Македонските културни работници ќе може да користат дел од 400-те милиони "културни" евра, од европската Програма "Култура 2007-2013". Се работи за Програма која поддржува проекти од областа на сценската уметност, музиката, културното наследство, ликовната уметност, книжевноста, преводите... Исклучок е аудиовизуелниот сектор, за кој постои посебна програма од ЕУ.
На вчерашната средба со новинарите, заменик-министерот за култура, Слободан Деспотовски, појасни дека со Меморандумот за разбирање со Европската унија, потпишан на 29 јануари годинава, Македонија стана рамноправна членка за пристап кон овие пари.
Меѓународниот карактер на проектите го објасни Биљана Прентоска, раководител на проектот.
- Се работи за Програма која поддржува културни интернационални проекти, што подразбира дека треба да има учесници од повеќе земји, рече Прентоска.
Цели на проектот се промовирање на транснационална мобилност на културните оператори, охрабрување на транснационалната распространетост на уметничките дела и културните производи; поддршка на интеркултурниот дијалог.... Исто, ќе се пооддржуваат иницијативи од полето на културна соработка, културно наследство, синергија помеѓу образованието и културата, стручни доусовршувања на уметниците...
Учесници во Програмата се: дваесет и седум земји-членки на ЕУ, Норвешка, Лихтенштајн, Исланд, Турција, Хрватска, Македонија, и земјите од Западен Балкан под услов да имаат потпишано Меморандум за разбирање (Србија).
Во Министерството за култура е формирано посебно одделение - Културно контактна точка, кое е одговорно за спроведување на културната програма на национално ниво. Седиштето е сместено во Феудалната кула, во центарот на Скопје.
Кој има приоритет?
Приоритет имаат проекти од областа на сценско уметничката дејност, изложби кои ја поддржуваат и промовираат европската соработка меѓу културните оператори, активности кои ја поддржуваат, поттикнуваат и унапредуваат мобилноста на уметниците, дизајнерите, операторите и другите културни творци, промовирање на интеркултурниот дијалог меѓи земјите учеснички во Програмата, активности иницирани од културните индустрии кои ќе прикажат дека работат на непрофитни активности, користење на нови технологии во процесот на уметничката креативност...
(Де.Т.)-Вечер