Францускиот културен центар се подготвува за Месецот на франкофонијата, а Бугарскиот центар и Американското и Грчкото катче помагаат во наобразбата
Во Скопје постои можност за наобразба и информирање во многубројните културни центри кои функционираат самостојно или во рамките на некоја од институциите.
Почетокот на следниов месец во Францускиот културен центар ќе се реализираат активностите за месецот на франкофонија. За ова, како што не информираа во центарот, се подготвува богата програма и значајни содржини. Инаку, на културен план, изминатиот месец заинтересираните можеа да проследат вечер на електронска музика со Лоран Гарние, чија книга „Електрошок“ беше преведена на македонски јазик и промовирана. Исто така беше реализирана и заедничка активност на Францускиот културен центар и градоначалникот на општината Аеродром, каде беше реализирана изложба и програма од учениците на училиште кое е донација на Франција за Скопје по катастрофалниот земјотрес. Потоа следуваа предавања на факултетот за новинарство на тема: „Балканот пред нови разединувања“, а следнава недела ќе може да се проследи предавањето „Сигналитиката во Скопје“. Веќе од идниот месец ќе започнат предавања посветени на франкофонска вечер и месецот на Франкофонијата.
Бугарскиот културен центар овој месец реализираше бројни културни настани. Од оние кои преостанаа за реализација би ги споменале, промоцијата на списанието за античка тракиска култура, насловено како „Клуб Орфеј“. Претставувањето ќе се случи идната недела, поточно во вторник со почеток во 18 часот и на истото ќе присуствува главниот уредник, Петар Граматиков. Интересно е да се спомене и податокот дека прв пат манифестацијата на Бугарскиот културен центар во Македонија ќе биде он-лајн пренесувана преку FINTV. Следниот ден ќе се одржи проекција на филмот „Топло“ од режисерот и сценарист Владимир Јанчев, снимен во 1978 година, а од реализираните активности во текот на овој месец треба да се издвои приклучувањето на Бугарскиот културен центар на одбележувањето на 136 годишнината од раѓањето на македонскиот идеолог Гоце Делчев.
Во рамките на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ веќе три години функционира Американското катче во Скопје, кое располага со голем број на книги и списанија, а овозможува и интернет пристап за истражувачки цели. Исто така организира разновидни програми: предавања, филмски и ДВД проекции, работилници, дискусии, англиски разговорни часови. Во рамките на образованието овозможува советување на ученици и студенти за студии во САД, а истовремено е и центар за ученици и студенти каде граѓаните од Македонија кои биле во САД преку програмите за размена на студенти можат да се состанат и да бидат во постојан контакт со нивните американски и македонски контакти.
Грчкото катче исто така функционира во рамките на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“. Програмата на невладината организација „Јасон” овозможува и бесплатно изучување на Грчкиот јазик. Предавањата по Грчки јазик се изведуваат исто така во 2 групи, секоја група ја следат по 25 учесници, секојдневно, но интересот за изучување на Грчкиот јазик е се поголем.- велат оттаму. Одговорни за наставата се професорите Горан Кимовски, во утринскиот термин и Димитрис Јоану, во попладневниот термин, кои се истакнуваат со голема стручност и професионалност.
Програмата покрива напреден степен на изучување на Грчкиот јазик. По завршувањето на предавањата секој учесник добива сертификат за познавање на Грчкиот јазик. Исто така се одржува и настава по компјутери, која се изведува во 2 групи: секоја група се состои од 25 слушатели и ја водат ментори од оваа област. За предавањата во утринскиот термин е одговорен менторот Владимир Петков, а во попладневниот термин настапува менторот Снежана Давчевска. По завршувањето на предавањата секој учесник добива сертификат за програмата што ја посетувал.
Невена Поповска- Утрински весник