Работа од соништата - плата за гледање филмови
„Мојата работа се состои од откривање и промовирање добри видеа на нашите страници, како и одржување врска меѓу луѓето кои ги направиле видеата и страниците“, вели Сем Морли
Американците месечно гледаат 38 милијарди видеа, а во повеќето случаи станува збор за Харлем шејк или за мачки.
Но Вимео тврди дека нивната содржина, сепак, е малку поинаква и покреативна. Оваа страница во 2004 година ја основале филмски режисери, кои сакале едноставна платформа за изработка на видеа. Набргу се собрале и другите филмаџии и Вимео по кратко време стекнал репутација на канал со квалитетна содржина. Иако можеби не е голем и популарен како Јутјуб, корисниците на Вимео (120 милиони) се повеќе поврзани. Заедно гледаат долгометражни филмови, ги коментираат и создаваат нови.
Бидејќи бројот на корисници секојдневно е во пораст, тешко е да се одбере најдобро од најдоброто, содржина која ќе им се допадне на сите.
Затоа постои Сем Морли, а неговата задача е цел ден да седи покрај компјутерот и да гледа филмови. Звучи совршено?
„Мојата работа се состои од откривање и промовирање добри видеа на нашите страници, како и одржување врска меѓу луѓето кои ги направиле видеата и страниците“, вели Морли. „Сакам да кажам дека тоа е како да си дегустатор на слатки и многу сум среќен поради тоа“.
Но не е се' така идилично: „Најлошо е што секој ден треба да ја подигнете летвичката повисоко. На страницата дневно се појавуваат илјадници добри идеи, а јас морав од нив да изберам пет најдобри“, се „жали“ Сем Морли.
Сепак, вели дека и самата организациска култура влијае на неговата работа. „Тука сум веќе подолго време и гледав како компанијата порасна од 17 вработени, до стотина, колку што ги има денес. Се дружиме и надвор од работата, кампираме заедно... Само така можеме да останеме нормални“ - завршува Сем Морли, човекот кој ја работи работата од соништата.
Извор: Утрински весник