Сакате ли да помогнеме на луѓето кои не се во можност да си обезбедат ниту еден оброк во денот?
На 21.11.2013 (четврток) од 11:30 плоштадот Македонија ќе биде местото кадешто треба да бидете доколку сакате да се забавувате и истовремено да разубавите нечиј ден.
„Солидарен оброк“ успешно се реализира во Македонија веќе половина година. Хуманите луѓе донираат оброци, а најгладните благодарно ги земаат. Она што и' е потребно на акцијата е уште поголема поддршка од граѓаните и промоција. Токму затоа, Црвениот крст на Р.М. со помош на „Факултети“ и „Лице в лице“ организира настан за собирање оброци за најсиромашните.
Местата кон кои ќе бидат упатени сите погледи на овој настан ќе бидат штандовите на локалите кои се вклучени во акцијата „Солидарен оброк“. Тука ќе добиете шанса да купите оброк за некој гладен и да помогнете во остварување на целта на акцијата. На настанот ќе не' забавуваат најталентираните улични бендови. Свое обраќање ќе има Генералниот секретар на Црвен крст на Македонија и писателот Иван Шопов, а програмата ќе ја води единствената Ана Јовковска.
Тоа не е се'!
Црвениот крст Ви подготвува и изненадувања кои ќе ги откриете дури кога ќе пристигнете таму.