, се дистанцираме од Античките Македонци. Ова прашање ни го постави и еден кардинал на заедничкиот ручек во Ватикан во 1973 година. Прашањето беше и еден вид одговор. Вие сте единствен народ (парафразирам) кој го носи македонското име, се гордеете со него, го опевате во народните песни, а во историските читанки се почнува од Словените. Македонците никаде ги нема, кај исчезнале тие, ако не во вас? Бевме засрамени..."
Промоција со потпишување од авторот ќе има и на "Скриена Македонија" од Американецот Кристофер Делисо, автор кој преку патеписна репортажа ги открива убавините на преспанскиот дел на Македонија. "Зборував за Македонците кои биле протерани од Грција и за тоа дека речиси секое село и град во Егејска Македонија има едно заборавено име и по една тајна, неизговорена историја или можеби две или три...", ќе рече за своето македонско патешествие, Делисо.
...
"Македонското прашање е стара тема за која многу и се пишувало и се говорело не само на Балканот, туку и низ Европа и светот. Тргнувам од принципот дека во политиката има многу малку идеализам. Во основата на политиката се материјалните интереси или на одделна нација организирана во држава, или посебните материјални интереси на некоја државна институција на апсолутниот монархизам или други погодни за монархизмот. Доследен на тој принцип, ќе се обидам да фрлам макар бледа светлина, посебно на македонското прашање и на материјалните потреби кои налагаат неопходен сојуз на балканските државички", ќе експлицира во воведот на својата книга "Македонското прашање и балканскиот сојуз", бугарскиот публицист и академик, Александар Цанов.
(Б.Г.)Вечер