На 20.06.2013 година, во Бугарската академија на науките се одржа средба помеѓу претседателот на БАН акад Стефан Воденичаров и претседателот на Македонската академија на науките и уметностите академик Владо Камбовски.
Шефовите на двете научни институции се договорија за соработка во шест научни насоки. До септември 2013 г. ќе бидат определени бугарските научници што ќе се вклучат во идните заеднички проекти, а на крајот на септември Бугарската академија на науките ќе биде домаќин на заедничка средба на раководителите на сите овие проекти. Претседателите на двете академии ќе преземат конкретни ангажмани и план – програми, со очекуваните резултати од заедничката научна работа.
На средбата акад Стефан Воденичаров и акад Владо Камбовски се договорија архивите на двете академии да бидат отворени за бугарските и за македонските истражувачи.
По идеја на претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, академик Владо Камбовски, во Скопје ќе биде организирана средба на претседателите на академиите на науките од сите Балкански земји. Идејата е да се зајакне соработката меѓу нив и да се предложат механизми за заедничка активност, во сите можни проекти. Во разговорите ќе биде вклучена и темата за толеранцијата, но не само меѓу луѓето, туку и меѓу институциите. Одлуката да се обрне внимание и на темата за толеранцијата дојде откако претседателот на БАН го претстави пред македонскиот колега штотуку излезениот зборник од тркалезната маса „Бугарија - центар на толеранцијата“, која се одржа во Бугарската академија на науките во март, оваа година, и во која учество зедоа познати бугарски научници, истражувачи и поглавари на различни религиозни групи во Бугарија. Претседателот на Македонската академија на науките беше запознат и со Декларацијата за толеранција усвоена во БАН, која беше потпишана од страна на раководителите на сите религиозни групи, во февруари.
Средбата меѓу акад Стефан Воденичаров и акад Владо Камбовски заврши со договор за активно заедничко учество на научниците од двете академии во европските проекти на следниот 7-годишен период 2014 - 2020 год.