Министерот Ивановски на изборот за „Сајт на годината 2012„
Скопје, 13 декември 2012
„Оф-нет„ е прогласен за најдобар македонски сајт во 2012 година. На второто место се најде „Факултети", додека на третото се пласира „Курир". Ова се резултатите од третиот избор на најквалитетни интернет-медиуми што се одржа денес во Инфо центарот на Европската Унија во Скопје.
Изборот на најдобрите сајтови го отвори министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски.
„Министерството за информатичко општество и администрација токму на манифестацијата „Сајт на годината“ минатата година го објави проектот за поддршка на е-трговијата којшто веќе е во завршна фаза. По разгледувањето на најдобрите бизнис-планови беа поддржани повеќе вакви сајтови, неколку веќе се промовираа, а во следниот период ќе бидат претставени и останатите. Освен оваа активност, министерството изработи голем број интернет-страници на институции, а се со цел граѓаните да бидат што подобро опслужени. Системот за е-даноци, како и тој за отворени податоци, се дел од најзначајните што ги пуштивме во употреба„ – рече Ивановски.
Инаку, првонаградени сајтови во засебните категории се: "Црно-бело" (дизајн), "Мотика" (забавен), "Курир" (информативен), "Суперспорт" (спортски), "Волксваген" (бизнис /корпоративен), "Грид" (иновативен), "Купи книга" (е-трговија), "Борка" (невладини организации), Универзитет "Св. Кирил и Методиј" (образование), "Кајгана" (мобилен), Катастар (владини / државни институции), "Креативен вомиториум" (блог).
Во изборот на најдобри македонски сајтови годинава, за првпат одлучуваа и читателите, кои ги селектираа петте номинирани во секоја од категориите. Во рамките на изборот за сајт на годината се одржа и Панел дискусија на тема „Е-трговија во Македонија, искуства и предизвици“, на која со свое излагање учествуваше и претставник од Министерството за информатичко општество и администрација. Манифестацијата „Сајт на годината„ се одржува третпат и ја организираат “Media solutions“ и системот за онлајн-реклами keepaneye.mk под покровителство на Амбасадата на Словачка и Здружението на интерактивно огласување ИАБ Македонија.
Одделение за односи со јавноста при
Министерството за информатичко општество и администрација