Авантурите на Дино - за забава и учење
Новото време бара нови начини на учење. Како најмладите да го поминат квалитетно времето со своите родители, да научат да користат компјутер и интернет, а притоа и да научат нешто што ќе им помогне во првите години на школување? Отсега е многу лесно - преку авантурите на Дино, вие и вашите деца влегувате во еден сосема нов свет
"Авантурите на Дино" е првото интернет базирано софтверско решение на македонски јазик замислено и дизајнирано како помошно наставно средство за најмладата популација од предучилишна и раната училишна возраст.
Преку сјатот на симпатичниот лик Дино, анимиран карактер кој што се фокусира на образовните потреби на најмладите, детето ќе биде вовлечено во светот на учењето преку игра. Диносаурусот Дино му се обраќа на секое дете на индивидуална основа. Така, детето и Дино стануваат партнери во патувањето и авантурите во свет, богат со визуелни креации, дијалози, графички анимации и аудио стимуланси со што се создава основата за заемно разбирање и комуникација меѓу нив.
Наставно помагало
Ова софтверско решение е изработено според актуелната наставна програма за предучилишната и раната училишна возраст и според тоа ги обработува темите со кои најмладите се среќаваат во градинките и првите години на училиште, како: мајчин јазик и литература, математика, креативен развој (музичко и ликовно воспитување), запознавање на светот околу нас, физичко воспитување и социјален развој.
Инаку, во изработката на апликацијата "Авантурите на Дино" учествуваа софтверскиот тим на ЗОНА, како и надворешни стручни соработници од областа на педагогијата: проф. д-р Лена Дамовска, Родна Кондевска - директор на детската градинка Орце Николов", Весна Пецова - воспитувачка, Трајче Георгиев - актер кој ја направи звучната надсинхронизација. Авторските права на софтверската апликација се комплетно регулирани.
Како Дино помага?
Како што велат авторите на овој веб сајт од ЗОНА, целта на изработката на апликацијата од една страна е да им овозможи на децата учење преку забава и игра, развој на компјутерски вештини и ситна моторика, а од друга страна преку мотото: "Вашето дете учи заедно со Вас" овозможува подобрување на врските меѓу родителите и детето преку зголемена комуникација и квалитет на времето поминато заедно.
Авантурите на Дино се современ начин за дружење и комуникација, а притоа овозможуваат квалитетно искористување на времето поминато со новите, модерни технологии. Апликацијата може да се види на www.dino.com.mk
„Вечер“